ПЕРО АНТИЌ, ЕДИНА МУСА, МИРКУЛОВСКИ, МАНАСКОВ, КУЗМАНОВСКИ И НЕДЕВИ ЌЕ СЕ ДРУЖАТ СО ФАНОВИТЕ НА ХУМАНИТАРЕН НАСТАН

Добивај вести на Viber

Секој кој ќе сака во четврток да се дружи со Перо Антиќ, Едина Муса, Дејан Манасков, Филип Миркуловски, Филип Кузмановски и Дејан и Аљоша Недеви, ќе треба да донира најмалку 100 денари. Собраните пари се наменети за децата кои живеат во социјален ризик, како дел од хуманитарно-спортскиот проект „Здраво Шампиони“.

Перо Антиќ 

Кошаркарската ѕвезда Перо Антиќ, ракометарите Дејан Манасков, Филип Миркуловски и Филип Кузмановски, европските шампиони во карате, Дејан Недев и Аљоша Недев, како и кошаркарката и бикини фитнес шампион Едина Муса, ќе бидат дел од спортското-хумано дружење „Шампионите за вас“, во четврток, на 21 јуни, од 17 до 20 часот на летната тераса на ресторанот „Фор“ во хотелот „Парк“.

Секој кој ќе сака да се дружи и да се слика со спортистите, ќе треба да донира најмалку 100 денари, со што добива купон за влез и дружба со нив. Собраните пари се наменети за децата кои живеат во социјален ризик, како дел од големиот хуманитарен и спортски проект на здружението „Проект Среќа“, „Здраво Шампиони“.

Едина Муса 

Проектот кој почна пред неколку месеци, има за цел да обезбеди спортска опрема и спортски членарини за сите деца и млади од 7 до 18 години, кои немаат материјални услови да се занимаваат со спорт. 

Дејан Недев 

„ До сега, се пријавија 340 деца, кои сакаат да спортуваат различни спортови. На сите нив, ќе им обезбедиме комплетна спортска опрема, како и годишна членарина во спортскиот клуб каде што сакаат да спортуваат. Соработувавме со основните, средните училишта и установите каде што се згрижуваат деца, а сега и најголемите спорстки ѕвезди ја подржаа идеата да ги направиме среќни. Настанот „Шампионите за Вас“  има за цел преку забава и дружење, да собере нови донации, кои ќе бидат комплетно наменети за спорстка опрема за дел од пријавените деца“, ни изјави пејачката Кристина Арнаудова, која е претседател на „Проект среќа“. 

Филип Миркуловски 

На самиот настан ќе се продаваат и топки со потписи на оние спортистите, по цена од 300 денари. Ќе се одржи и аукција на нивни лични предмети. Проектот ,,Здраво Шампиони,, е во соработка со Агенцијата за Млади и спорт.

М. Џаровска