Пред да почине, пушти две солзи–една за нероденото дете, друга за најмилите: Марија Д.Спасовска искрено за својата сестра Ирена, која ја изгуби битката со ковид

Добивај вести на Viber

„Ние бевме две срца, а иста душа. Таа беше мојата кротка убавица, на која можев да се потпрам за сѐ. Мојата хероина, весела и полна со живот. Од малечка ми беше поддршка, ми ја подаваше топлата рака да ја споделам радоста или да ми биде како утеха. Бевме едно, врзани и испреплетени на свој начин“. На овој начин Марија Дојчиновска Спасовска ја опишува својата сестра Ирена, која ја изгуби битката со короната. По 40 дена борба за живот, почина на 16 декември 2020 година. Ја погребаа на 18 декември, денот кога требаше да го прослави 40-от роденден. 

Ирена Дојчиновска Милошевска, дипломирана медицинска сестра, работеше во ЈЗУ Спец.болница за геријатриска и палијативна медицина 13 Ноември Скопје. Со појавата на ковид пандемијата меѓу првите го облече скафандерот. Застана на првите редови од фронтот во борба со „невидливиот непријател“. Колегите  ја опишуваат како голем човек, секогаш позитивна и насмеана. Никогаш работата не и била оптоварување, туку радост и предизвик. Пациентите ја обожавале. Со својата грижа и насмевка им била мелем на болната душа. Иако имала финансии, да се откаже од работата и да се посвети на потомството, одбила тоа да го стори, без да размислува за своето здравје.

* Лани, во овој период пандемијата почна да го зема својот прв замав. Се појави ли страв кај вашата сестра за своето здравје, се пожали ли на исцрпеност од работата?

- Со појавата на пандемијата, болест за која тогаш многу малку се знаеше, нормално беше да се јави прикриен страв кај сите. Но, некој мораше да се грижи за болните. Ирена, која многу ја сакаше својата професија и поседуваше големо знаење, а истовремено беше и многу храбра меѓу првите го облече скафандерот. Застана на првите редови од фронтот во борба со „невидливиот непријател“. Вложуваше сѐ од себе да им помогне на пациентите кои беа позитивни на ковид. Не се плашеше да им се доближи и да ги допре со визирот на глава, за да ги утеши и да им даде надеж дека прават сé за да оздрават. Беше среќна кога со колегите ќе излекуваа пациент. Еден ден ми се јави и ми рече „Марија, многу сум среќна, баба од 90 години оздраве од ковид.“ Иако имаше можност да се префрли во друга клиника, одбиваше. До последен ден остана да се грижи за стари, изнемоштени пациенти. Тоа се случи и за време на пандемијата. Беше личност која никогаш не покажа слабост. Колку да ѝ беше тешко,  тоа не го искажуваше. Ниту пак сакаше да се откаже од намерата да помогне, тогаш и таму каде што е најпотребно. 


До последен миг велеше дека ќе оздрави

*На кој начин ве извести дека има ковид? Веруваше ли дека ќе ја добие борбата?

- Нејзиниот карактер беше таков, да ги поштеди најмилите и секогаш да ги истакнува само убавите работи. На многу смирен начин нѐ извести дека е позитивна. Само рече: „Тоа е.“ И се насмевна, само за да не внесе немир и паника во семејството. Беше многу храбра, а таа нејзина особина беше највидлива кога лежеше во болница. Единствена комуникација со неа ни беше телефонот. Секое утро преку камера ќе ни мавнеше и ќе ни кажеше: „Добра сум.“ Иако здравствената состојба ѝ се влошувала и знаела дека животот ѝ е во опасност, не покажа слабост и секогаш нѐ охрабруваше дека сé ќе заврши добро, само за да не ни нанесе болка.

* Кога последен пат се слушнавте и што ви кажа?

- Се слушнавме два дена пред кобниот ден. Се видовме на камера, ѝ пратив фотографии од децата и си кажавме една на друга колку се сакаме. Во текот на разговорот ја сврте камерата, само за да не ја видам со солзи. Кога ситуацијата стана критична и итно требаше да ја префрлат во одделот за интензивна нега, со неа беше сопругот. Успеа да собере сила и да им се јави на родителите. На мајка ми ѝ рекла: „Добра сум, мамо.“, само за да не ја загрижи. Потоа се јавил татко ми и успеал да ѝ каже само „Бори се, Ирена, заради тато!“ А таа му возвратила: „Добро, ќе се борам, тато.“ Дента пред да почине, во нејзината соба влегол болничарот, нејзин пријател. Ја послужил со вода. Во еден момент забележал две солзи на нејзиното лице. По кратко време, засекогаш ги затвори очите. Почина на 16 декември, од постковид компликациии. Доби тешка пневмонија, со која храбро се бореше 40 дена.Ја погребавме на 18 декември, на денот на нејзиниот 40 роденден. И покрај пандемијата, на погребот дојдоа многу луѓе, нејзини пријатели, колеги. Гробот ѝ беше покриен со многу цвеќиња. Како рајска градина.

* Каде Ирена остана недоречена, неисполнета? Што најмногу посакуваше да ѝ донесе иднината? 

- Сестра ми беше полна со живот, енергија, имаше многу желби кои веруваше дека ќе ѝ се остварат.  Ирена беше жена борец, голема другарка. Имаше искрена и чиста душа. Желба ѝ беше да стане мајка. Професионално планираше да се запише на постдипломски студии. Сакаше да се надоградува во работата, да патува и да го живее животот како што само таа умееше. Кога болничарот ни кажа што се случило пред да нé напушти засекогаш, знаев за кого беа наменети двете солзи. Едната за нероденото дете, другата за најблиските.


Многу се вложуваше во работата

* Дали од мала посакуваше да биде медицинска сестра? 

- Ирена по завршувањето на основното училиште, по сугестија на родителите се запиша во Средното медицинско училиште во Скопје, отсек Фармација, иако нејзина желба беше да биде медицинска сестра. Успешно го заврши четиригодишното школување и се вработи како фармацевтски техничар во аптека. Но, желбата да стане медицинска сестра никогаш не ѝ згасна. Се запиша вонредно во медицинското училиште во Скопје за медицинска сестра и успешно го заврши. Наоѓаше секогаш слободно време да волонтира во поликлиниките и да го учи занаетот. Откако го заврши, се вработи како медицинска сестра во ЈЗУ Спец.болница за геријатриска и палијативна медицина 13 Ноември Скопје. Таму беше омилена помеѓу персоналот и беше многу стручна. Не застана со школувањето. Се запиша на Медицински Факултет во Скопје и дипломира во рекорден рок со високи оценки. Стана диломирана медицинска сеста. Бескрајно ја сакаше работата. Имаше многу хуман однос со пациентите. Беше омилена меѓу персоналот. И во најтешките случаи, на пациентите им даваше надеж со насмевка, со добар збор и со грижа. Ширеше позитивна енергија насекаде. Свесно и со голема љубов се жртвуваше во работата. Неуморно работеше дење и ноќе. И кога имаше слободни денови, ако ѝ се јавеа за помош, влегуваше во автомобил и веднаш преземаше сѐ што треба само за да пружи помош.

* Каква беше Ирена, како сестра?

 - Сестрата е нешто свето. Ние бевме две срца, а иста душа. Таа беше мојата кротка убавица, на која можев да се потпрам за сѐ. Мојата весела и полна со живот хероина. Од малечка ми беше поддршка, ми ја подаваше топлата рака да ја споделам радоста или да ми биде утеха. Бевме едно, врзани и испреплетени на свој начин. Секој ден ми се јавуваше на телефон по неколку пати. Нејзиното „ало“ за мене беше сѐ. Посакувам секој да има сестра каква што имав јас. Беше море во кое пловеа сите мои животни настани и случки. Ги скратуваше брановите да не ми наштетат. Ми недостасува до болка. Изгор. Појде на пат на кој што не можев да ја стасам. Ме остави да мечтаам низ годините. Сега моето срце чука и за нејзиното. Не постојат зборови кои можат да ја опишат мојата тага. Сестра ми сакаше да бидам среќна. Најблиските ми велат: „Држи се, Марија, живеј дупло и за Иренче“, но веќе никогаш ништо не е исто без неа. Ирена беше родена да биде лидер. Беше личност која што имаше огромни комуникациски вештини. Не постоеше проблем што не можеше да го реши во семејството, на работа или кај најблиските. Честопати знаеше да каже: „На тато и на мама не смее ништо да им недостасува“. Секогаш помагаше на луѓето и тоа ѝ причинуваше големо задоволство или народски кажано: „Не помогна само на тие што не ѝ побараа помош.“ Моите деца беа и нејзини. Неизмерно ги сакаше, а и тие нејзе. Си разменуваа чисти и искрени прегратки. Им беше втора мајка. Секој ден им се јавуваше да ги праша како се и што сакаат да им купи. Незаборавни ќе бидат нашите заеднички патувања во Грција, Хрватска, Лазарополе, Охрид. Кога лежеше во болница се гледаа преку камера и им велеше: „Ангели мои, ми ги топлите градите.Тета ќе оздрави за вас и ќе одиме на море.“  Моите деца страдаат за својата тетка, која замина без поздрав и збогум. 

Плачот на мајка ми се слуша од далеку 

* Поминува време, но болката не престанува. Се навикнуваш, но не прифаќаш дека тоа е вистина. Како се носите со тагата?

- Преголема е ваквата болка, Ирена секоја минута ни е во мислите. Поминува време, мислиш дека болката подпрестанала малку, но спомените започнуваат да те удираат сѐ посилно. Тогаш сфаќаш дека боли и никогаш нема да помине. Остануваат длабоки рани, кои никогаш нема да зараснат. Сеќавањата ставаат сол на тие рани кои не можат да зараснат. Никогаш не сакав тетоважи за себе, но сега нејзиното име е на мојата рака. Да биде со мене, да ме чува. Нејзиното место на масата кај моите родители секогаш ќе биде празно, за сите родендени, семејни прослави, празници. Неодамна на мојот тако му беше роденден. Му го честиташ, му посакуваш убави желби, а солзите врнат. Мојот син, омиленото внуче на Ирена, поминува период на пубертет. Жалам што не можам на сестра ми да ѝ се јавам и да ја израдувам за неговата прва симпатија.


* Како се носат со болката вашите родители? 

- Нема потешко од тоа родителот да го изгуби своето чедо. Со солзи легнуваат, со солзи стануваат. Неподносива тешкотија. Лелекот на мајка ми се слуша надалеку кога го посетуваат нејзиниот вечен дом. Татко ми некое време успева да молчи, а потоа вулканот во него се разбудува и почнува да плаче и не престанува, како забрзна локомотива. Целиот се растреперува и долго време не може да се смири. Секој предмет, секое место ги потсетува на сестра ми. Се случува понекогаш кога телефонот ќе заѕвони, не се во можност да разговараат. Секој телефонски повик ги потсетува на сестра ми, која секој ден им се јавуваше по неколку пати, да праша дали е сѐ во ред. Како поминува времето, болката и тагата се сѐ поголеми.

* А, сопругот?

- Имам најпрекрасен зет, каков што секој би посакал. Илија е човек со широко срце за сите. Беа создадени еден за друг. Имаа љубов, безгранична како небото. Имаа прекрасен брак, исполнет и со толеранција, разбирање. Секогаш заеднички носеа одлуки. Сестра ми беше сакана и почитувана сопруга. Беа среќна двојка. Авантуристи, многу патуваа и сакаа да посетуваат нови дестинации. Беше грижлива сопруга. Сакаше на време да бидат завршени сите домашни обврски. Имаше свекор, за кој многу се грижеше. Тој ја чувствуваше како своја ќерка. Колку што беше силна љубовта, толку е силна и тагата на зет ми. Иле секој ден го посетува нејзиниот вечен дом.

Соња Алексоска Неделковска