МАМА, ШИШАЈ МЕ ДА ЈА ПОДАРИМЕ КОСАТА: И Миа Марија ги донираше плетенките за перики за болни деца

Добивај вести на Viber

Миа Марија виде слики од дечиња кои се болни и немаат коса, и ѝ објаснив дека може да им помогне ако им ја даде нејзината, за да имаат коса и тие дечиња и да се радуваат. Веднаш се согласи. Седна и ми кажа:  Мама, шишај ме, да им ја однесеме косата на тие дечиња. Јас ја ишишав бидејќи немаше трпение ни да отидеме на фризер. 


По шестгодишниот Максим Кочовски кој донрише коса за перики за деца болни од рак во Холандија, истото хумано дело го направи и четиригодишната Миа Марија од Скопје. Нејзината мајка, Даниела Николовска вели дека од мала ја воспитува својата ќерка да биде хумана, и самата ѝ ја скратила косата, затоа што немале трпение да отидат на фризер. 

„ Миа Марија не беше шишана откако е родена. Кога веќе ѝ порасна долга косата, ми дојде идеја дека можеме нешто корисно да направиме, па почнав да истражувам за донација. Истражувајќи, прво налетав на здружението „ЗЕДМ сложувалка“, ги исконтактирав и ми објаснија како оди постапката за донирање, ми дадоа инструкции и ме упатија каде да ја донирам“, раскажа мајката за Женски магазин. 

Миа Марија е воспитувана да биде хумана. Секоја прилика ја користиме да помогне и да извлекува поука од тоа и веднаш се согласи.- Даниеа Николовска со ќерката

„ Тогаш ѝ покажав на Миа Марија слики од дечиња кои се болни и немаат коса, и ѝ објаснив дека може да им помогне ако им ја даде нејзината, за да имаат коса и тие дечиња и да се радуваат. Миа Марија е воспитувана да биде хумана. Секоја прилика ја користиме да помогне и да извлекува поука од тоа и веднаш се согласи. Седна и ми кажа:  Мама, шишај ме, да им ја однесеме косата на тие дечиња. Јас ја ишишав бидејќи немаше трпение ни да отидеме на фризер. Во ниеден момент не се предомисли и секој ден прашува дали некое дете ја добило нејзината коса. Ја ишишавме косата само за таа намена и среќни сме што некое детенце ќе се израдува. Сега чекаме да порасне повторно за да ја донираме уште еднаш. Се надевам ќе поттикнеме и други на ваков убав гест“, додаде Николовска.

Кога ќе ѝ порасне косата пак ќе ја шишаме.- Даниела со Миа Марија 

Миа Марија, оди во градинката „Бели мугри“ , учи англиски и наскоро ќе почне да изучува и балет. И нејзината мајка била нетрпелива како и ќерката, косата што побрзо да стаса во вистински раце.

„ Ја следев пратката преку пошта додека патуваше, и добив информација дека веќе е пристигната во Амстердам. Сега очекуваме и-меил од тамошниот фризерски салон да ни кажат кога косата ќе биде изработена и подарена“. 

Своите плетенки, за изработка на перики во Холандија ги донираа и други девојчиња и девојки: Јана, Ангела, Вероника, Косара, Санела, Дијана, Леонида и многу други. „ЗЕДМ сложувалка“, на својатав фејсбук страница редовно информира за овие хумани дела.

Милица Џаровска