Љубовна приказна на музичарот Даниел Тошевски и Росана, лица со оштетен вид: Многу се сакаме, за нас нема препреки
Љубовта не значи да се гледате само очи во очи. Ниту пак јазикот на љубовта се чита само во очите. Таа е нешто подлабоко и посуштинскo. Пример за тоа се Даниел Тошевски (38) и неговата сопруга Росана (29), лица со оштетен вид, кои неодамна стапија во брак.
-Се запознавме во Културно Уметничкото Друштво „Билјана“, кадешто двајцата членуваме. Таа по професија е фризерка, се занимава со Фризерско-козметички услуги. Но, исто така се занимава и со пеење. Верувале или не, веднаш ја почувствував љубовта. Росана не е слепа од раѓање, како мене. Се дружевме речиси еден месец. А потоа дружењето прерасна во љубовна врска која траеше шест години. Од неодамна сме во брак и многу сме среќни. Ја запросив во еден спа центар во Скопје вели Даниел и дополнува дека тоа било изненадување како за Росана, така и за семејството.
- И покрај тоа што двајцата сме 100 проценти без вид, со гордост можеме да кажеме дека попреченоста воопшто не нѐ спречува нормално да функционираме, дури и подобро од останатите луѓе. Ако нешто во животот не се сака, се бара причина. А ако се сака, се бара начин. Може звучиме нескромно, но не се даваме лесно и не запираме пред ништо. За нас нема препреки. Секако најголемата поддршка ја имаме од семејството и од пријателите кои нѐ разбираат и почитуваат. - открива тој.
Даниел Тошевски досега снимил 8 авторски песни и 6 преработки на стари македонски нумери. Афинитети кон музиката покажал од најраната возраст.
- Родителите ме заспивале со музика. По моите чекори го насочив и мојот брат, Виктор. Тој е студент со просек 10, 00 на Универзитетот Еуропа Прима - отсек музичка композиција. Се радувам што на публиката ќе оставиме братски печат со обработката на песната „Стари спомени“, која на Фолк „Фест Валандово 89“ ја отпеа покојниот Момо Николовски. Тој е и автор на текстот, а музиката е на Григор Копров. Клавирскиот аранжман е дело на брат ми. Како придружни вокали се јавуваат Анастасија Илиевска и Викторија Ефтимова, уценички од МБУЦ Илија Николовски Луј– вели музичарот.
Тошески има искуство од настапи на фестивали за лица со попреченост. Во 2013 година добил прва награда од стручното жири на Фестивалот за слепи и слабовидни лица од поранешна Југославија, кој се одржува во Тузла, БиХ. Настапил со темата„Пјесма је наша свјетлост“. Две години подоцна на истиот настан освоил трета награда од стручното жири. Во 2017 година настапил во Перник Република Бугарија, на Меѓународниот Републикански Фестивал за лица со попреченост и освоил Златен медал. Ланската година ја заокружил со прва награда од стручното жири на манифестацијата Музички Смотри во организација на Националниот Сојуз на Слепи на Македонија, која се одржа во просториите на Домот на хуманитарни организации „Даре Џамбаз“, со песната „Ти ли се најде, Лено мори“, преработка на стара македонска песна.
- Учествувам и на настани рамноправно со останатите пејачи од нашата сцена. Во 2019 годинана меѓународниот фестивал „Пирин Фолк Сандански“, каде се негува македонскиот мелос, Општината ми ја додели наградата за најдобра песна, вели музичарот кој соработува со еминетни музичари.
- Познат сум во нашата земја и досега не сум наишол на никаква пречка да се појавам на ТВ, на радио и на порталите.Сепак, треба уште да се работи за квалитетна промоција на нашата музика, како за сите музичари, така и за нас. Да има инклузија и за лицата со попреченост. Сепак, не можам да се пожалам.– посочува тој. Тошевски, нема да застане со активностите во музиката, ниту пак да го напушти КУД „Билјана’.
- Подготвувам нова песна, како и преработки на стари македонски песни, кои досега не се оживеани. Планирам да издадам двоен албум, едно цеде со стари и едно со новосоздадени песни. Колку и да имам професионални ангажмани, во слободното време ќе настапувам за КУД „Билјана“ при Здружение на слепи лица на Град Скопје, каде членувам 20 години.Таму се поврзани моите почетоци со македонската народна музика. Како велат„Нов бунар копај, во стариот не плукај.“Во слободното време исто така многу читам книги.
Посебно ме интересираат автобиографските книги, бидејќи тие се напишани според душата и срцето на човекот. Значи нешто ти се случило, па те поттикнало да го напише делото..Малите нешта ме прават среќен. Ме радува кога некој ке ми рече: „Дојдов да те видам.“ Или кога ќе ми рече: „За тебе ќе најдам време.“ Или пак кога некој ќе ми каже: „Се гордеам што те познавам.“ Е, тоа е среќа, кога си опкружен со добри луѓе, луѓе кои знаат и сакаат да те разберат и да те прифатат токму таков каков што си.– заклучува Даниел.
СОЊА АЛЕКСОСКА НЕДЕЛКОВСКА