Марија Џоџо Симон: Станав половина човек, три месеци бев жив леш

Добивај вести на Viber

Станав половина човек, бев три месеци жив леш, можев само да мрднам со прстот за кога ќе влезе маж ми да знае дека јас живеам. Не можев ни очите да ги отворам. Но јас успеав. Во ниеден момент не помислив дека тоа нема да го преживеам. Вака ја почнува својата исповед Марија Џоџо Симон, Македонка која живее и работи во во Вуерзбург, Германија. За тешката битка со канцерот Симон до детали раскажува во нејзината книга „Јадови“, автобиографија која нема да ве остави рамнодушни, дело со моќна порака: Да се сака животот, да се живее докрај, да се верува..

- Бев исцрпена, ама сакав да живеам, морав да се борам. Се претворив во исчукана лименка којашто се трклалаше наваму-натаму и опстојував некако, а и самата не знам како. Си велев можам или не можам, морав – вели Марија, битолчанка која долги години живее во Германија во интервју за медицинската интернет страница „Панацеа“.