Можев да загинам, Бреговиќ ме спречи: Потресно сведоштво на пејачката Васка Јанковска

Добивај вести на Viber

Пејачката Васка Јанковска требала да биде дел од патниците во автобусот кој изминатиов викенд тргна од Прилеп накај Виена, а на патот Лесковац-Ниш излета од патот, при што три лица загинаа, а 32 се повредени. Внатрешно претчувство вели таа, и нејзиниот догогодишен пријател и соработник Горан Бреговиќ ја натерале да не се качи во автобусот. 

Јанковска ја испеа легендарната песна „Ерделези“, која ја напиша Бреговиќ, насловната тема од филмот „Дом за бесење“ на Емир Кустурица, и долги години беше дел од бендот на Бреговиќ, како придружен вокал. Викендов, Васка требаше да замине на неговиот концерт во Белград, во „Штарк Арената“.

Јанковска ја испеа легендарната песна „Ерделези“, која ја напиша Бреговиќ, насловната тема од филмот „Дом за бесење“ на Емир Кустурица, и долги години беше дел од бендот на Бреговиќ, како придружен вокал

„ Долго време се немавме слушнато со Горан, и кога му се јавив се расплакав од среќа. Му реков дека сакам да дојдам во Белград на концерт, но се мислам дали да тргнам по ладното време. „Седи си дома, што ќе доаѓаш по ова невреме и снегови? На 22 март ќе имам концерт во Скопје, тогаш ќе се видиме“, ми рече Горан“, ни раскажа пејачката.

„Некое внатрешно претчувство ме натера да не се качам на тој автобус, а и зборовите на Горан ме пишманија. Се обиде да ме спречи и мојот долгогодишен пријател, продуцентот Мирослав Гајиќ од Србија. Колку ми е жал за луѓето што ги загубија животите во оваа несреќа, ама ете, сум можела и јас да бидам една од нив. Можев да загинам, Горан ме спречи“, додаде Васка. Бреговиќ и неговиот тим обезбедиле билети за концертот во Белград за дел од семејството на Васка кое живее во Србија. 

Пејачкатата се присети на сообраќајна незгода која ѝ се случила во 2006 година, кога со оркестарот на Бреговиќ патувала од Скопје на концерт во Превеза, Грција, преку граничниот премин Меџитлија. „Горан дојде со авион, а ние сите музизари и пејачките со автобус. Кај Прилеп имавме сообраќајна незгода. Јас иако седев најнапред и имав најголеми шанси за најсериозна повреда, среќа добро поминав, а со полесни повреди поминаа и сите мои колеги“, раскажа Јанковска. И покрај тоа што веќе не соработува со „Оркестарот за свадби и погреби“ на Бреговиќ, таа пријателски им ги следи повеќето концерти во регионот.

Васка настапи на концертот на Здравко Чолиќ минатиот месец во Скопје, со песната „Чаје шукарије“. 

Сведоци на автобуската несреќата од Србија, раскажаа нивни потресни искуства во текстот објавен на Фактор. 

М.Џаровска