Необјавени песни за три албуми: Гласот на Влатко Илиевски допрва ќе се слуша

Добивај вести на Viber

Влатко Илиевски во април годинава, во ТВ-шоуто „Нешто се крчка“ на ТВ21, откри дека има триесетина необјавени песни, демо-снимки, но и комплетно снимени нумери. Трагично починатиот пејач и актер планирал големо враќање на сцената. Подготвувал класичен поп-рок албум, рефрени кои најмногу одговараа на неговиот сензибилитет.

- Во неколку наврати експериментирав и со стилот и со звукот, но тие мои излети во музиката не поминаа баш најдобро. На новиот албум се враќам како што и започнав. Рок и поп-рок е тоа што најдобро го знам - објасни Илиевски во едно интервју.

Влатко најавуваше дека на проектот потпис ќе стават и неколку звучни имиња од поранешните ју-простори, меѓу кои Бора Ѓорѓевиќ, фронтменот на „Рибља чорба“ и Момчило Бајагиќ-Бајага. Јавноста допрва ќе дознае дали е реализирана некоја од овие соработки. Им остана верен и на неговите долгогодишни соработници Весна Малинова, Дарко Тасев, Владимир Дојчиновски и Кристијан Габроски.

- Пред една недела ми прати слики и песни од Белград. Линкови од Били Ајдол и од „Бон Џови“. Имаше сериозни планови врзани за музиката. Сакаше да се врати со препознатливиот урбан звук, беше уморен со песните да ѝ се додворува на публиката - ни изјави Дарко Тасев пред два дена.

„Женски Магазин“ го контактираше и Владимир Дојчиновски кој ни потврди дека има необјавен материјал со Влатко.

- Да, имам неколку снимки, но сега мислам дека не е моментот ни да размислувам на тоа - ни изјави Дојчин.

Дека имал планови за сериозен камбек зборува и поддршката која непосредно пред смртта ја побарал од неколку негови колеги, меѓу кои и Елена Ристеска со која договарале дует, обработка на нејзиниот хит „Усни како темно мастило“. На социјалните мрежи веќе има и иницијатива група пејачи да го препеат овој рефрен во негова чест.

Ѓорге Стојанов