Мицковска: Зоолошката е затворена, но секој ден може да ги гледате омилените животни во живо

Добивај вести на Viber

Зоолошката градина во Скопје е затворена за посетители како и многу други јавни установи. Сепак, љубителите на животните, како и на пример родителите со мали деца може секојдневно да ги гледаат омилените животни преку Фејсбук страната на ЗОО Скопје во живо.

Тина Мицковска која се грижи за објавата на забавните и едукативни видеа вели дека животните постојано ја добиваат потребната грижа, храна и витамини додека трае кризата со ширењето на корона вирусот. Вработените ветеринари и персонал несебично работат секојдневно со животните и се врши неопходната дезинфекција. Видеата имаат за цел да ја пробудат емпатијата кај луѓето која сега и тоа како ни е неопходна. 


Фактор: Додека трае периодот на изолација за спречување на ширење на заразата со корона вирусот Зоолошката градина во Скопје нема да работи и е затворена за посетители. Сепак, вие секојдневно објавувате видеа со животните за секој да може ги види на социјалните мрежи. Какви се реакциите досега?

Мицковска: Од првиот ден кога затвори зоолошката, веднаш дојдовме до идеја секојдневно да се вклучуваме во живо, пред се зошто знам колку посетители доаѓаа речиси секој ден и се приврзани за животните. Од друга страна сега луѓето може да видат и што се случува во просториите и местата кои досега немале можност да ги погледнат. Добиваат едукација за тоа како се чуваат животните, како се хранат, но и ја пренесуваме атмосферата во нивните домови, преку вклучување во живо на нашата Фејсбук страница. Реакциите секако се позитивни и ние ќе продолжиме со снимање и во наредниот период.

Фактор: Како вие се справувате со корона вирусот како вработени во Зоолошката градина кои треба секојдневно да се грижат за животните?

Мицковска: Пред се, нашите ветеринари во заштитни одела и со средства за дезинфекција постојано ја дезинфицираат целата зоолошка, од живеалиштата на животните, до просториите за вработените. Фотографиите од една таква дезинфекција деновиве ги преплавија светските медиуми и се фото на денот во многу престижни светски новински агенции, бидејќи изгледа доста симпатично како животните кулираат додека вработените прскаат. Мораме да се заштитиме пред се ние, за да можеме да ги заштитиме и животните за кои се уште научниците велат дека се отпорни на овој вид корона вирус, но сепак најголема грижа обрнуваме на мајмуните.


Со каква динамика ќе продолжи во наредниот период со активности на социјалните мрежи Зоолошката градина во Скопје, прочитајте на Фактор.мк