Не го одложувај животот за утре: Иван Босиљчиќ раскажа лична приказна за Марко Николиќ
Актерот Иван Босиљчиќ на Инстаграм сподели лична приказна која го врзува за колегата Марко Николиќ, кој почина завчера во Белград, по тригодишна борба со ракот.
„Ова е едно од оние лица кое го познавам откако знам за себе си, како некој најблизок“, напиша тој до фотографијата од славниот актер кој го глумеше Гига Попадиќ во култната серија „Подобар живот“. „Подоцна, кога се запознавме во театарот, никогаш не ме напушти тоа чувство“, додаде Босиљчиќ, еден од омилените актери на македонската публика, кој одржа серија успешни концерти во неколку наши градови, пеејќи евергрини и рецитирајќи поезија.
Понатаму, Иван сподели приказна која Марко му ја раскажал во еден нивен муабет, по снимањата. Николиќ имал чамец на Дунав, и уште кога го купил, имал желба да плови со него по реката.
„Сакав да одам до таму до каде што се може, до Ѓердап, тие денови да бидам сам, да ловам риба, да размислувам. И сѐ демек, утре ќе го сторам тоа, или на лето, кога ќе го завршам ова снимање или пробите за новата претстава, и никако тоа да го остварам“, му раскажал Николиќ на Босиљчиќ. Актерот, понатаму го цитира својот колега.
„ И, овие денови, конечно се ослободив од сѐ и решив тоа да го изведам. Пред тоа, заминав на кратко до кај мојот лекар, на рутински преглед, и целиот среќен му кажувам дека конечно ќе пловам до Ѓердап. Тој го прекина моето воодушевување: „Марко, не доаѓа предвид. Вие не сте во години кога би можеле да изведете такво нешто, особено не сам. Ве молам, бидете сериозен“. Ете, мој Боске, како работата може да нѐ излаже. Не го одложувај животот за утре, за задутре. Живеј денес“, му рекол Николиќ на Босиљчиќ. На овие зборови, младиот актер вечно ќе се сеќава како аманет од постриот колега.
„Ти благодарам. Среќно патувај во вечноста“, напиша Иван за крај.