МЕСТО КОЕ ЈА МЕНУВА РЕАЛНОСТА: ФОТОРЕПОРТАЖА ОД МУЗЕЈОТ „ИЛУЗИУМ“
Во светот на илузијата сѐ е можно. Ниту големината, ниту висината не изгледаат како на прв поглед. Влез во еден магичен свет, ни понуди „Илузиум“, првиот македонски музеј на илузии кој се наоѓа во центарот на Скопје, на улицата „Максим Горки“.
Музејот е забава и за деца и за возрасни. Се простира на на површина од околу 550 метри квадратни, на три ката, и нуди повеќе од 30 интересни содржини.
Децата најмногу уживаат во превртените соби, собата за гравитација, дупката во која се чини дека пропаѓаат, собата со огледала кои ве мултиплицираат. Во делови од музејот има и галерија на слики со концепт на илузија. На една од нив, од блиску го гледаме Алберт Анштајн, а од далеку Мерилин Монро. Кога ќе се изморите од прошетката во светот на една поинаква реалност, одморете се во кафетеријата на „Илузиум“ кој нуди можност и за прослава на родендени и организирање на забави.
Музејот има ангажирано водичи кои подобро им го објаснуваат концептот и приказната на посетителите. Остварена е и соработка со магионичари и пантомимичари кои ќе ги водат експерименталните делови на роденденските забави.
Од „Илузиум“ велат дека сега Скопје ќе се позиционира на музејската мапа во регионот како град со најголем музеј од ваков тип.
Објектот е отворен секој ден, од понеделник до петок од 8 до 20 часот, а за викенди од 9 до 20 часот. Влезницата за возрасен чини 300 денари, за дете до 12 години изнесува 200 денари, а семееен билет чини 700 денари.
М.Џаровска