На 29 март: МТВ1 со светска ТВ-премиера на „Врба“

Светската ТВ-премиера на најновиот игран филм „Врба“на Милчо Манчевски ќе биде на 29 март (недела) во 22 часот на јавниот сервис МТВ1. Со прикажувањето на „Врба“ ќе биде заокружен циклусот #Седидома со Милчо на филмови од целокупниот опус на Манчевски што изминатиов период се емитуваа на јавниот сервис, со цел да се помогне акцијата на Владата и да им се доближи квалитетна филмска програма на гледачите, во време на вонредната состојба поради коронавирусот.

Во рамките на циклусот, на 28 март (сабота) во 22 часот на МТВ1 ќе биде прикажан филмот „Прашина“.

„Три приказни, три мајки, три различни судбини. Едната средновековна, двете современи, а сите од срце. Мајка не е таа што раѓа, мајка е таа што сака“, е мотото на „Врба“.


По светската премиера на „Врба“ во октомври 2019 на црвениот ќилим на Филмскиот фестивал во Рим, каде беше примен со петминутни овации, филмот ја имаше македонска премиера на 1 ноември. Во месеците што следеа шестиот игран филм на Манчевски ја надмина бројката од 30.000 гледачи, што е рекорд во Македонија. Ова е најгледан филм во државата за 2019, надминувајќи ги и холивудските блокбастери во киносалите во Скопје и низ земјава.

Неодамна, „Врба“ ја освои наградата Најдобар филм во програмата Недела на режисерите на 40. издание на филмскиот фестивал Фантаспорто во Порто, Португалија, еден од 20-те водечки во светот. Наградата „Мануел де Оливеира“ именувана по легендарниот португалски режисер, Манчевски ја посвети на извршниот продуцент на „Врба“ Ник Пауел, британската продуцентска легенда, кој почина лани во ноември, една недела по светската премиера на филмот.


Филмот беше прикажан во главната конкуренција за награди и на ФЕСТ во Белград, проследен со огромен интерес кај публиката. Со долготраен аплауз и стоечки овации заврши проекцијата на филмот на која присуствуваа режисерот Милчо Манчевски и главните актери Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Никола Ристески и Камка Тоциновски.

Минатиот месец „Врба“ имаше премиера и во Нов Зеланд и доби награда за најдобар филм на камерниот фестивал за независни филмови во Велингтон.

Американската премиера на „Врба“, во селекцијата за награди на фестивалот Синеквест во Сан Хозе и Редвуд Сити, Калифорнија, е стопирана на неодредено време поради пандемијата на коронавирусот, а одложени се и филмските фестивали во Софија и Истанбул, каде требаше да биде прикажан филмот.