Магичен концерт во Охрид: Весна Ѓиновска- Илкова пееше во чест на Зафир Хаџиманов, Нина Спирова, Сашка Петковска и Симеон Гугловски

Магични се гласот и изведбата на оперската примадона Весна Ѓиновска- Илкова. Во прекрасниот амбиент на црквата Света Софија во Охрид, таа одржа концерт кој е во рамките на обележувањето на 30 години од макдонската независнот.

Мекиот и беспрекорно чист сопран на Весна, по тој повод нè прошета низ антолигиската македонска музика, од класични теми, преку традиционални песни, до најубавите поп евергрини.


Во првиот дел од концертот, Ѓиновска- Илкова избра дела од Тодор Скаловски, Томислав Зографски, Благој Цанев, Трајко Прокопиев, Димитије Бужаровски... Во вториот, на сцената ѝ се придружи гудачкиот квартет на Ерхан Шукри, и започна патувањето низ најромантичниот период од домашната забавна музика.


Весна во повеќе наврати има раскажано дека токму Симеон Гугуловски е заслужен за нејзините музички почетоци. Слушајќи ја во Галичник како многу мала како ја пее „Зајди зајди“, тој го открил големиот музички талент во неа. Понатаму, таа била во рацете на истакнатата македонска оперска пејачка Милка Ефтимова, нејзината прфесорка по соло пеење. На овој концерт се преплетоа приказните на Гугуловски и на Ефтимова. Весна во негова чест ја испеа легендарната „Сè што сакав“, а токму Милка Ефтимова дојде да ја испочитува својата ученичка, и ѝ подари цвеќе на крајот од концертот.


Оперската дива не пропушти да ги испочитува Зафир Хаџиманов, пеејќи ја со многу емоции „Саноќ седам трено“, ниту Сашка Петковска со можеби најоригиналната и најубава праработка на „Бакни ме“. Никој во публиката не трепна кога ги пееше „Еден бакнеж„ и „Езеро мое“ од Нина Спирова. Штета што на концертот не беше Виолета Томовска, да ја слушне Весна со нејзината „Молитва“, која ја повтори и на бис, на задоволство на публиката.


Секоја чест за ова несекојдневно уживање што ни го подари оперската првенка заедно со Кристина Светиева, Бобан Мирковски и Ерхан Шукри Квартет, во организација на „Баги комуникации“.

Милица Џаровска