Не се сите дојдени на овој свет со иста задача: Бранкица искрено за животот со Даунов синдром на синчето Максим

Добивај вести на Viber

„Ништо не укажуваше на Даунов синдром во текот на бременоста“ - ја почнува приказната Бранкица Јованова од Радовиш која пред 7 години на свет го донесе првото чедо - синот Максим. 

Воопшто не помислувала дека ќе роди детенце со посебни потреби а кога за прв пат го земала во прегратки новородениот син во глава ѝ се вртеле само мислите дали ќе успее да го изнесе Максим на вистинскиот пат.

Оваа мајка за нас е суперхерој, а за Максим и Деана е сѐ на светот. Тие се нејзина животна радост , а за маките, проблемите и предизвиците со кои се соочува Браница зборува искрено за Женски магазин.


Денес е Светски ден на лицата со Даунов синдром. Со овој вид на нарушување е роден и Максим. 

„Јас сум мајка на две деца Максим 7 год и Деана 3.5 год . За дијагнозата на Максим дознавме по неговото раѓање . Во текот на бременоста преку скринигот за даун ризикот беше низок за нешто такво“ , ни раскажува Јованова.

Низ мисли веднаш ѝ прелетале прашањата како ќе се снајде во оваа посебна улога, ќе успее ли да го изведе синчето на вистински пат.

„Кога за прв пат го земав во прегратки си реков зошто баш ти, што сум згрешила за вака да бидам казнета. Но, гледајќи го како расте, која искрена и чиста љубов ја има, желба и упорност за живот, си реков па јас сум го добила најголемиот дар од Бога“, вели оваа силна мајка.


Што им било најтешко на почетокот со Максим

-Потешкотии имавме кога од 1 год моравме да почнеме со физикална терапија. Моравме да бидеме упорни за да ги направи првите чекори и успеавме и Максим прооди на 2.5 години.

Потоа, како што ни раскажа мајката, следувало одвикнувањето од пелени, но и од тоа се одвикнале на 4 год . 

„Сега работиме на говорот, поради тоа што има мал фонд на зборови сѐ уште не зборува но се труди. Максим е дете полно со енергија најмогу сака музика и никогаш не знае за доста со прошетките колку и да шетаме тој знае пак да каже „Абе чао“, истакнува Бранкица.


Со Максим работат дефектолог и логопед. Во овој период тој е во фаза на преминување од градинка во основно образование.

-Максим оди во градинка од скоро 3 години и досега сме немале проблем со другарчињата исто и тие со него. Се надевам дека така ќе биде и здравје од септември кога ќе тргне на училиште. Секојдневно од градинката ни праќаат слики со нивни активности и можам да кажам дека навистина соработуваат со моето дете - додава Бранкица.

Пред 3 и пол години во семејството на Јованови доаѓа уште една радост. Сестричката Деана.


„Деана е дете кое е доста темпераментно. Сега за сега добро се согласуваат, знаат да се заиграат исто така и да се степат но сепак еден без друг не можат многу се поврзани“, ни раскажува Бранкица.

Неизоставен дел од нивниот живот е поддршката. Најмногу ја добиваат од семејството и најблиските, а оваа храбра мајка е силна и упорна токму од поддршката која ја добива.


Мајката на Максим по професија е конфекционер.  Вели дека со оглед на тоа дека Максим има потреба од поголемо внимание и посветеност била принудена да си даде отказ. Во обврските околу децата повеќе се грижи сама бидејќи нејзиниот сопруг често работи во странство.

Бранкица има порака до сите вас:

„Не се сите деца дојдени на овој свет со иста задача. Некои се дојдени да нѐ научат да сакаме чисто, искрено и безусловно. Таквите ќе ги препознате по нивната насмевка, по нивните малку закосени очи и еден хормозом за кој ние луѓето мислиме дека е висок, но всушност НЕ е. Кога ќе сретнете дете со попреченост не го навредувајте, не го понижувајте, не го исмејувајте и потценувајте оти верувајте сетилото за осет им е доста развиено. Подарете искрена прегратка и насмевка тие ќе ви бидат благодарни.


Ирена Ставрова