Неда Украден: Измислија дека сум сираче од Ресен

Добивај вести на Viber

„Волим живот“ е нумерата која Неда Украден вчера ја промовираше со видеозапис снимен на Бока Которска. Медиумите во регионот новиот рефрен на популарната пејачка го најавија како една од најоптимистичките песни снимени во последно време, тема со силна и иксрена порака. Фолк-дивата самата ги напиша стиховите во соработка со нејзиниот долгогодишен композитор Душан Бачиќ, а аранжманот е дело на Бане Васиќ.

Украден која на 16 август ќе наполни 68 години плени со својата виталност. Во една прилика изјави дека редовно спортува. Игра тенис и плива, но, како што вели, најважен е духот.

- Работам како пејачка, но и како менаџер, пиар, шофер и стилист. Работам и дома како секоја нормална жена. Најмалку време поминувам во козметички салони. Од пред една година имам и сопствен салон за убавина со кој управува ќерка ми, но најмалку ќе ме видите таму. Тоа, нормално не значи дека не сум негувана. Пред сѐ, водам сметка за исхраната. Одлично готвам, ја сакам далматинската кујна бидејќи таму сум родена – објасни таа.

Пред три години кога се натпреваруваше во шоуто „Твоето лице звучи познато“ за „Дневник“ изјави дека подолг период ја нема посетено Македонија и дека навистина и недостасува нашата публика.

- Порано често доаѓав во земјата во која имам само убави спомени, турнеи, концерти, многу фанови и пријатели. Имам семејни пријатели и многу драги соработници. Мојата љубов кон македонската музика е позната. Едно време дури ме следеа трачеви дека сум сираче од Ресен и дека сум посвоена од моите родители - се пошегува Неда.

Во истото интервју откри дека никогаш не сонувала да биде пејачка, дека толку долго ќе биде популарна.

- Се образував за сосема други работи. Немам соништа. Желбата за големо семејство ми ја оствари мојата Јелена и сега само посакувам здравје за себе, за моите најмили и за сите луѓе и што подолго да уживаме во животот - изјави таа.

Ѓ.С.