ОК е да си различен

Да се живее во ова поднебје во кое менталитетот е таков каков што е, е исклучителен предизвик. Особено затоа што сме познати по тоа дека сме експерти за се’, а најмногу за тоа кој како треба да живее и што треба да прави со себе во животот. Очекувањата на другите за нас се често пати фрустрирачки, додека еден ден не ни попука филмот по шавови, па си кажеме “ајт во мајчината, ова е мој живот и ќе го живеам онака како што сакам”. Во принцип, јас сум секогаш поборник за живеење на слободата со полни гради и длабоко вдишување, се’ додека не загрозуваме некого со тоа. Додека не правиш зло, за мене си ок да си го тераш своето, без оглед дали се сложувам со тоа или не. Не е апсолутно моја работа дали комшиката ми е разведена, дали е комшијата самохран родител, дали некој сака да функционира во вонбрачна заедница и дали во истата ќе има деца, дали некој ќе одлучи дека не сака да има деца или дека сака сиот живот да го мине сам/а, а бога ми и не е моја работа дали некој што го знам или не го знам е хомосексуалец.

Отсекогаш ми пречеле прашањата за нечија сексуална определба, исто како што ми пречат прашањата за верската или националната припадност. Учена сум и ја учам ќерка ми да ги распознава луѓето по тоа дали се добри или злото блика од нив, да ги почитува разликите и да научи да се справува во себе со она што не и’ се допаѓа. Никој не е на земјава роден за да исполнува туѓи очекувања, исто како што никој не е тука на земјава за да изигрува нечија совест или да дели ум. Подеднакво ми пречи и кога некој се занимава со мојот живот или со животите на другите. Дур си плаќам сама сметки, моја работа е што правам во моите 4 ѕида, а и надвор од нив. Седејќи најчесто сама додека пишувам по мирни кафулиња низ градов, се имам изнаслушано еден куп муабети за некој или некоја, па и за некои. И тоа на долго и на широко, со сите пикантерии за онаа каква била, каков е оној, каков им бил бракот или врската на оние. Чуму? Излегувањето со друштво за мене била можност да се видам со луѓето, да муабетиме за она што ни се случува во животот, да (с)поделиме искуства, доживувања. Не ми се има случено да поминам час, два, три во напразно дрдорење за луѓе кои нит ги знам, нит некако имаат врска со мојот живот.

Поминувајќи го разводот бев директно засегната со она што значи да си на тапет, како да не е дозволено човек да одлучи да биде сам. Сум се изнаслушала муабети кои дошле до мене за причините на разводот, а биле неточни. Тогаш ме јадеше бес и фрустрација оти беше потполно нефер да се шират невистини, се’ додека не сфатив дека можам да се “убијам” од објаснување и пак да не докажам дека не е така. А кому да докажувам? И што е најважно...зошто да докажувам? За да ги задоволам љубопитните и оние кои немаат попаметна работа отколку да се занимаваат со мене? Фуј! Откако го апсолвирав и преџвакав ова, си го најдов спокојот. Денес, ама ич не се потресувам дали сум тема на муабет на нечија маса, ниту сакам да делам ист воздух со оние кои повеќе се занимаваат со останатите отколку со себе. Краток ми се гледа животов за да минам дури и само 1 час во такви муабети и во друштво на луѓе кои ги нарекувам алапачи. Не сум должна, ниту е било кој од вас должен да се објаснува себе или да се правда за своите постапки или избор.

И кога сме веќе кај избор, полека доаѓаме до темата која беше актуална деновиве, а тоа е парадата на гордоста. Во принцип, не гледам потреба од парадирање за било што, оти за мене е сосем легитимно човек да е она што е, без да го интересира моето мислење. Но, со оглед на тоа дека кај нас хомосексуалноста е се’ уште нешто за кое луѓето се поплукуваат и прекрстуваат, чинот го сфаќам како обид за кршење на табуата. Знам дека многумина од вас тука ќе престанат да ме читаат, ама мора да си го кажам моето. И кај едните и кај другите ми пречи експонираноста во смисол на тоа дека не треба да ми бодете очи со вашата интима. Да, вам ви пречат хомосексуалците и ви е неприроден чин кога ќе се бакнат во јавност или да се држат за рака. Па, мене ми е исто така неприродно кога ви ја гледам целата интима објавена на социјалните мрежи, почнувајќи од тоа како јадете заедно, па како споделувате бакнежи....остана уште да се сликате како седите на тоалетни шољи еден до друг, за да сфатиме сите колку сте блиски и колку се сакате. Неприродно ми е кога се “жваљате” по кафеани и кафичи, кога раката на партнерот е на задникот на неговата жена или девојка. Едноставно, мојот став е дека интимата е за во спална соба, без оглед дали сте хомосексуалци или хетеросексуалци.

Згрозеноста од истополови врски е во најмала рака смешна, оти кога е љубов во прашање тука главна улога играат душите и нивното препознавање, а не во какви тела се. Повеќе се згрозувам од мажите кои бесрамно ги изневеруваат своите партнерки, па на 50 и кусур се шетаат рака в рака со 20+ девојчиња и очајно сакаат да си ја вратат младоста назад преку швалерај. Се згрозувам од глумата во спалната соба и индиферентниот однос кој знае некогаш дури и да е полн навреди, ама сето тоа поминува оти се сепак маж и жена, а не маж и маж или жена и жена. Чудно и чудесно е тоа како имаме двојни аршини за се’ што е и не е во наша корист.

Во моментот кога седев со татко ми по болници и кога гледав дека родителите ги носат на зрачење или хемотерапија своите деца, од корен ми се смени перцепцијата за тоа што е важно, а што не во животот. Децата не ги купувате во продавница за да ги вратите назад и со доплата да си одберете некое кое без “фелер”. Децата растат и одраснуваат во личности кои имаат свои потреби и идеи како сакаат да живеат. Ако се хомосексуалци, ќе се откажете од нив? Или ќе ги вратите во продавницата оти не ги исполниле вашите очекувања? Некои ќе речат оти е грев да се биде со човек од ист пол и дека тука згаснува продолжувањето на семејното презиме. Што правиме со оние кои не се хомосексуалци, ама не сакаат да имаат деца? Или тоа не е исто? Да си ги избаждарите кантарите повторно и подеднакво за сите. Мене лично ми е најважно да е ќерка ми здрава и жива, да си го најде своето место во овој свет, да си има спокој и да остане секогаш доследна во својата идеја дека со мене може да сподели се’, од најдобрите до најлошите мисли и искуства. А дали ќе има партнер или партнерка, нејзина работа. Дали ќе има маж, а нема да сака да има деца, нејзина работа. Она што е моја работа е да знае дека секогаш, без исклучок има столб и дом во кој ќе може да си дојде ако и’ треба нешто.

И ште ова. Не држи муабетот дека во геј заедници, обврзно и децата ќе бидат геј, оти и оние кои се геј се родени во хетеросексуални заедници. Грев е да им создавате товар на вашите деца дека МОРА да се како вас или како остатокот од оние кои ги познавате, а се по ваш терк. Оти така само ќе ги натерате да влезат во релации во кои целиот свој живот ќе се кријат и ќе си го упропастат не само својот, туку и животот на оние со кои ќе стапат во брак, а и децата доколку ги имаат. Товарот кој им го наметнувате со вашите ставови е тежок и остава долгорочни последици. Криењето на идентитетот, на припадноста, тежината на тоа дека живеат нешто што не е нивно, знае да биде и погубно, особено ако се работи за нежни души кои се лесно кршливи. Оставете да е ОК да се биде различен, оти навистина е ок. Грижете се да воспитате деца кои ќе знаат да пружат рака онаму каде што е потребно, да бидат чесни луѓе, да се свои и слободни. Баталете што ќе кажат комшиите и “народот”, оти во ниту едно семејство ништо не е онака идилично како што се чини на прв поглед. Дури ни тогаш кога на фб ќе ставите 10 албуми од идилични слики со кои сакате да ги убедите сите дека сте среќни, а најмногу себе.

ОК е да си различен се’ додека си добар човек. Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Тивки се одаите

кои одамна зјаат празни

без никаков знак на живот

та дури и спомените се отселени

во некој друг дом

поделени на “твои” и “мои”

како да се покуќнина

која и онака нема да се користи

во новото живеалиште.

Тивки се ѕидовите

од кои нашите воздишки испариле

како вода за чај

ставена на стариот шпорет

и заборавена на напукнатите рингли

дур не прегори и последната надеж

да ни замириса душата на нане

пред зимата која доаѓа

а во која нема да сме заедно.

Тивка е градината

во која одамна ништо не цути

со паднати лисја

кои крцкаат под нечии туѓи стапала

како да кинисале некаде

а сепак никаде не одат

туку само ги покриле нашите чекори

во обувките кои повеќе не ги носиме

претесни за нашите желби.

Тивок е градот

во кој еднаш се сретнавме

а се разделивме неколкупати

и улиците повеќе не зборуваат

ниту стреите шепотат

а под нив повеќе ги нема сенките

на младите љубовници кои ги среќававме

чии копнежи остареле од чекање

на нови, подобри времиња.

Тешка е тишината во нашите срца.