Наместо живот имаме телефон, неограничени можности наместо душа

Добивај вести на Viber

Денес филмови гледаме на интернет, фотографиите ги чуваме во мобилниот телефон, а љубов изјавуваме преку порака

Во едно не толку далечно минато, работите изгледаа многу поинаку, па често, со повеќе или помалку носталгија зборуваме за времето кога снимавме песни на радио, чекавме да се развие филмот за да ги видиме фотографиите, изнајмувавме видеокасети и рачно се допишувавме. Периодот кога немаше мобилни телефони и агендата не ја менувавме на секој половина час.

Компјутерите и интернетот ни станаа нужно зло, а со новата технологија никогаш повеќе нема да можеме да го почувствуваме оригиналниот мелодиски звук. Така барем во едно свое излагање подвлече Драган Мијалковски, живата легенда на македонската забавна песна.

- Во денешно време има такви програми што ви овозможуваат на лаптоп да „свирите“ синтисајзер, а на мобилниот да правите тонски запис. Сега има неограничени бои на звук, имаме неограничени можности, но немаме душа. Порано беше времето на гитарите, а сега сѐ е синтетика.  Уникатното доживување со живите инструменти е тоа што ќе фали во музиката. Оваа проблематика мислам дека во иднина сериозно ќе се проучува и на високобразовните институции. Ветерот, брановите, водата, тоа се фантастични симфонии на природата кои не може да ги замени ниедна електроника – објасни Мијалковски во едно интервју.

Оперската дива Весна Гиновска Илкова во една прилика призна дека ѝ недостасува класичното развивање на филм, како што вели, една документација која дома ќе биде постојана и ќе говори за времето поминато.

- Сега сѐ ни е во некој фолдер во компјутерите и ретко кој од нас успева да развие некоја фотографија за спомен. Ми недостасува пишувањето на разгледници и комуникацијата со луѓето преку таа врска. Пишаниот збор на ваков начин не само што ја одразува почитта кон една личност кому е наменета, туку истата и ја верификува. Ми недостасува пишаното писмо како еден траен документ кој буди поинакви спомени и те пренесува во минатото. Писмата од моите родители и денес ги чувам и секогаш ми предизвикуваат поинакво чувство – откри таа.

Водителот Драган Б. Костиќ, пак, кој преку своите емисии постојано нѐ навраќа во минатото, неодамна призна дека во емотивна смисла му фалат многу работи, но во практична, не.

- Оној кој живее од, а не со минатото, попусто го живее животот кој тече. Од време на време ќе фрлам поглед кон фетишите од минатото кое ја чинеше тогашната сегашност и се вртам кон сегашната сегашност која треба да се одживее, исто како и минатото – нагласи тој во една прилика.

Ѓ.С.