На човек му доаѓа уџум да фати, џабе се јадосувам: Почина Трајче Јованов, новинар кој животот го посвети на „Макфест“

Престана да чука срцето на Трајче Јованов, новинарот кој го нарекуваа „штипско перо број 1“.

Животот го посвети на „Макфест“ и на Радио Штип. Беше врвен професионалец, борец за македонската музика.

На годинешното издание на „Макфест“, по кратка пауза се врати таму каде што припаѓа –шеф на прес. Функција која беспрекорно ја извршуваше од постоењето на фестивалот. 

Јованов беше критичар без „влакна на јазикот“. Не само за музиката туку и за системот. Го зборуваше гласно, тоа што другите го мислеа, но молчеа.

Во една пригода на својот фејсбук профил напиша:

„Трпението е најголемата доблест што човекот ја има. Нашиот стравичен грозоморен систем е вампир кој без престан и ноќе, ама и дење ја цица крвта на сите нас. На човек му доаѓа уџум да фати.Џабе се јадосувам, кога за моите пари , државата не дава пет пари назад. Клетвата е малку, пцоста стана доброутро“.

Естрадата е во шок и неверување. Голем број пријатели и соработници се простуваат од Јованов на социјалните мрежи.

„Изгубивме човек, пријател, татко, професионалец, макфестовец и што уште не. Да ти е светол патот, пријателе“ напиша Кирил Панајотов , директор на „Макфест“.

Владимир Дојчиновски- Дојчин, уметнички директор на фестивалот се прости со зборовите.   

„Друже почивај во мир! Покрај семејството ти имаше две љубови Радио Штип и Макфест и до крај остана верен и доследен на таа љубов. Горди сме што бевме тим. Не` напушташ,  но остануваш засекогаш со нас во спомените за и со тебе“.

(С.А.Н)