Обложувалниците со полни раце работа: Веќе почнаа да типуваат за името на бебето на принцот Хари и Меган Маркл

Британските обложувалници веќе собираат облози за името на идниот брат или сестра на малиот Арчи, синот на принцот Хари и актерката Меган Маркл, а засега најдобро котираат имињата Оливер и Дајана, кои имаат коефициент 8 спрема 1, пренесува „Фонет“.

На второто место, според обложувалниците на „Бетфер“, се имињата Артур и Грејс со коефициент од 10 спрема 1, додека имињата Филип, Алберт, Џорџ и Изабела имаат коефициент од 12 спрема 1.

На дното на списокот е името Борис, кому обложувалницата му дава коефициент од 200 спрема 1 што ќе ги изберат идните родители.

Портпаролот на „Бетфер“, Сем Росботом, за „Индепендент“ изјави дека принцот Хари и Меган Маркл веќе еднаш ги изненадија обложувалниците, бидејќи го нарекоа својот првороден син Арчи, име што воопшто не бил на списокот „најверојатни“.

„Веројатно овојпат Меган и Хари ќе изберат потрадиционално име, а Оливер и Дајана се омилени меѓу нашите клиенти“, додаде Росботом.

Принцот Хари и Меган Маркл во неделата објавија дека очекуваат уште едно дете, со порака дека „Арчи ќе стане постар брат“.


Фото: Profimedia

Можеби ќе ве интересира:

Британските таблоиди на колена: Маркл уште ја боли објавувањето на писмата кои му ги пишуваше на татко ѝ