Коронавирус во Белградско училиште уште на 1 септември: Родителите го пуштиле детето иако чекале резултати од тест

Добивај вести на Viber

Веќе на 1-ви септември, коронавирусот влезе во белградско основно училиште, а против родителите на ученикот кој беше испратен на училиште, Министерството за образование поднесе пријава до Центарот за социјална работа за нарушување на безбедноста на другите деца и несовесно однесување.

Ова за српски „Блиц“ го потврди министерот за образование, Младен Шарчевиќ.

Случајот се случил во основното училиште „Браќа Јерковиќ“ во белградската населба Железник.

Како што дознаваме, ученикот е во трето одделение, а неговата мајка го испратила на училиште на 1-ви септември, иако ги чекала резултатите од тестот на Ковид-19.

Имено, детето било тестирано на 31 август, а родителите и покрај тоа што сè уште не знаеле дали тестот е негативен или позитивен, го испратиле меѓу другите деца на училиште. Мајката попладне дознала дека ученикот е заразен со корона и веднаш ја известила наставничката. Сепак, детето веќе ја поминало смената заедно со останатите во одделението.

Министерството веднаш реагираше

По тој повод, министерот за образование, Младен Шарчевиќ за „Блиц“, вели дека бил информиран за целиот случај од самиот почеток.

- Штом дознавме за случајот, веднаш ги презедовме сите потребни мерки за заштита. Едноставно е неверојатно дека мајката, која инаку е вработена во здравствено, го испратила детето на училиште. Откако ги информирала надлежните дека тестот е позитивен, сите се прашуваа зошто воопшто го испратила детето на училиште. За среќа, сите деца носеле маски и станува збот за мала група ученици - изјави министерот Шарчевиќ за „Блиц“.

Фото: MILAN ILIC / RAS SRBIJA

Цела група на онлајн настава

Тој додава дека групата ученици, со кои заразениот ученик бил во контакт, била префрлена на онлајн часови. Наставникот исто така не доаѓа на училиште.

Сепак, семејството е предмет на санкции за неодговорно однесување.

Пријава против родителите

- Министерството за образование испрати пријава против ова семејство до Центарот за социјална работа поради сериозно нарушување на безбедноста на другите деца и несовесно однесување - рече Шарчевиќ.

Како што додава, можеби е добро што ова се случи на самиот почеток на учебната година, да им служи на сите како поука дека мора да се грижат.

- Некои здруженија на родители и Советот на родители се врзани за училишната институција и сите мора да водат максимална грижа за да не се повторат вакви случаи - нагласи тој.

Сè уште не е познато од која причина родителите го тестирале детето ден пред да тргне на училиште, или дали тој имал какви било симптоми на болеста или какво било сомневање за коронавирус

Откриено исто така дека мајката е вработена во клиничката болница „Драгиша Мишовиќ“, што е ковид болница.

Д-р Кисиќ: Постои јасен план за тоа што се прави во такви ситуации

На првиот училишен ден, епидемиологот и член на кризниот штаб Дарија Кисиќ Тепавчевиќ зборуваше за случајот со инфекцијата, посочувајќи дека Институтот за јавно здравје „Батут“ и тимот на епидемиолози направија јасен план за дејствување во сите можни ситуации.

- Предвидени се сите ситуации и директни постапки. Без разлика дали има еден случај во едно одделение или два случаи се поврзани, колкав процент на одделенија е засегнат - се што е предвидено и во зависност од тоа, мерките можат да бидат различни - посочи таа за „Блиц“.

Според неа, во некои случаи може да има затегнување на сите превентивни процедури, на пример, на прво место мора да биде задолжително да се носи маска постојано, но исто така и целото одделение или целата смена да оди во самоизолација.

Таа посочи дека сите заводи и институти добиле препораки и дека истиот алгоритам ќе важи за целата земја.

Кисиќ Тепавчевиќ уште еднаш нагласи за „Блиц“ дека е исклучително важен апел до сите дека мора да соработуваат на сите нивоа, и дека сите се еден тим - родители и наставници и сите граѓани.

Фото: SLOBODAN MILJEVIĆ / TANJUG

Не праќајте деца со симптоми на училиште!

- Потенциравме дека секое дете, доколку има какви било симптоми, мора да остане дома додека не се утврди дали е заразено со коронавирус или не. Знаеме дека родителите ги испраќаа своите деца на училиште со благи симптоми, кога станува збор за други респираторни инфекции, но тоа не смее да биде случај со овој вирус, бидејќи децата, иако имаат лесни симптоми, можат да бидат носители - заклучува Кисиќ-Тепавчевиќ.

Таа забележува дека во конкретниот случај на основното училиште од Железник, Министерството за образование веднаш презеде најстроги мерки, бидејќи тоа се случи на самиот почеток.

- Иако немаше заразување во училиштето, овој случај треба да послужи како поука за сите - подвлекува член на Кризниот штаб.