Премиерка стана мајка - ќе отсуствува кратко од работа
Џесинда Ардерн(37) премиерка на Нов Зеланд го роди првото дете, и со тоа стана една од ретките жени која се породила додека ја вршела највисока државна функција.
Ардерн роди девојче во болница во Окленд, четири дена пред планираниот термин. Таа планира да земе шестнеделно породилно отсуство, а за тоа време ќе ја менува вицепремиерот Винстон Питерс. Сепак, како што кажа, ќе продолжи да чита владини документи додека е отсутна од кабинетот.
Ардерн ја објави веста за породувањето на социјалните мрежи.
„Многу сум среќна и му благодарам на персоналот во болницата. Знам дека ќе поминуваме низ многу емоции карактеристични за нови родители. Благодарам за сите убави пораки и честитки што ги добив“- напиша Ардерн.
Ардерн, која стана премиер во октомври, најмлад во државата од 1856 година, во јануари објави дека ќе стане мајка.