Не е само убавината, се оценува ставот и одењето, изразувањето и целта во животот на девојките: Избрани се финалистките за Мис Универзум

Добивај вести на Viber

Во пресрет на домашниот избор на девојка која ќе ја претставува земјата на светскиот избор за Мис Универзум, избрани се 20 кандидатки кои ќе бидат дел од големото финале закажано на 8 октомври во Националната опера и балет.

Од пријавените кандидатки петчленото жири ги избра најубавите 20, а покрај убавината, ставот и одењето, голем акцент при изборот се стави и на изразувањето на девојките, странските јазици кои ги зборуваат, нивната цел во животот и идејата како би ја претставиле нашата земја во светот.

Организаторот на изборот, турската модна агенција „Даман“, на чие чело е Шакир Села, нашинец кој живее и работи во Истанбул, открива дека во следните денови девојките ги очекуваат низа активности, како снимање промо материјали, интро видеа, претставувања на повеќе локации низ земјата, потоа неколку хуманитарни акции и, секако, подготовки за финалната вечер.

„Подгответе се за спектакуларна ноќ“, вели Села и додава дека за кореографиите на целиот настан ќе биде задолжен искусен кореограф од Турција кој доаѓа специјално за да ги подготви девојките за домашниот избор.

Победничката на домашниот избор освен круна и годишен договор во вредност од 50 000 евра со агенцијата Даман ќе добие и можност да отпатува во Мексико и заедно со уште 130 девојки од целиот свет да ја претставува земјата на ова престижно натпреварување за убавина.

Светскиот избор ќе се одржи на 16 ноември во Мексико Сити, и тој слави културна различност, поддржува проекти за општествена одговорност и воедно ги спојува сите култури и различности од целиот свет.