Принцот Хари и Меган се повлекувaат од кралскиот живот

Двојката најави дека ќе бараат финансиска независност од кралскиот двор

Војводите од Сасекс - принцот Хари и неговата сопруга Меган, ја шокираа јавноста со својата изјава на својот профил на Инстаграм.

Во официјалното соопштение, парот рече дека тие имаат намера да се повлечат од своите должности во кралскиот двор, дека сакаат да живеат како нормално семејство и дека ќе бараат „финансиска независност“. Нивната изјава предизвика силни реакции во Велика Британија и се очекува официјална реакција на кралското семејство.

„После повеќемесечните размислувања и внатрешни дискусии, решивме да направиме транзиција оваа година со тоа што ќе започнеме да градиме постепено нова улога во оваа институција. Имаме намера да се повлечеме од „високите“ членови на кралското семејство и да работиме за да станеме финансиски независни, но продолжуваме целосно да ја поддржуваме Нејзиното Височество кралицата. Со вашето охрабрување, особено во последните неколку години, се чувствуваме подготвени да ја направиме оваа промена. Планираме да го балансираме нашето време во Велика Британија и Северна Америка, додека продолжуваме да го испочитуваме нашиот долг кон кралицата, Заедницата и нашето покровителство. Оваа географска рамнотежа ќе ни овозможи да го воспитаме нашиот син со благодарност за кралската традиција во која е роден, а истовремено да му обезбедиме на нашето семејство простор за да се фокусира на следното поглавје, вклучително и започнувањето на нашата нова добротворна иницијатива. Со нетрпение очекуваме да ги споделиме целосните детали за овој возбудлив следен чекор, бидејќи ние продолжуваме да соработуваме со Нејзиното Височество кралицата, принцот од Велс, војводата од Кембриџ и сите поврзани страни. Дотогаш, ве молиме прифатете ја нашата длабока благодарност за вашата постојана поддршка. Војводата и војвотката од Сасекс“.

Според кралскиот дописник во Бакингамската палата, кралското семејство не било претходно информирано за новите планови на Хари и Меган и се чувствувало навредено од тоа.