НИКОЈ НЕ МОЖЕ ДА ГО ЗАМЕНИ ВЛАТЧЕ: Директорот на „Златно славејче“ уште во шок

Добивај вести на Viber

„ Тој беше и пејач, и актер и шоумен, децата го обожаваа. Многу е тешко да се најде замена за Влатко по десет години. Сѐ уште ми е шок неговата загуба“, изјави директорот на фестивалот Бобан Јосифовски 

Тешко е да се најде замена за Влатко Илиевски на „Златно славејче“, вели Бобан Јосифовски од Сојуз за грижи и воспитување на деца на Град Скопје, организатор на најстариот наш детски фестивал.

Починатиот пејач и актер беше водител на „Златно славејче“ десет години и беше миленик на децата. Интересни без неговите оригинални најави на песничките, и веселиот почеток на секое издание на фестивалот кое Влатко го почнуваше истрчувајќи на сцената. Сосема спонтано, тој знаеше да им се придружи на децата за време на нивниот настап, со својата гитара. 

„Водев тринаесет претстави за една недела, по три во денот, но ништо не е тешко кога се работи со деца“, изјави Влатко во претходно интервју, во времето кога фестивалот е одржуваше во Универзалната сала. 

Бобан Јосифовски и Влатко на претходен прес на „Златно славејче“ 

„ Тој беше и пејач, и актер и шоумен, децата го обожаваа. Многу е тешко да се најде замена за Влатко по десет години. Сѐ уште ми е шок неговата загуба и прерано ми е да размислувам за нов водител. Фестивалот е традиционално во ноември, и мислам дека некаде во септември со тимот ќе почнеме да бараме решение. Влатко секогаш ќе остане дел од „Златно славејче“, ни изјави Бобан Јосифовски. Тој додава дека ќе се обиде да контактира некој актер, кој има искуство со работа со деца, најверојатно од Тетарот за деца и младинци. 

Во ноември, фестивалот со кој израснаа многу генерации ќе го одржи своето 48 издание. Влатко Илиевски, кој почина на 6 јули годинава, и како дете има настапувано на „Славејче“. 

М.Џаровска