ПЕСНАТА ЗА ПОКОЈНИОТ БРАТ Е ДА ПЛАЧЕШ, ДА ВРЕСКАШ: Росана ѝ се враќа на музиката со емотивна посвета
Росана Сариќ- Тодоровска по долги години ѝ се враќа на музиката, со песна која ќе му ја посвети на покојниот брат. Сношти, таа со својот пријател и колега, фолк-пејачот Горан Тодоровски ја промовираше песната „Мое сѐ“. Познатата пејачка која сега работи во книжарницата „Култура“, вели дека решила повторно да сними песна и да настапи поради обожавателите, кои секојдневно ја прашуваат кога ќе ѝ се врати на музиката.
„ И на работа, и каде и да ме сретнат, моите обожаватели ме молат секојдневно. Но, ова враќање на музиката нема да биде така активно, туку само повремено, поради нив“, ни изјави Росана. Автор на песната „Мое сѐ“ е со музика и текст на Горан Тодоровски, и негова била идејата да ја снимат во дует.
„Обожавателите ме молат пак да пеам“.- Росана со колегата Горан Тодоровски
Вчерашното гостување во Македонската телевизија, Росана вели дека го доживеала многу емотивно.
„ Па, бев тажна. Емоции се во прашање. А имам песна која се подготвувам да ја снимам во поскоро време, и ќе му ја посветам на нашиот ангел, на нашиот брат кој многу рано не напушти. Песната се вика „Два живота“. Текстот е да плачеш, да врескаш, но тоа е судбината. За прв пат во кариерата посветувам песна на некого. Чувствувам дека треба и мора, особено што и нашиот ангел беше одличен музичар во секоја смисол на зборот. Музиката му беше сѐ во животот“, ни раскажа Росана. И таа песна ќе биде од истите автори како и „Мое сѐ“.
Фолк- пејачката последниве месеци ужива во улогата на баба. Нејзиниот внук Ноа од ќерката Ивана и од зетот Џејмс, на 9 октомври ќе наполни три месеци.
Од вчерашното гостување во МТВ.- Росана и Горан
„ Јас сум супер бабичка. Внук ми Ноа е злато мало . Секој ден си одам кај него и ѝ помагам на ќерка ми, иако и таа и зетот се покажаа како многу совесни и добри родители. Ноа е мирен и добар, „љуби га баба“, раскажа Росана.
„ Се повлеков од естрадата поради неправдите, особено на фестивалите , од немање на вистинско мерило на вредности, и помалку заради моите работни обврски. Јас пак ќе пеам, ќе има нови песни за мојата верна публика и за луѓето кои што ме сакаат, а пресреќна сум што ги има во голем број,навистина. Но, пеењето нема да биде со голем интезитет како некогаш. Инаку, во трговијата сум скоро 18 години. Во фирмата „Еуротрејд“ бев вработена речиси 12 години, и благодарение на таа работа стекнав огромно и непроценливо искуство за работа. Потоа бев вработена во „Стружанка“, таму останав точно 5 години, и стекнав едно малку поинакво искуство. Еве, веќе една ипол година сум во светот на книгите, во „Култура“, ни рече Росана во претходно интервју.
М.Џаровска