Мапа со локали каде што не се пуши, масовна поддршка за онлајн-петицијата

Да се врати законот против пушење во затворен простор во функција, доста е труење од туѓите лоши навики, доста е усмрдување на облека, коса и тело од чадови! Се работи за вашето и нашето здравје! Се работи за здравјето на нашите деца! 

Ова стои напишано во онлајн-петицијата СТОП за пушење во затворен простор! Повеќе од 8.000 граѓани веќе дадоа поддршка, откако во 2018 година, пратениците во Собранието ги изгласаа измените и дополнувањето на Законот за заштита од пушењето, со кој се избриша ставот кој го дефинира просторот за пушење надвор од угостителските објекти, по што беше дозволено да се пали цигара на тераси, независно дали се затворени или отворени.

Револтирани граѓани дури направија и мапа со угостителски објекти во Скопје во кои не се пуши или има непушачки дел (физички одвоен од пушачкиот).

Со актуелната петиција пак се бара да се врати претходниот закон со кој се забранува пушење во затворен простор.