Наставник Гоце Бумбароски: Започнува второто полугодие, седнете со вашето дете и објаснете му дека да се биде високо, ниско, дебело, слабо не е причина за смеење
Градејќи го имиџот со неговиот креативен начин на работа, наставникот Гоце Бумаровски од Прилеп во изминативе десет години, стана еден од најпопуларните и најпочитуваните наставници кај нас.
Низ игра и на иновативен начин, Бумбароски ги учи своите ученици од неговите почетоци, од 2011 година. Тој е авторитет пред неговите ученици, но и нивен другар, што е за децата најважно. Сепак, тој е скромен и не смета дека е поразличен од своите колеги.
Така на почетокот на второто полугодие од оваа учебна година наставникот сподели една многу важна порака за сите родители.Прочитајте ја внимателно:
„Утре започнува второто полугодие.
Седнете со вашето дете и објаснете му дека да се биде многу високо, ниско, дебело, слабо не е причина за смеење…
Или дали ученикот носи очила или исти чевли секој ден.
Објаснете му на вашето дете дека стариот ранец ги носи истите соништа како и новиот.
Ве молам научете го вашето дете да не исклучува никого затоа што е сиромашно или „различно“.
Објаснете му на вашето дете дека малтретирањето боли и дека на училиште оди за да УЧИ, НЕ за да се натпреварува.
Сите имаме еднаква вредност.
Воспитувањето започнува од дома!“