Манекенка која ги изгуби двете нозе денес инспирира илјадници девојки

Добивај вести на Viber

Таа не е вообичаена ѕвезда од модните писти. Лорен Васер е триесетгодишна манекенка која ги урива границите. Учествувала на бројни ревии, но нејзината најзначајна улога е активизмот.

Васер во 2012 година ја изгубила десната нога откако ѝ била дијагностицирана ретка опасна бактериска реакција од која страдаат стотина жени годишно. Таа верува дека инфекцијата е резултат од тампоните кои ги користела, а за кои е убедена дека испуштале опасни токсини. По краток период ѝ била ампутирана и левата нога поради гангрена.

Наместо да се сожалува, Лорен личната трагедијата ја пренасочила во едуцирање  на тинејџерки информирајќи ги како да одберат вистински производи за хигиена. Оваа работа ѝ одзема многу време, но не се откажува од моделството кое, како што вели, ѝ е во крвта. Таа е ќерка на супермоделот од 80-те години на минатиот век, Памела Кук, и позирала за италијанскиот „Вог“ со мајка си уште како бебе. Исто така, се занимавала и со атлетика.

На Модната недела во Њујорк, на Лорен освен што ѝ било понудено да се врати во модниот бизнис, организаторите ја замолиле на паузите помеѓу кастинзите да држи мотивациски говори.