Ние сме институциите, ние потфрливме

Добивај вести на Viber

Кога ќе слушнам низ разговор или по медиумите како “и овојпат институциите потфрлија”, ми се крева коса на глава. Ова му излегува како институциите да се нешто што е надвор од нас, како некој да ни ги донел, ги натокмил како што ќе му текне и рекол “дечки, ова е тоа....нема што да правите, неменлива работа е оваа и ќе си трпите сé што ќе ви се сервира”. И ние си трпиме буквално сé што ни се сервира, оти нели, “наведната глава сабја не ја сече” и “ќути, има и полошо”. И на секое лошо што е полошо од претходното, ние повторно си седиме зачаурени во тоа дека има и полошо. До кога?

Додека не изгубиме осет за тоа што би било најлошо? Додека не ни се поместат границите или не ни се навикнат желудниците на тоа дека сите фекалии кои ги внесуваме во себе 30 и кусур години, се добри и хранливи за нас?

До кога?

Додека на секој од нас лично не му се случи некоја трагедија заради несоодветен кадар по медицинските установи? Додека не станеме свесни дека сé е бадијала ако нема цитостатици или ако терапијата која ја примале оние кои за вас се еден цел живот и смисла на истиот, била физиолошки раствор?

До кога?

Додека не бидете син или ќерка на некој што починал оти Брза помош не доаѓа за стари лица (не дека не сакаат, туку дека нема доволно возила и не можат да се располоват на 2, 3 или 4), па по секоја логика на нештата одат да спасат некој помлад, пред кој е животот. Да, ама таа логика не е утеха кога сте немоќни и гледате како родителот ви умира пред очи. Таа логика не вреди ниту пет пари кога е во прашање некој кој вам ви дал живот, кој е ваша крв. Таа логика е тоалет хартија со која си го бришам задникот додека урлам на телефон (а знам дека не се тие виновни) “а да беше мајка ти, ќе дојдеше или не?”.

До кога?

Додека не залутате во лавиринтите на државните ходници и ви доаѓа да почнете да вриштите на сиот глас бидејќи ве шуткаат од шалтер на шалтер, од врата на врата? Додека ќерка ми беше малолетна, објаснувај се со сите по шалтерите дека татко и’ не живее тука, па писма по нотари заведени, за на крај да ти кажат...”е, ама тука треба таткото лично да потпише”. Мислам дека во тие мигови сум имала по една мала смрт во себе за надежта дека ќе нé биде како држава.

До кога?

Додека не ни прекипе гледајќи како сите судски процеси завршуваат просто смешно и како криминалци со тапија (со докторат по вештина за правење зулуми) се шетаат слободно, трошејќи ги парите кои биле од нас земени, терајќи си ги сите ќефови додека ние се пребројуваме од 1-ви до 1-ви?

До кога?

Додека не видиме како децата ни се булирани, изложени на физичко и психичко насилство оти некои замижуваат пред проблемите во сопствениот дом? И додека вие и јас ги воспитуваме да бидат чесни, добри граѓани кои оваа држава (не земја, туку држава) не ги заслужува, да научат со свој труд и со чист образ да се борат низ животот, има и такви за кои воспитувањето е арчење време. Има и такви кои замижуваат пред тоа дека имаат проблематични деца и дека треба да превенираат идна трагедија. Има и такви кои на своите деца од 17 години им купуваат џипови и имаат џепарлак колку ваша/моја плата за една година. Има такви кои секој проблем го решаваат со “ќе се јави тато на едно место и ќе ја скинат пријавата” или со “не се секирај, мама се знае со началникот”.

До кога? До кога? До кога?

Еве прашувам само тоа...ДО КОГА?

До кога ќе подголтнуваме по една мала топка горчина и до кога ќе си ги учиме децата дека и тие треба да голтнат неправда, оти нели “до институциите е”. Не, не е до институциите, до нас е. Ние сме институциите, ние сме тие што ги бираме сите оние кои потоа ги сочинуваат тие институции. Абе еднаш не видов во овие 35 години да се стокмат институции со соодветни кадри кои држат вода. Требало толку проценти Македонци, толку Албанци. Ма немој? Ако за некоја работа не ме бива, тогаш што е важно во кој процент сум? Ич не ми е гајле за вашите математики и соодноси, ама ич. Оти вашата математика не ми врши работа кога треба да завршам нешто што ми е важно.

Сé сведовте на политика, сé. Од образование, до судство, здравство. И секој како што ќе дојде на власт, сместува на фотеља некој кој му завршил услуга па треба да ја врати услугата назад. Како бе не ви се смачи? Како не ви се блуе од сами себе? Мене после секое гласање ми се блуе и од себе и од она што знам како ќе е после сите ветувања.

Ние сме институциите, оти ние ве гласаме. Вие имате обврска кон нас да ставите вистински луѓе на вистински места. Умирале новороденчиња, нема терапии, се отпуштаа доктори кои вредат нешто оти само кај нас знаењето и умешноста се закана. И се закана, затоа што неспособните се чувствуваат загрозени и треба да се уништи сé што вреди, за да блеснат тие.

Ние сме институциите, оти нашиот глас ве ставил на чело на државата. И имате обврска кон нас, огромна обврска. Имате обврска да нé заштитите од оние кои се закана за нас од било кој аспект. Имате обврска да ги заштитите граѓаните од оваа сиромаштија која вие (убедена сум) не ја чувствувате на свој грб, имате обврска да обезбедите квалитетно образование од кое ќе израсне кадар со кој ќе се гордееме. Имате обврска да направите услови за тој кадар да остане овде, а не да заминува надвор оти ние и вие сме ги избркале.

Имате обрска да овозможите безбедни улици. Со години се зборува дека Партизанска е улица на смртта. Знаете дека има трки доцна навечер и без изгор скапите камери со кои се фалите. И не дека не треба да има камерите, туку каде бевте досега кога ги казнувавте тие што застануваат да земат лек од аптека или ќесе патлиџан од пазар, додека ги толериравте скапите автомобили со часови паркирани малку подолу, оти треба да се пие кафе кога е шпицот. И пак ќе се казнуваат тие што ќе застанат на 5 мин за во аптека или сомун леб, оти лесно е да се казни без да се помисли дека градов е преполн со автомобили и дека буквално нема каде да се паркира.

Сите ние имаме обврска да не ни се случи уште еднаш оваа трагедија од пред некој ден. Фросина не е дете на некој “едикојси” таму. Фросина е и мое дете, ваше дете. Фросина е секое дете кое потекнува од семејство во кое сите биле насочени да израснат чесно, воспитано, амбициозно и вредно дете. Фросина е болка за секој од нас, оти со секој наш молк за било што, создаваме услови за да се случи трагедија.

Секој од нас како родител е должен да внимава на своето дете. Не само да ни се здрави и прави по дома, ами и да не се опасност по себе и околината. Децата кои имаат криминално досие поголемо од нивната возраст, не се оставаат туку-така. Можеби ако имавме држава во која немаше да функционира “јас тебе, ти мене...ај да скинеме доказов, ај да заташкаме”, немаше да биде вака.

Можеби, можеби, можеби...и додека се прашувам дали можеше да биде поинаку, едно семејство си го закопа чедото и сиот живот ќе го поминат со таа болка за која сите се поплукуваме да не ни се случи. И како и секое чудо кое минува за три дена, ќе заборавиме на родителите на Фросина. Исто како што заборавивме на родителите на војникот Јанчев кој почина после вежба на Криволак, родителите на Фросина Цековска и Викторија Николова (жртви на Партизанска), родителите на седуммесечното бебе кое почина на Детска клиника кои се оставени ете така...без никој да ги спомне, без никој да ги праша како излегуваат на крај со живеачката и со болката, оти само за родител кој изгубил дете нема назив и не постои терминологија...едноставно нема, оти никогаш не треба да се случи детето да замине пред родителот.

Ние сме институциите, ние потфрливме...простете ни што ве изневеривме.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Се стуткавме во чаури

Со ситни души

Со мали сништа

Со нагризани мечти

Со исколвани надежи

Се стуткавме...

Како студот да нé изеде

Како голи и боси на мраз

Од живеачка која тоа не е

Од божемен мир

Кој е сé, ама спокој не е

Се одродивме еден од друг

“да ти цркни козата”

“ти да немаш јас да имам”

Кршејќи го денот надве

За да се продолжи ноќта

Која во срцата ни завладеа

Си ставаме сопки

И се смееме на тој што паѓа

Иако душата удолу ни влече

Само удолу ни има кинисано

Дур од неа пепел не остане

До кога?

До кога човек на човек волк ќе е

И до кога ќе мижиме пред вистината

До кога?

До кога ќе се касаме

До кога ќе се касапиме

До кога едни со други

Во црнина ќе се виткаме

До кога неправда

До кога сиромаштија

До кога солзи

До кога крв по улици

До кога сиво небо над глава

До кога црна земја под нозе

До кога коски расфрлани јабана

До кога глас напукнат од плач

До кога?

До кога?

До кога?