Македонка – низ призмата на пет успешни жени

Клара Цеткин и Роза Луксембург го смениле светот со својата борба за правата на жените. Целта на двете храбри пријателки била жените да добијат право на глас, да им се подобри положбата во општеството и да имаат еднакви плати со мажите. Нивната борба резултирала со назначување на Денот на жената, кој за првпат се одбележал на 8 март 1909 година во САД. На овој датум се случил и пожарот во текстилната фабрика во Њујорк , во кој погинаа повеќе од 100 жени. Историски гледано 8 март е замислен како посетник на жените во целиот свет да се борат за своите права.

И по еден век, оведе, на овие простори, лебди прашањето - дали македонските жени го прославуват празникот само како сеќавање на текстилните работнички, на Цеткин и на Луксембург, или тој е симбол за борба во сите аспекти на секојдневното битисување. Како би ја опишале македонската жена? Колку таа успешно жонглира меѓу семејството и кариерата? Се избори ли за рамоправноста, родовата еднаквост? Дали ѝ е потешко да стигне до врвот? Кои се предностите ако на чело на една институција е жена?

На овие прашања одговараат пет успешни жени во Македонија- Весна Стојановска, Анета Антова Пешева, Пенка Мукаетова, Магдалена Трајковска Трпевска и Татјана Стерјева.

Жени со самодоверба и со своја животна цел. Стабилни, интелегентни и независни. Имаат способност да живеат овде и сега. Поседуваат комуникациски вештини, грациозност и елеганција, но и природност и искреност. Доказ за реализација на идеалите на Цеткин и Луксембург. 

ВЕСНА СТОЈАНОВСКА ( Генерален директор на КБ Прво пензиско друштво)

Македонската жена е образована, посветена, амбициозна и храбра

- За жал, кај нас сè уште постојат стереотипи кои се однесуваат на позицијата на жените во општеството. Сепак, и покрај тоа, особено ме радува фактот што во последно време жените се сè поприсутни на раководни позиции во компаниите, регулаторните тела, па дури и во извршната власт. Кога би се навратиле назад 10 -тина години, бројот на жени на овие позиции е значително зголемен. Ова се должи пред сè на фактот што сè поголем број на жени во РСМ континуирано вложуваат во своето образование и надградување на вештините и се водат од нивните амбиции за професионален развој.

Семејството е најважна алка во општеството, тоа е местото од каде што се гради личноста, се воспитува и се насочува

- Со оглед на тоа, значајноста на улогата на жената во семејството е од суштинско значење. Од друга страна, насоката кон професионален развој на жените во поново време не заостанува во однос на мажите, со што изнаоѓањето на совршениот баланс, како и умешноста да се спојат овие две женски улоги е клучна за постигнување на успех. Да се комбинираат заедно овие два важни аспекти на истовремено посветена сопруга, мајка и домаќинка и од друга страна успешен професионалец, насочен кон кариерниот развој е едно комплексно прашање кое бара вложување на многу труд, посветеност, грижа и внимание. Истовремено, подеднакви заложби на професионален и приватен план и воспоставување на рамнотежа помеѓу секојдневните обрвски кои овие улоги ги носат сами по себе.Сепак, како во семејството, така и во општеството, „формулата„ за успех се темели токму на разбирањето, поддршката и балансираната поделба на обврските помеѓу мажите и жените. Лично сметам дека постигнувањето на рамнотежа помеѓу семејството и кариерата не е воопшто тешко, сè додека ја имаме потребната поддршка во секојдневните активности во секој домен, особено во семејните обврски, каде што товарот е голем.

Концептот на еднакви можности на мажите и жените сè уште претставува предмет на дискусија

- Имено, жените сè уште се соочуваат со нееднаквости во однос на можноста во многу сфери од општеството.Сепак, сметам дека жените значително ја сменија сликата во македонското општество во последните години. Верувам дека она што недостасува во нашето оштество е храброста. За да се избалансира машко-женскиот свет, потребно е ние жените да превземеме иницијатива и поактивно и похрабро да се вложиме во целокупниот процес.Сузбивањето на стереотипите и унапредувањето на положбата на жените во сите сфери на јавниот и приватниот живот е еден од клучните аспекти за просперитет на целокупното општество, а особено ме радува фактот што нашата економска сфера и стопанството се движат во таа насока.

Имајќи ги во предвид сите предизвици со кои се соочува при градење на професионалната кариера, како и балансирањето со приватниот живот, ангажманот на жените кон патот до врвот е многу поголем во споредба со колегите мажи

- Особено што дополнително треба да се рушат табуата во однос на улогата на жените во општеството. Градењето на професионална кариера бара комплетна посветеност, заложба и повремени одрекувања од многу други работи, како и поддршка од семејството во најголема мера. Сепак, моќта е во амбицијата, упорноста, самодовербата и независноста.

Во еден систем на управување, еднакво е важно присуството и на мажи и на жени

Зајакнувањето на економската позиција на жените, како и еднаквите можности во професијата и раководењето со повисоки позиции можат да бидат клучни во менување на економската моќ на земјата. Економското јакнење на жените преку обезбедување на поддршка за нивниот кариерен развој, вреднувањето на нивниот труд и еднаквоста на пазарот на трудот, придонесува за продлабочување на родовата еднаквост, поттикнување на мотивацијата и охрабрување на жените во нивниот професионален напредок.

АНЕТА АНТОВА ПЕШЕВА (Генерален менаџер Ултра- Унет“ групација на компании, Претседателка на МАСИТ –Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии, почесен конзул на Канада во Македонија) 

Македонската жена е своевиден феномен

-Со години успешно се справува со позицијата која и е доделена во државата, која декларативно се залага за родова равноправност, а во суштина тоне во својата длабока илузија дека равноправноста постои. Во една прилика веќе кажав дека нашата држава не е ниту машка држава, туку таа е држава во која царува “мачоизмот” како основна филозофија на постоење. Непримерна политика на декларирани права и слободи, а од друга страна политика во која на машкиот пол му е дозволено скоро сé, додека на жените им е понудена позицијата на тивок партнер, кој треба да ги издржи многуте секојдневни понижувачки шиканирања. Жените скоро и да ги нема во политичкиот живот. Ги нема ниту во водечките позиции во бизнисот и во социјалниот живот. Сé што ќе се посочи како пример за успешна девојка или жена е само показател дека тоа е изолиран случај, а не пракса. Со неколку исклучоци како на пример ИКТ секторот, во кој работам, малку се секторите и областите во кои вистинска равноправност постои. Да бидам искрена пријатно ме изненадуваат некои компании како на пример Комерцијална Банка, која на највисоките раководни позиции има многу жени. Инаку, вистинската равноправност жените можат да ја постигнат само со финансиска независност. Затоа младите девојки треба да бираат професии кои тоа ќе им го овозможат.

Посебно е прашањето колку успешно жената жонглира меѓу семејството и кариерата.

-Во нашата држава, домашната работа како да е предодредена за жените. Ретко ќе сретнете мажи кои семејните и домашните обврски се спремни да ги поделат со жените. Како тоа да е ексклузивна задача на жените, кои за живо чудо храбро и достоинствено го извршуваат, жонглираат како вистински виртуози помеѓу семејните и работните обврски и успеваат еве толку долго да го оддржат македонското семејство, а со тоа и општеството во целина. Дефинитивно, ова е нешто што треба да нé загрижи, замисли и да се промени. Перцепцијата за машка или женска работа треба да се ревидира. Во современиот свет не постои поделбата на машки и женски обврски.

Тоа што македонската жена имала право на глас порано и од некои држави во развиена Европа, за жал денес не значи ништо

-Македонската жена е сé уште заробена во рамките на стереотипот “каде ѝ е местото”. Декларативно равноправноста е тука, ама реално не е тука. Ја нема во политиката, ја нема на врвните позиции, ја нема во делот на општеството каде се носат вистинските одлуки. Таа по правило е некаде блиску до врвот, ама на врвот ја нема. Многу ќе треба да се работи на тоа, особено заради тоа што се трудиме да бидеме дел од цивилизирана Европа, а со фактичката ситуација сме подолу и од некои земји за кои имаме предубедување дека се на тотална родова нееднаквост. За среќа или за жал, често учествувам на средби на највисоко ниво во кои кога ќе ја погледнете сликата од настанот во полна сала мажи, ќе видите дека има само неколку женски ликови.

На жените им е потешко да стигнат до врвот, а за тоа се сами виновни.

-И кога и покрај сите перипетии ќе стигнеме блиску до врвот, често во последен момент се повлекуваме и дозволуваме на врвот да стигне некој маж. Се задоволуваме со малку, не го “загризуваме” предизвикот кој од време на време се појавува. Тоа не смее да ни се случува особено кога жените ги имаат истите квалификации и квалитети како и мажите за одредена позиција. А за тоа дека жената може многу да направи ако е наврв, доказ се многу индивидуални примери на жени кои под нивно раководство имаат постигнати забележителни резултати.

Предности на жена лидер

-Тие се добри преговарачи, лидери со чувство за коректни односи внатре во колективот, имаат емпатија. А, покрај сé го имаат и “женскиот инстикт” во кој јас многу верувам.

ПЕНКА МУКАЕТОВА (Oсновач и генерален менаџер „Консалтинг Интер Груп“)

Опис на македонската жена

-На ова прашање би можела да зборувам со часови, поради мојата долгогодишна работа како бизнис консултант, ментор,промотор и горд поддржувач на женското претприемиштво. Но, накратко македонската жена е - отмена дама, лесно кршлива порцеланска кукла и воена хероина. Низ годините имав можност да работам со голем број од нив и да бидам сведок на многу нивни животни ситуации,па отаму да извлечам дефиниција за секоја поединечно.Од тоа како дамски знаат да се носат со сите животни улоги, посветеноста,добрата организација,образованието,стекнувањето на нови животни вештини, да побараат помош кога им треба, да помогнат кога е потребно. Во еден миг на силни емотивни падови лесно да се скршат како порцеланска кукла, да се искршат на милиони парченца, за веќе во следниот да се издигнат како најголема воена хероина. При тоа истото да не се одрази ниту на работата, семејството ниту пак на општеството.

 Од причина што доаѓа од реалниот сектор може да каже дека нејзините притприемачки и менаџерки, успешно знаат да се носат во улогите на врвни професионалки и посветени сопруги и мајки и домаќинки

- Добрата организација, дисциплината и истрајноста се битните постулати за да можат да бидат подеднакво присутни во домот и организацијата која ја водат. И не само балансот помеѓу професијата и семејството. Грижата за себе посветеноста за здравјето и негата, е подеднакво важна за да може жената да се карактеризира како успешна. Жените се многу поорганизирани и поспособни во делот да извршуваат многу повеќе работи од мажите.

Според статистички податоци, нема некој голем напредок во борбата за рамноправност, родва еднаквост

-Но, од лично искуство доколку анализираме како било пред 10 години и сега, во секој случај работите се придвижија. Во приватниот сектор има сé повеќе жени на менаџерски позици. Исто е и со банкарскиот и осигурителниот сектор. Во однос на платите и пристапот до финансии јазот е сéуште голем.

Од денешна перспектива, позициите и можностите жените сами ги креираат. -Има само јасно поставени цели, голема дисциплина, непрекинато надоградување од сите области, следење на глобалните трендови,искористување на сите можности кои ни стојат на располагање. Поголема отвореност, вмрежување и што е најважно во последно време прифаќање на новите форми на начини и комуникација, организација и работа, а тоа е дигитализацијата. Од лично искуство најмногу вербата во себе и прифаќање на сите предизвици.

Жената лидер има подобри организациски услови и поголема пристапност

- Создава потопла атмосфера во самата организација или институција. Има посрдечен и пријателски однос со вработените, клиентите и соработниците,

М-Р МАГДАЛЕНА ТРАЈКОВСКА ТРПЕВСКА (Основач и генерален менаџер „ ТЕХНОЛАБ доо Скопје)

Македонката е личност која успешно ги брише стереотипите и гради сосема нова слика за себеси во глобалното огледало

-Таа се бори паралелно на неколку полиња и не потклекнува пред предизвиците на новото време. Ја почитува традицијата, но истовремено креира и нови начини на функционирање, не сакајќи да биде роб на наметнати правила од минатото и подредена улога во општеството. Македонската жена е свесна за своите вредности и лимити, не потклекнува пред високи бариери и  учествува во борбата за еден поубав, понапреден и похуман свет, рамноправно со целокупната светска женска популација. 

Прашањето колку успешно жонглира меѓу семејството и кариерата, апсолутно може да им се постави и на мажите

-Но, во нашата средина, за жал, на жената сé уште гледаат како на некој што треба да „жонглира“ помеѓу приватниот и професионален сегмент од животот. Постоиме во свет во кој рапидно се бришат родовите разлики во однос на способностите и обврските, па оттука, нормално е и во Македонија да почнеме поактивно да гледаме на оваа тема низ широко отворен прозорец. Успешноста на жената не смее да се валоризира само низ призмата на семејните вредности, туку во целина, значи како реализирана сопруга, мајка, професионалец и општествен деец. Сметам дека борците за женска еманципација се фокусираат само на напорите да се докаже дека жената е еднаква со мажот, а не дека мажот и жената треба да бидат подеднакво еманципирани, што во основа, претставува еден многу поразличен концепт на гледање на работите. Познавам мажи што користат родителско отсуство по добивањето принова во семејството, додека нивните сопруги продолжуваат да одат на работа. Ова сé уште не е доволно „одомаќено“ на нашите балкански простори, но процесот е неодминливо започнат и длабоко сум убедена дека ќе продолжи да се зголемува процентот на жени од кариера кои не користат породилно отсуство.


Широко прифатен факт е дека родовата еднаквост е еден од клучните показатели за нивото на еманципација на секое современо општество

- Притоа, за мене поимот „еманципирана жена“ значи истовремено и „еманципирано општество“. Односот кој средината го има кон родовите улоги на жените многу кажува и за степенот на неговиот развој и напредок. Не смееме да останеме слепи и и глуви на извештаите дека женската популација се соочува со родова нееднаквост и нееднакви можности, но од друга страна, ние не сме некој голем исклучок, зашто ситуацијата не е многу поразлична ниту во најразвиените западни општества, со кои толку многу сакаме да се споредуваме и од кои сакаме да земеме пример. Имајќи го сето ова во предивд, сметам дека нашата држава има направено голем позитивен исчекор во таа насока, но патот пред нас е долг и имаме уште многу работа, доколку сакаме местото на жената да не е ограничено во ниту еден конкретен смисол.

Успехот не познава пол, раса, националност или вера. На врвот се искачуваме не според тоа дали сме жени или мажи, туку според тоа со колкав личен и професионален капацитет располагаме и со колкав ентузијазам и верба чекориме кон нови достигнувања

- Работата и бизнисот не трпат импровизации - или поседуваш квалитет и стручност, или не. Доколку зборувам од лично искуство, морам да кажам дека мојот пат кон врвот не беше послан со ружи.Почнав буквално од нула, но бев вооружена со знаење, огромен ентузијазам и силна посветеност и во таква една констелација, успехот не можеше да изостане. Дваесет и две години се наоѓам на чело на компанијата ТЕХНОЛАБ во која го вложив моето знаење во областа на заштита и унапредување на работната и животната средина, но и мојот ентузијазам и љубов кон лабораториските испитувања особено во делот на животната и работната средина. Технолаб е приватна компанија која 22 години работи во областа на лабораториски испитувања и консалтинг во животната средина и безбедноста при работа.Мојата цел беше и сéуште е да дадам придонес во утврдување на состојбите со квалитетот на средината во која живееме и работиме, бидејќи квалитетните решенија за подобрување зависат од точно утврдените состојби на медиумите на животната и работната средина и од утврдување на главните причинители за таквата состојба. Всушност, да се живее, работи и твори во чисто и здраво опкружување е право на секој од нас, но и обврска да се делува во правец на унапредување и заштита на животната средина која не само што е заедничка за сите, туку е и наследство за идните генерации.Со голем ентузијазам и посветеност заедно со тимот ја развивме нашата теренска и аналитичка лабораторија која од 2008 година функционира како прва акредитирана лабораторија во Република Македонија согласно интернационалниот стандард за компетентност, ISO 17025, за испитувања во животната и работната средина.Нашата Лабораторија заедно со Акредитираното инспекциско тело за контрола се квалитетна поддршка на секторот Консалтинг, во изработка на најразлични проекти и студии, како и подршка на Едукативениот тренинг центар за спроведување стручни експертски обуки. При тоа, секогаш ја имав поддршката од моето семејство, кое ме мотивираше да преземам нови и нови чекори, преку кои стасавме онаму каде што сме сега.Предизвикот да се биде пионер и лидер во областа во која делува компанијата Технолаб е мојата секојдневна движечка енергија,зашто заштитата на животната средина и безбедноста при работа се од исклучителна важност за сите.

Никогаш во работата не сум ги делела луѓето на мажи и жени, туку на добри или помалку добри соработници. Индивидуалните црти на личноста, лојалноста и сериозниот однос кон задачите е она што носи резултати, а не полот на работникот

Но, ако веќе морам да направам некои провизорни разлики во однос на мажите и жените лидери, еве, ќе се осмелам да кажам дека можеби жените во сложени ситуации се малку поаналитични и потактични, а неретко и мултифункционални - нешто што, според мое искуство, поретко се наоѓа кај мажите. Жената е навикната историски, ако сакате и според своите генерални предиспозиции. по автоматизам, подеднакво успешно да се справува со по неколку паралелни активности. Според некои истражувања кои неодамна ги прочитав, жените лидери покажуваат подобри резултати во односот кон вработените и комуникацијата со нив, што самото по себе повлекува и подобри заеднички перформанси на целиот тим. Но, во суштина, за мене добар лидер не е способен маж или способна жена, туку способна ЛИЧНОСТ.

М-Р СПЕЦ. ФАРМАЦЕВТ ТАТЈАНА СТЕРЈЕВА (СОПСТВЕНИК И ГЕНЕРАЛЕН МЕНАЏЕР НА ЕУРОФАРМ)

Сите жени  се различни меѓу себе и не би можеле да изградиме една општа слика на денешната жена

-Стереотипите со кои се среќаваме секојдневно всушност се различни квалификации, успешни и амбициозни жени, успешни жени и добри домаќинки, убави жени, прогресивни, традиционални жени итн. Генерално, македонските жени, како и многу жени во светот, сè уште се наоѓаат во вителот меѓу патријархалните вредности и борбата за еднаквите можности. Сепак, различностите меѓу нив постојат и не дозволуваат едно генерално отсликување на тоа каква е денешната жена. Моето лично доживување за македонската жена е образована, работлива, остроумна, жени посветени на работните задачи и на семејството. Но, сè уште оптоварени со стереотипите за позицијата на жената во семејството, бизнисот и општеството.

Секојдневно се трудам да ја пронајдам таа природна рамнотежа помеѓу деловните и приватните обврски

- Сонот за сопствен бизнис бараше подготвеност, посветеност и истрајност во справувањето со сите предизвици и пречки што се појавија на патот на неговото остварување, бараше многу професионални и лични откажувања, но денес се гордеам со секој успех, признание, награда, задоволен клиент на брендот ЕУРОФАРМ.  Успешна, реализирана и среќна жена е сестрана жена, жена која успешно ги испреплетува и остварува сите животни улоги. Се радувам што мојата успешност во деловниот свет е дополнета со среќна семејна приказна , во која сум горда сопруга и посветена мајка на две прекрасни деца, кои ми ја даваат најголемата мотивација, енергија и сила во најтешките животни предизвици. Уживам во секој слободен миг поминат со нив, во семејните собири со поширокото семејство, како и во дружењето со пријателите. Моќта е во знаењето, информираноста, здравјето, самодовербата, независноста. Ако жената го има сето ова, тогаш  таа е моќна и сосема рамноправна со машкиот свет, но, балансирањето на деловните и семејните обврски ја прават за чекор подобра во споредба со мажите.

Родовата рамноправност и  родовиот аспект треба да се вклучени во сите текови на нашето живеење

-Само така ќе имаме складно и успешно општество. И покрај позитивните промени коишто се случуваат, треба да прифатиме дека во областа на почитување на еднаквоста на половите во бизнис секторот сè уште претстои голем труд за да се постигне целосна полова рамноправност. На мое големо задоволство, се поголем е бројот на жени претприемачи и жени кои се на лидери во многу области од бизнис сферата. Таквите трендови се корисни и ќе придонесат за полесно и побрзо надминување на родовата нееднаквост и рамноправност. Сите мораме да работиме на надминување на стереотипите за местото и улогата на жената.

Реалноста покажува дека жените се помалку застапени на раководни позиции

-Родовата нееднаквост и нееднаквите можности помеѓу мажите и жените се глобални феномени, коишто не ги одминуваат ни најразвиените модерни демократски општества. Умереноста и балансот се клучни за сè, па така и за успехот. Многу често, успехот  се карактеризира како дел од работата, но не е само тоа. Успех е да имаш и добри пијатели околу себе, да имаш семејство што се поддржува, да умееш да балансираш. За жал, борбата за еднаквост ни се случува секојдневно и тоа со силна патријархална основа, каде сè уште се преценува улогата на мажот како главна сила, а од друга страна се потценува улогата на жената. На жената секако и требаат повеќе вештини на патот до врвот, не тоа не прави уште посилни и пофокусирани кон целта.

Како генерален менаџер своето работење го темелам на градење на добра работна средина

-На иновативно, прагматично и етичко менаџирање, постојана едукација и усовршуваше на вработените, следење и имплементирање на највисоките стандарди за квалитет, со особен акцент на активностите за помош на заедницата. Фармацијата генерално се сметa за женска професија, па така и во нашата компанија речиси 90% од вработените се жени што ме прави уште посреќна и позадоволна како работодавач. Грижата за моите вработени, тие ја претвораат во грижа за нашите купувачи, клиенти и соработници, градејќи ја притоа нашата успешна приказна. Жените се апсолутно фокусирани на создавање и одржување на односите со вработените, на амбиентот и атмосферата во компанијата кои ги смета за клучни во постигнувањето успешни резултати. Тоа секако се предности и вештини кои жената ги поседува и кои ја прават поинаква и поподготвена во „машкиот свет„.

Соња Алексоска Неделковска