Moџо Килингтон онлајн го промовира својот роман „Денот кога не се разбудив“

Добивај вести на Viber

Онлајн, преку својот профил на „Фејсбук“, младиот автор Божидар Божиновски, познат како Moџо Килингтон вчеравечер (21. март) го промовира својот прв роман „Денот кога не се разбудив“, кој е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Промоцијата беше интерактивна, па покрај промотивниот дел авторот одговараше на прашањата од читателите. „Денот кога не се разбудив“ е втора книга на Моџо Килингтон, по стихозбирката „Аутопсија на љубовта“ („Арс Ламина“ 2019 г.), но негов прв роман.

Со дебитантскиот роман „Денот кога не се разбудив“ Моџо Килингтон ги предизвикува читателите да се преиспитаат себеси и својот живот, да размислат за вистински важните работи, пред да биде предоцна.
‒ Романот дојде некако природно, слично кога пишувам поезија, па воопшто не беше тешко откако ја совладав менталната препрека - дека не можам да напишам роман... Долго време размислував дали да напишам роман, не дали сакам, туку дали можам. Ги читав начините на работа на познатите и големите писатели, нивната пожртвуваност и откажувања за да творат, дисциплината. И долго мислев дека не е тоа за мене. И уште мислам дека не е. Сепак, кога ја објавивме книгата со поезија „Аутопсија на љубовта“ во налет на еуфорија седнав да пишувам, што било, па романот беше готов за три или четири дена. Без навраќање и промена на делови, што можеби ќе го направеа подобар, но поважно ми е да остане автентичноста на емоцијата отколку стилски да е подобар – изјави авторот.
 
Приказната во книгата се движи околу педесет и кусургодишниот Пол, кој едно саботно утро станува од спиење и во кујната гледа непознат човек, кој всушност е ангел испратен да го спроведе до рајот. Сфаќа дека е мртов и има неколку часови да реши дали ќе оди или ќе остане. Времето го користи за посета на блиските луѓе, меѓу кои и неговата најголема љубов, Мери. Чувството е поразително – неговиот живот е комплетно промашување. Дали да се врати да ги поправи работите или да замине засекогаш?
 
– Пол сме сите ние. Сите го имаме тоа проклетство да го анализираме животот, кој секогаш ни нуди различни опции, патишта по кои не сме тргнале и во моменти на тага, депресија, разочараност ни изгледа дека баш на тој крстопат сме го згрешиле патот. Ако сме свртеле на друга страна би било подобро. Тоа е затоа што не сме свртеле, можело да биде многу полошо. Смртта лично не ме плаши, таа е неминовност. Дали сум се плашел или не, е неважно за неа. Само тој страв може да ме парализира во животот, што е штета зашто многумина поминуваат и се парализирани од тој страв. Малку е тажно што некои зборови, некои прегратки, некои бакнежи, допири, некое „те сакам“ еднаш ќе се последни без да знаеме, дека никогаш нема да видиме некои драги луѓе повеќе, дека некогаш ќе нема повеќе „Те барам од понеделник“, „да се олабавам малку со работа и ќе се видиме“...  Инаку, како и во секој живот, (а ова е книга за животот), така и во книгата, љубовта е главната нишка на сѐ што се случува во неа. Главниот лик не жали за ништо друго освен за љубовта што ја давал на погрешно место. Љубовта е животот. Сѐ што правиме во животот е или за љубов или поради недостиг од истата. Не верувам дека има друг мотив и дека има друго значење во животот освен љубовта – рече тој. 

Моџо Килингтон е писател, сценарист, активист на социјалните мрежи. Препознатлив е по популарната македонска комична телевизиска емисија „Фчерашни новости“. Уредник е на интернет-страницата „Фчерашни новости“ која објавува сатирични „вести“, кои низ хумор ги коментираат дневните политички настани во Македонија.

Книгата „Денот кога не се разбудив“ може да се нарача и онлајн преку www.literatura.mk, каде што до 24 март ќе биде со 30 % попуст.