Не мешаа поради фризурите, мислеа дека сме една личност: Татјана Стојановска и Ирена Спировска за манекенските почетоци

Нивното пријателство трае 25 години. И двете првите чекори на модните писти ги направиле во раните деведесети. Татјана Стојановска беше Мис на Македонија во 1992 година, а Ирена Спировска Зимска убавица за 1993 година. Подоцна, животот и двете ги однел во сличен правец, и двете се едни од најпопуларните наши Тв лица. Убавината и грациозноста е она по што сѐ уште се препознатливи, а пријателството го негуваат и денес. Со Тања и со Ирена евоциравме спомени од златните деведесети, иако нивните манекенски приказни почнале многу порано.

Татјана беше Мис на Македонија во 1992 година 

„ И двете првите чекори на модните писти ги направивме многу рано, уште кога бевме ученички во средно училиште“, се сеќава Ирена Спировска, која сега е директор на маркетинг во ТВ „Алфа“. „Бевме дел од манекенската екипа на Марјан Димитриевски кој во тоа време ја имаше најдобрата модна агенција. Ние станавме дел од неа на почетокот на деведесетите. Станавме дел од подмладокот на агенцијата и освен на модни ревии учествувавме и на избори за убавина како претставнички на агенцијата. Јас бев избрана за Зимска убавица на Македонија во 1993 година, а Тања беше избрана за Мис на Македонија една година порано. Тој период јас веќе работев во МТВ како хонорарен соработник, па решив да се откажам од модните писти и да им се посветам на студиите по книжевност и на работата во телевизија“, се сеќава Спировска. 

Ирена со Игор Џамбазов како водители на летната програма „Лето 1993', која за неа била прв посериозен Тв проект 

Од модните писти и изборите за убавина, на Тања и на Ирена патиштата повторно им се спојуваат на друго место, во студиото на МТВ. 

„Со манекенството поцнав да се занимавам откако на 6 јули 1992 бев избрана за Мис на Македонија. По изборот добив покана да работам со модната агенција на Марјан Димевски. Таму се запознавме со Ирена Спировска и имавме заеднички настапи на модни ревии. Настапувавме на Саемот за мода „Модест“, имавме и ревии во Универзална сала за модните конфекции кои во тој период беа гиганти како „Отекс“, „Прима“, „Тетекс“. Паралелно со тоа јас во септември истата година, 1992, добив покана да работам во МТВ“, вели Татјана, презентерката на вести во „Канал 5“. 

По една година, го напуштив манекенството и почнав да работам наТВ.- Татјана во 1992 година 

Ирена додава дека секогаш со носталгија и со задоволство се сеќава на тие убави години, кога навистина имало убави модни настани. Она што ѝ останало во срцето е искреното пријателство и другарување помеѓу сите кои биле дел од модната агенција. 

„ Првата година посетував обука за читање за телевизиски настап, и имав некои мали ангажмани пред камера. Во 1993 добив посериозен телевизиски ангажман како водител на утринската програма „Добро утро Македонијо“. Во тој период почнав и да студирам на економскиот факултет и морав да одберам помеѓу манекенството и телевизијата. Секако го напуштив манекенството со кое се занимавав една година. Но со Ирена повторно се сретнавме во МТВ, и некако ете патиштата ни се споија и тука. Таа беше водител на Трет Канал, а јас во Утринска“, ни раскажа Татјана. Таа со радост се сеќава и на забавни анегдоти од тоа време. 

Ирена на модна ревија во Дом на АРМ со Владо Јаневски, Роберт Саздов, Џина Папас-Џокси

„Поради сличните фризури многумина не мешаа и мене ми се обраќаа со Ирена, а на неа со Тања, па секогаш се смеевме поради тоа. Некои дури мислеа дека сме една личност“, низ насмевка вели Татјана. 

Ирена и Тања заедно го водат настанот „Игри без маски - театар без дискриминација" кој го организира Гордана Симоновска- Момироска од НВО „Свет на различни а еднакви“ 

Двете убавици, и ден денес се среќаваат на многу настани, а она што во  последниве пет години им е голема радост е уште еден заеднички ангажман. Ирена и Тања заедно го водат Меѓународниот драмски фестивал за лица со пречки во развојот "Игри без маски - театар без дискриминација". За овој хуман настан, двете снимија химна, заедно со уште неколку колеги и пријатели.

Милица Џаровска