Ана Бунтеска: Оваа зима од дрвено срце оган ќе потпалам

Добивај вести на Viber

Ги дробам деновите,

а ноќите тагата ми ја ситнат

како парички расфрлани на земја

спомените ги собирам и бројам...

Во четири ѕида светот го собрав

со музика од искината пајажина

а во него боите ги делам на црна и оние-другите

па од црната прекривка за в зима ткаам...

Те чекав со раце полни студени бакнежи

и грст мириси стиснати како букет цвеќе

топол чај од нане и колачи со цимет

кои мирно спијат во лимена кутија...

Оваа зима од дрвено срце оган ќе потпалам

и топло вино покрај него ќе пијам

завиткана меко во стихови и песни

со слика од она што можевме да бидеме...

Мислите за среќата скриени ги чувам

од себе, од тебе, од нас,

и само некогаш од умов по една вадам

и’ се радувам како дете и повторно ја заклучувам...

На ќошот од усниве молк ми се собрал

имам срце векови минато во тишина

во грлото воздишка задржана

а градите полни неискажана љубов...

Ги дробам, деновите низ прсти ги дробам,

а тагата пак, мене во прашинки ме раздробува

го чекам првиот снег кој ќе ги покрие сите лузни

како никогаш и да не постоеле...

Велат, оние родени в зима, зима во душата имаат,

со мраз оковано срцето им е за навек

на оние во зима родени, зимата во градите им спие,

и затоа солзи немаат, оти душата, душата замрзната им 


За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Фото: Стојан Стојановски