„Ќерката го вежба својот утрешен љубовен живот и релација со машките на тебе“: Сашко Коцев за родителството
Родителството е посебна животна улога која носи голема одговорност и која подразбира безусловна љубов, силна грижа, огромна храброст и безброј компромиси. Тоа не е ексел-табела, а кога се станува татко, тоа е посебен адреналин.
Така барем вели најпознатиот актер кај нас Сашко Коцев. Коцев, кој публиката со задоволство го следи беше дел од првата Бекутан регионална конференција за родителство.
Таму, актерот можеби за прв пат сподели некои интересни детали од неговото родителство.
Актерот Сашко Коцев беше дециден дека клучот за здрав родителски пристап е непосредноста во семејните, односно партнерските односи кога е во прашање поделбата на обврските:
„Родителството не е ексел-табела. Спонтаната организација во зависност од обврските на двајцата родители, веројатно, е некаква тајна на успехот. Природно е да ја преземам грижата околу детето кога сопругата има дежурство на работа; исто и таа кога јас сум на снимање. Не требаат потпис и печат за успешно родителство. Напротив!“ изјави Коцев додавајќи дека со сопругата никогаш не се договарале дома со распоред, со excel табела ти во толку саат, ти во толку саат.
„Сè доаѓа спонтано, бидејќи има разбирање. На пример, спонтано знам дека таа била дежурна, па јас ќе преземам тие два дена додека да се стабилизира. Спонтано знае дека таму и таму сум имал ноќно снимање, па знае дека ќе ја преземе работата. Или детето кога ќе се префрли на адаптирано млеко, ако се разбуди преку ноќ, сега ќе станам јас, па таа ќе стане другата ноќ. Ние не сме по табела, тука потпис, ти вчера стана... така настануваат кавги, дури со договарање има повеќе кавги одошто со една спонтаност“ , рече Коцев.
Шармантниот актер во чија природа е со шега да зборува за нештата, ја забавуваше публиката на конференцијата и со начинот на кој раскажуваше за неговото татковство:
„Ова им го имам кажано на сите за оној момент од кој сите се плашат „леле моево дете во раце се научи“, на 20 пара сум им кажал „Да не го испушташ една секунда од раце“. Зошто? Зошто вака прелетува, како еден миг од животот и веќе има седум години и ќе ѝ речеш дојди да те бацам и ќе ти рече „сега, излези од собата“. Не ги сфаќам татковците кои се изморени. Посебен адреналин е кога стануваш татко. До раѓањето на моето дете, во животот јас туѓо бебе или дете, немав фатено во раце. Доаѓа сестра и вика кој ќе го бања и одма викам јас ќе го бањам. „Си бањал ли?“, одговарам „Не“. Бањам како јас да сум патронажна сестра. И оттогаш јас држам лекции за бањање. Кога се роди моето дете, јас во исто време спремав претстава и снимав филм во којшто играв главна улога. Се прашував од каде доаѓа таа снага. Значи од 7 до 7 бев на снимање, одев на претстава и доаѓав дома со став ајде да бањаме, ова-она. Не сум бил изморен.
Не сакам да мислите дека се фалам. Сакам да кажам дека ова мора да биде така и е обврска на секој родител и татко“, кажа Коцев.
Кога ќе добиеш дете, твојот живот завршува. Се менувал животот? Не бе, после тоа ти си спиеш во детска и тоа е тоа - раскажувајќи уште за неговата ќерката Јоана која денес има полни 7 години.
Во што е специјалноста на татко-ќерка врската , Коцев истакна:
„Таа точно знае колку си ти заљубен во неа и она може да ти прави што сака... Ќерката го вежба својот утрешен љубовен живот и релација со машките на тебе. Да те манипулира... таа тука се тренира. Те разоружува“ - рече актерот, посочувајќи на тој начин дека е во „заробеништво“ на ќерка си.
Кога станува збор па за вредностите кои Сашко сака да и всади на неговата ќерка рече дека пред се, притиска да расте со емпатија, да има сочувство кон другите. Не ги изостави ниту пак семејните вредности јас, мама, тато, баба, дедо, дома една топлина, една човечка семејна топлина..., но потенцираше дека треба и многу, многу разговарање, кажување што ѝ се случува, како и поминува денот, и како таа реагира на работите.
И.С.