ПРИКАЗНАТА НА ЕДИНСТВЕНИТЕ ШТИМЕРИ НА КЛАВИРИ КАЈ НАС

Добивај вести на Viber

Семејната фирма „Пиано Центре“ која се занимава со продажба, изнајмување, транспрот, сервис и репарација на пијана е соработник на Skopje music street festival, настан кој од 21 до 24 јуни ќе се одржи на седум различни локации во градот. За потребите на фестивалот тие отстапија пијано кое два дена ќе биде поставено под отворено небо на две локации, а приказната за единствените штимери на клавири во Македонија ни ја раскажа Бојан Ристески.  

* Зошто одлучивте да бидете дел од Skopje street music festival? Што очекувате од ова музичко случување?

- „Пиано Центре“ е фирма која ја подржува и шири музичката култура. „Пасија и перфекција“ е нашето мото. Со оглед на тоа дека недостигаат вакви културно-уметнички настани во градот Скопје, задоволство ни е да бидеме дел од Skopje street music festival за кој се надеваме дека со заедничка соработка и љубов кон музиката ќе прерасне во традиционален фестивал.

* На фестивалот вие како спонзор ќе отстапите пијано кое два дена ќе биде поставено под отворено небо на две локации - во Градскиот парк и на Боемската улица. На пијаното ќе музицираат дел од учесниците на Skopje street music festival. Што ве поттикна на овој чекор, особено што во Скопје не се изнесува често пијано под отворено небо?

- Акустичното полуконцертно пијано кое ќе биде поставено на двете бини - во Градскиот парк и на Боемската улица е baby Grand Piano модел на брендот Weinbach кој е дел од PETROF фамилијата на пијана. Со оглед на нашата професионалност, експертиза и долгогодишно искуство во светот на пијаната, дозволено ни е да излеземе од рамките на стереотипни концерти во затворени сали. Затоа без размислување прифативме да бидеме дел од Skopje street music festival и излеземе во пресрет на сите учесници кои ќе музицираат на ова полуконцертно пијано.

* Вие и вашите брат и татко сте единственото семејство во Македонија кои сте професионални пијано-техничари односно штимери на клавири, па музиката и музичарите се дел од вашето секојдневие. Како ги оценувате општата музичка култура и образованието кај нас, дали гледате еволуција, стагнација или назадување во интересот, творењето и интерпретацијата на оваа универзална уметност?

- После мојот татко Кире кој ја одржува културно-музичката сцена во Македонија, јас и мојот брат Даниел сме втората генерација на пијано-техничари, клавир-штимери во семејството Ристески. Од нашата долгогодишна работа со нашиот татко, специјализации во двете врвни фабрики за пијана Steinway & Sons и Bosendorfer, искуството во музичките установи како Факултетот за музичка уметност, Македонската опера и балет, Македонската филхармонија, ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ и сите останати музички установи и музички фестивали во Македонија, можам да кажам дека во последниве неколку години се случуваат промени во музичката култура. Се изгради нова филхармониска сала, се донираа нови концертни пијана во неколку музички институции, што укажува на фактот дека развојот на музичката уметност полека, но сигурно оди во нагорна линија. „Пиано Центре“ е фирма која соработува со сите светски брендови на пијана и секојдневно допринесува во развојот на музичката сцена и култура.