Кристина Озимец: Новинарките се заслужни за бројни промени во општеството

Добивај вести на Viber

Новинарките низ годините имаат придонесено преку нивната работа во доста значајни промени кои се случуваа во ова општество. 
Ние во ПИНА меѓудругото се залагаме и за тоа нивниот труд, нивното знаење, лидерство и визија да се вреднува уште повеќе во нашата земја, вели Кристина Озимец од Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА во интервју за Женски магазин.

* Анализите покажуват дека жените речиси и да не учествуваат во сопственоста, а далеку поретко се и на раководните позиции во медиумите во земјава. Вие како исклучок, на што сметате дека се должи ова? Како може да се прекине таа пракса?

-Најпрвин, дали сум исклучок? Пред да решиме да ја формираме ПИНА заедно со колешките новинарки, јас исто така бев дел од овие вакви медиуми какви што сега ги имаме и функционирав една декада во истите. Новинарите кои се слободни и независни во нашето општество освен со надворешните притисоци се соочуваат и со многу неплатена работа, со неплатен одмор, хонорарна работа и работа без пензиско и здравствено осигурување или пак ниски плати. Еден проблем за кој малку се говори во медиумите е и тоа на кои начини и со кои услови може професионалците и независните новинари да дојдат до местата со одлучувачка моќ во мејнстрим медиумите. За да добијам независност и можност за целосно лидерство, требаше да најдам енергија, време, ресурси па и да преземам доста ризици со напуштањето на работно место, за да се вклучам во создавање на целосно нов простор, затоа што тоа не беше можно на начин на кој мене ми е потребен во мејнстрим медиумите кои се присутни на сцената.

Сега ние во ПИНА работиме токму на тоа, подобрување на ваквата пракса и најпрвин кревање на свеста дека постои проблем во медиумската сфера кога се работи за лидерските позиции. Второ, преку давање уште повеќе можности за дополнителен развој на вештини за развој на кариерите на новинарките и поддршка во процесот. Трето, преку јавно адресирање на проблемите со кои се соочуваат новинарките и новинарите во медиумите. Четврто, преку создавање независен простор за новинарство, слободна дискусија, дебата и развој на слободните идеи. Ние не велиме дека претходно немало успешни новинарки уреднички и лидерки, ние велиме дека треба да има многу повеќе и дека медиумите треба да се менуваат. А се уште сме на почеток, работиме со многу лимитирани ресурси, но имаме многу идеи кои една по една полека доаѓаат на ред.

* Неретко се случува новинарките да бидат онлајн вознемирувани, имаме примери и на физички и вербални напади, сексуално вознемирување, како новинарка со долгогодишно искуство, дали лично вие сте биле мета на напади? Како се справувате?

-Да, сум била мета, повеќе пати и од различните страни на политичкиот спектрум и тоа не само од очекуваните ,,дежурни виновници“. Генерално сум човек кој не говори многу јавно за тој дел од мојата новинарска работа, освен ако не направам проценка дека говорењето во јавноста за заканите или вознемирувањата е нужно за мојата личната заштита и безбедност. Треба да се говори повеќе за овие случувања, но истовремено се обидувам колку што е можно јас да не бидам приказната во јавноста, туку секогаш да и да ја дадам предноста на приказната на која работам. Но понекогаш ваквите притисоци, вознемирувања или влијанија не смеат да се сфатат ,,лабаво“ и најдобра заштита е да се информира јавноста за нив и за страните од каде што доаѓаат. Искуствата покажуваат дека јавноста, особено информираната јавност е најдобар и најголем наш сојузник на нас новинарите.

* Платформата за истражувачко новинарство и анализа беше меѓу првите што го покрена прашањето за родовата еднаквост во новинарството, зошто е важно да зборува на таа тема? Со какви проблеми и предизвици се соочуваат жените новинарки?

-Новинарите генерално кај нас се соочуваат со многу проблеми и за нив јавноста сигурна сум дека веќе е запознаена. Ниски плати, неостварување на основни права во работниот однос, несигурна работа со хонорарни договори, новинарите се работници и често се и прекаријат. Може ли да има независно новинарство кое уште ја нема достигнато просечната плата во земјата? Освен тоа, новинарките се соочуваат и со дополнителни проблеми, како онлајн вознемирување, притисоци, обиди за влијанија, закани итн. Истовремено, можеби не сите се свесни поради нормализацијата на сексизмот во нашето општество, но се соочуваат и со многу сексизам како надвор од редакциите, така и во нив.

Новинарките низ годините имаат придонесено преку нивната работа во доста значајни промени кои се случуваа во ова општество. Ние во ПИНА, освен на други наши цели, се залагаме и за тоа нивниот труд, нивното знаење, лидерство и визија да се вреднува уште повеќе во нашата земја. Има уште доста да се набројува, но наша цел, меѓудругите проекти на кои работиме е да придонесеме кон еднакви можности и општество кое ќе изобилува со професионални новинарки кои се на чело на медиумите. Само така може да добиеме поквалитетни, побалансирани и поинклузивни новинарски производи кои потоа влијаат на јавноста. Значаен дел од нашата јавност има барања од нас природно и очекува новинарство кое е соодветно за 2020-та година, но за жал имаме уште доста работа за да стигнеме таму.

* Една година од започнување на Програмата за жени новинарки, може ли веќе да се зборува за резултатите од истата, како беше прифатена и колку беше поддржана во новинарската заедница и општо во јавноста?Какви беа вашите очекувања и колку истите се исполнија?

- Во светот има повеќе новинарски платформи кои се создадени за и од новинарки и кои освен што се залагаат и работат независно новинарство, се залагаат и за подобрување на родовата еднаквост во општеството и секторот каде работат. Кај нас, на почетокот можеби на некои им делуваше малку чудно истата, имаше такви коментари кои дојдоа до мене - ,,што има сега родот врска со новинарството, зошто се става таков предзнак, ние сме новинари, не е важно дали сме жени, да не мешаме феминизам со новинарство итн“. Секако дека ги слушаме коментарите и размислуваме за нив, но од старт беше јасно дека најчесто тие доаѓаа од луѓе кои ја имаат целосно нормализирано и прифатено родовата нееднаквост како нешто што е така и нема што да се менува. Луѓе кои во редакциите каде работат самите се соочуваат со потценување и не се свесни дека тоа не смее да биде така. И луѓе кои имаат проблем со зборот ,,феминизам“, што е поврзано со длабоката и системска дискриминација врз жените во нашето општество. Добро е што и нив сме ги поттикнале да размислуваат за состојбата.

Како што ги почнавме нашите активности и се повеќе ја претставувавме визијата, секако дека дојдоа и се појавија и наши бројни поддржувачи. Всушност освен овие тивки коментари погоре кои реално беа малубројни, поддршката за Програмата беше доста широка, како од јавноста така и од колешките и колегите кои ни се приклучија и уште ни се приклучуваат во нејзината изградба. Развојот на Програмата досега ги надмина сите наши очекувања, бидејќи прв пат и ние поставуваме вакво нешто и не знаевме како ќе излезе целиот нејзин пат. Досега во рамки на Програмата сме работеле со повеќе од 20 новинарки од домашната сцена и овде не ги вбројуваме секако јавните настани или дебати кои ги организираме. За новинарките обезбедивме тренинзи и менторски процеси за мобилно новинарство и мултимедијално новинарство и сега со значаен дел од нив работиме заедно на изработка на новинарски производи кои се објавуваат на нашиот непрофитен медиум – www.pina.mk. Работиме заедно на дискусии посветени на најразлични важни општествени теми и активно следиме и разни аспекти на кризата од корона вирусот.

Дел од новинарките кои беа дел од нашата Програма, добија понуди за вработување, додека дел ги зголемија можностите за фриленс соработка или подобра работа. 
Планираме и продолжување и развој на Програмата за жени новинарки во целосно ново издание и со други надградени активности кои се надеваме дека уште повеќе ќе придонесат во унапредување на состојбата на новинарките.

* Дали позицијата на жените во новинарството ја одразува и општата слика на позицијата на жените во општеството кај нас?

- Секако, во новинарството секогаш се пресликуваат и други проблеми во општеството, нашата професија не е изолиран балон од она што се случува. Ние повторно добивме една Влада во која бројот на жените е мал и далеку од она што треба да биде, да не споменуваме дека се работи за наводно социјалдемократска влада. Многу проблеми има во нашето општество кога се работи за позицијата на жените, можеби најголем проблем е нормализација на проблемите и нивна релативизација.

* Што би ги советувале младите новинарки кои што се на почетокот од оваа кариера, како да не потклекнуваат пред предизвиците?

- Не би сакала да звучам патронизирачки кон никого. Би кажала само дека верувам дека имаат доволно капацитет самите да препознаат притисоци, влијанија или предизвици и да ги совладаат. Да препознаат манипулации или пак наредби кои служат на туѓи интереси и да се изборат, особено кога доаѓаат од позиција на лажни авторитети. Мислам дека помладите генерации помалку почитуваат авторитети и тоа во ова наше општество исполнето со лажно набилдани титули и кариери е одлична вест, многу се радувам кога ги гледам помладите колеги како не им молчат на одредени небулози. И би додала дека ние во ПИНА сме тука во рамки на нашите можности да им помогнеме во предизвиците со кои се соочуваат.

Можеби е мала дигресија, но ќе ја споменам -работиме доста во нашите проекти со млади новинари и пред да почне кризата со корона вирусот бев како предавач на еден семинар каде бев многу пријатно изненадена. Младите колеги кои работат во медиуми со целосно спротивставени уредувачки политики се дружеа и имаа добри пријателски односи, настрана од работата. Го видов ова како добра вест и на некој начин жал ми е што претходно ова изгледа дека не беше или ретко беше возможно.

* Новинарство во време на корона кризата – според вас кои беа најголеми проблеми и предизвици пред кои се исправија новинарите за време на пандемијата?

Мислам дека самата криза ќе ја погоди и медиумската сфера, исто како и другите сектори. Ќе видиме допрва како истата ќе влијае на финансиите кои се вложуваат или влегуваат во медиумите по разни основи. Новинарите како работници чија професија често бара теренска работа и работа меѓу луѓе, секако дека се изложени на опасност од корона вирусот, но сепак мислам дека се прават обиди за заштита, се носат маски, се следат препораките или се работи онлајн. Претпоставувам дека најголемиот предизвик ќе биде економскиот и се надевам дека нема да има помасовни намалувања на кадри во медиумите. Професионалните новинари и се потребни на јавноста, сега, повеќе од било кога.

* Го организирате и Истражувачкиот филмски фестивал Скопје [www.iffs.mk], неколкудневен медиумски настан, прв од ваков вид кај нас. Ќе има ли и годинава фестивал и што ќе може да очекуваме?

Годинава ќе се случи четвртиот ИФФС - медиумски фестивал во организација на ПИНА и токму сега работиме на програмата на новото издание на фестивалот. Поради кризата со корона вирусот, се одлучивме за најбезбедната опција и фестивалот ќе го одржиме целосно во онлајн издание, со оглед на тоа што секоја година го правиме во октомври. И покрај тоа, мислам дека ќе успееме да најдеме одлични и интересни говорници, работилници, дискусии и филмови за нашите виртуелни посетители и повторно да дадеме придонес со освежување на идеите во медиумската сфера.


Љ.Иванова