Облеката ми е од завеса од урнат театар: Штимерот Кире е најбараниот Дедо мраз

Добивај вести на Viber

Скопјани го препознаваат како „вистинскиот Дедо Мраз“, децата го сакаат поради неговата вистинска брада, насмевката и топлината со која ги освојува. Омилениот Дедо Мраз кој е вклучен во многу хуманитарни проекти е Кире Ристески, а неговата професија е клавирски штимер.

Работата со деца него не е од вчера, многу генерации во нижото и во средно музичко училиште, како и на Факултетот за музичка уметност израснаа со чичко Кире штимерот. Нема дом на млад или докажан пијанист кој тој не го посетил, нема клавир на кој не засвирил. 

„Како штимер работам веќе 40 години. Во 1978 и во 1979 година бев во Виена,  за да се усовршам, и од 1980 година работам на факултетот за Музичка уметност во Скопје.  Занаетот го научив во една фабрика за клавири во Виена, во тоа време во Македонија немаше клавир-штимер. На Факултетот имаше некоја аудиција на која се пријавивме 11 луѓе, и мене ме избраа, сосема случајно“, ја започна својата приказна Кире, на една предновогодишна забава каде што беше ангажиран како Дедо Мраз. Штимерот има 63 години, догодина ќе оди во пензија и вели дека до сега посетил многу куќи, и за да им даде убав звук на раштиманите инструменти и за да подели подароци. 

Дедо мраз станал поради неговиот пријател, македонскиот пијанист со светска кариера, Симон Трпчевски, за да ја изненади неговата ќерка, Лара.

„ Лара славеше роденден и јас отидов кај Симон дома за ја израдувам. Оттогаш, таа почна да ме вика: „мојот Дедо мраз“. Сосема спонтано, потоа станав Дедо мраз и на други деца. Ме ангажираше Кристина Арнаудова за здружението „Проект среќа“ на нивниот хуманитарен проект „И јас сум Дедо мраз“, и уште некои фирми од време на време. Веројатно, луѓето ме сакаат поради мојата физиономија, мојата вистинска брада, и веќе 5-6 години се облекувам како Дедо мраз и ги радувам децата, а и возрасните“, додаде Кире. Вели дека маскиран како најпопуларниот дедо сѐ уште не бил пред неговата внука, која има само четири месеци.

„Догодина, кога малку ќе порасне и за неа ќе бидам Дедо мраз“, вели Кире. За неговата брада, раскажува дека долги години ја негува. „Носам брада цел живот, но беше многу пократка. Откако почнав да се облекувам како Дедо мраз намерно ја пуштив подолга, за да изгледам поавтентично“.

Интересна приказна има и за дедомразовската облека, која е сошиена од завеса на стариот скопски театар кој е урнат од земјотресот во 1963 година.

„Една жена од  СОКОМ сосема случајно ја земала завесата од урнатиот театар во 1963 година. Таа ми ја даде. Ми се допадна материјалот и ја однесов во Македонската опера и балет. Таму костимографите се чудо, тие од штоф ќе направат човек, а камо ли облека? Во МОБ ми ја одржуваат облеката, а јас редовно ја носам на хемиско чистење“, раскажа Кире. Негов најдраг ангажман е дружбата со децата со посебни потреби. Вели дека има посебна магија во тие деца. 

„Тие деца бараат посебна енергија, посебно внимание и колку и да сум изморен по секоја средба со нив, најмногу сум исполнет. Во денешно време кога луѓето се толку исполитизирани и полни со негативни мисли, треба да видите колку тие деца даваат топлина и позитивна енергија“, раскажа Ристески. 

За крај, тој вели дека кога не е Дедо мраз и кога не е ниту штимер, освен семејството, најмногу го опушта свирењето. „Седнувам на клавир и тоа најмногу ме одмара. Свирам сѐ, од Ричард Клајдерман до Оливер Драгојевиќ. Малку сум застанат во времето на „Скалинада“. Сакам далматинска музика. Далмација е музика и вино“. 

Милица Џаровска