„Макфест“ има сѐ помалку хитови, но за секоја примена песна се плаќаат по 700 евра

Општина Штип го распиша конкурсот за избор на композиции кои премиерно ќе бидат изведени на јубилејното 35-то издание на „Макфест“ кое годинава ќе се одржи во првата половина на октомври. За секоја примена песна на фестивалот е предвиден хонорар од 700 евра, без разлика дали истата ќе биде дополнително наградена од публиката и од жирито или не.

- Организаторот со авторите и изведувачите чии дела ќе бидат избрани на Конкурсот, ќе склучи договор и ќе им исплати надомест во износ нето 43.000 денари - стои напишано во Конкурсот.

Според пропозициите, еден автор на музика или текст може да учествува најмногу со две нумери, а тоа значи дека ако е комплетен автор, што е сѐ почеста пракса, еден ист човек може да ќари дури 1.400 евра само од учество.

Кај што има пари, има и малверзации. Често се форсираат исти автори, а сѐ погласни се и муабетите дека одредени етаблирани композитори и текстописци понекогаш своите авторски дела ги потпишуваат под друго име за да можат да се натпреваруваат со повеќе од две песни колку што дозволуваат правилата, велат нашите извори.

Изборот на композициите го прави Селекциона комисија, а организаторите секогаш го задржуваат правото да нарачат композиции од други домашни или странски автори ако пристигнатите песни за нив се, како што пишува во Конкурсот, „несоодветни и недоволно квалитетни“ што дополнително отвара сомнеж за фаворизирање на уметници кои се поблиски до менаџментот на фестивалот.

Иако последните години на „Макфест“ има сѐ помалку хитови, па дури и меѓу победничките рефрени, оние што редовно учествуваат на фестивалот очигледно е дека се задоволни од наплатениот труд. Сепак, најмногу пари за оваа намена се трошеа во времето на претходната владеачка гарнитура кога само за победничката песна се делеа и до 20.000 евра.  

Лани победи Мартинијан Кириловски со песна на Ристо Самарџиев, еден од најнаградуваните автори и изведувачи на „Макфест“

Годинашниот Конкурс е отворен до 10 март. Според пропозициите, на испратените материјали не смее да бидат наведени имињата на авторите и на изведувачите и тие податоци се доставуваат во посебен плик.

На „Макфест 2020“ ќе се доделат седум парични награди во вредност од 11.000 евра. Победничкиот тим дома ќе си замине со 5.000 евра, втората награда е 3.000 евра, а за третопласираната нумера се одвоени 1.000 евра. По 500 евра Општина Штип одвои за најдобра вокална изведба, најдобар аранжман, најдобар дебитант и за најдобар сценски настап. Дали ќе продолжи трендот од народни пари да се финансираат композиции со сомнителен квалитет, и овојпат ќе покаже вкусот на публиката.

Ѓ.С.