Наставници и ученици од училиштето „Владо Тасевски“ направија отворена училница

Кога е добра и искрена идејата, желбата и ентузијазмот не познаваат граница. Една таква искра создаде вистински промени во ООУ „Владо Тасевски“ во скопската општина Карпош. 

Новиот концепт по предметот Граѓанско образование кој всушност значи поактивно ангажирање на учениците во заедницата, во ова училиште, познато по продукцијата на квалитетни кадри, резултираше со нов изглед на училишниот двор. 

Впрочем станува збор за нова отворена училница која, долгорочно, со уредувањето треба да биде место каде учениците ќе се образуваат, ама и новоуреден двор во кој ќе поминуваат квалитетно време за релаксација меѓу часовите.


Ученици, родители, музика. Во два неработени дена со поддршка на вработените, но и на децата и нивните родители ова училиште доби нов сјај. 

Идејата која всушност е базирана на новиот концепт на учење, во Владо Тасевски беше раководена од наставничката по етика и граѓанско образование Симона Петковска Илиеска и Мирјана Андревска, наставник по одделенска настава кои всушност беа и координатори на проектот наречен „Здраво мое детско право“

Дворот сега е уреден со рециклирани материјали – стари гуми кои во акцијата беа соодветно украсени, палети кои прераснаа во клупи и огради, нови масички. Училиштето впрчем ја спроведе акцијата само, без финансиска поддршка, а со донации од учениците и родителите кои веруваат во проектот. Идејата беше поддржана и од Младински образовен форум и клубот Артивизам, кој хортикултурно ја уреди отворената училница.

„Дводневната акција беше исполнета со многу љубов, смеа и дружење. Tоа беше прекрасно и драгоцено искуство за сите нас. Учениците и родителите покажаа висока свест за волонтирање и активно учество. Двата акциски дена беа граѓански активизам на дело, кој треба да мотивира многумина, и да покаже како една идеја може да прерасне во реален простор кој активно ќе го користат нашите ученици. Тие впрочем и ни се најважни, вели Петкоска Илиеска.

Вели дека на ваков начин учениците се поттикнуваат да размислуваат за значењето на демократското дејствување и граѓанската култура.

„Сакавме да го заживееме сонот на децата, да создадеме подобри надворешни услови за работа како и да излеземе од училниците, за нашите ученици да сватат дека знаењето не треба да биде грубо меморирање на факти и податоци, туку дека тие треба да стекнат практично знаење применливо и одржливо во животот. Самиот двор мислиме дека ќе биде стимулативен метод со кој ќе ги мотивираме сите дечиња поактивно да се вклучат во реализацијата на наставата. Воедно во последно време надворешниот простор за движење на децата и од предметна но и одделенска настава  станува се потесен и затворен со се поголеми огради со кои се заштитува материјалното но се маргинализира просторот за движење и одмор на децата, а да не зборуваме за детската игра која е на последно место, вели Андревска.

Инаку Бирото за развој на образованието го избра ООУ Владо Тасевски за едно од 100 училишта во државата во кое активно ќе се спроведува новиот концепт на Граѓанско образование. Планиран е отворен ден на училиштето чиј фокус треба да бидат граѓанските вредности, практикување на демократско однесување и ученички активизам. 

А.Т.