,

Првите тренинзи ни беа во парк, но испишавме историја: Приказната за македонскиот рагби клуб

Добивај вести на Viber

Македонија беше една од неколкуте земји во светот каде што немаше рагби клуб. Сметам дека темелите се веќе поставени, услови има. Имаме голем потенцијал за раст, храбри и цврсти дечки кои дефинитивно можат да се носат и во интернационални рамки доколку се насочат во добар правец, раскажува Александар Смиљановски, еден од членовите на клубот

Група британски и македонски вљубеници во рагбито лани испишаа историја кај нас кога го формираа клубот Skopje Wild Boars. Нивните амбиции се во наредните години да се формираат што повеќе клубови, па и формирање национален тим со кој би ја претставувале нашата земја на европските квалификациски натпреварувања. За нивниот ентузијазам да го актуелизираат овој спорт кој потекнува од Англија и кој досега беше непознат за пошироката македонска јавност, разговаравме со Александар Смиљановски, дипломиран маркетинг економист, роден и растен во Скопје.

- Професионалниот пат, случајно или намерно, ме донесе до Дигиталниот Маркетинг. За тоа да прерасне од работа во пасија, „виновна“ е компанијата во која работам и растам - Httpool. Вработен сум како менаџер за онлајн кампањи каде што сум одговорен за успешно спроведување на дигиталните рекламни кампањи и стратегии на нашите клиенти. Сѐ она што останува како слободно време сакам да го поминувам со фамилијата и пријателите и нормално на тренинзи со дечките од рагби клубот Skopje Wild Boars - раскажува Смиљановски.

Александар Смиљановски, еден од членовите на клубот

* На некој начин, Вие сте пионери. Преку вашата љубов кон рагбито направивте нашата земја да добие нов тимски спорт. Како започна сѐ? Како се случи група ентузијасти да иницираат една ваква несекојдневна приказна?

- Идејата за формирањето на рагби клуб во Македонија е нешто што е разговарано во последните 10 години од многу различни луѓе. Skopje Wild Boars е основан од Британец кој живее во Скопје така наречен „El Presidente“ или Џејмс Холт. Тој и уште неколку други разговараа за сонот наречен рагби. Сѐ започна кога еден ден решиле да напишат пост на Фејсбук каде што ги канат луѓето кои сакаат да дојдат и играат, притоа немајќи идеја дека ќе предизвика толкав интерес.

* Skopje Wild Boars е мултинационален тим. Освен Македонци, во екипата има и рагбисти од Англија, Велс, Турција. Како се споивте?

- Да, точно. Ова е мултинационален тим каде што играат играчи од повеќе држави, вклучувајќи ги Англија, Велс, Турција, Австралија па и Коста Рика. Повеќето од играчите дознаа за клубот преку социјалните мрежи или преку препорака од некој од играчите на тимот. Интересот е секогаш присутен бидејќи станува збор за возбудлив и динамичен спорт, па сите оние кои се пронаоѓаат во таа дефиниција генерално си го наоѓаат местото многу лесно. Јас лично, тргнав од љубопитност и од потребата за рекреација. Постепено со тренинзите прерасна во спорт каде што се пронајдов и тоа се покажа на првиот натпревар каде бев прогласен за играч на натпреварот.

Убавината во цела оваа игра и клуб е пред сѐ дружењето со играчите кои доаѓаат од различни држави, култури, професии. Така измешани наоѓаме заеднички јазик, учиме и растеме со клубот, но можеби и најважно стануваме подобри личности.

Првите поени против екипата од Косово - Eagles

* Дали некој од играчите во тимот има посериозен спортски бекграунд? Впрочем, за каков профил на луѓе станува збор?

- Да, имаме играчи кои играле рагби интернационално и играчи кои никогаш не слушнале за овој спорт, но важно е сите што доаѓаат се големи ентузијасти и дечки со огромни срца! Чисто за пример, клупскиот претседател има играно рагби повеќе од 29 години, а тренерите имаат играно во Велика Британија, Европа и во Дубаи. Исто така имаме играчи од Австралија, а од скоро и поранешни фудбалери кои се придружија на тимот.

* На почетокот најголем проблем Ви беше да најдете соодветен терен. На кој простор, условно кажано, испишувавте историја, а каде тренирате денес?

- Кога почнаа првите тренинзи, беа одржувани во градскиот парк на тревник. Тоа беа почетоците пред нецела година. Откако клубот почна да функционира сериозно тренинзите беа префрлени на стадионот Локомотива во Карпош 3. Практично, тоа е и теренот каде што ја испишавме историјата на Македонското рагби кога на 8-ми Декември го изигравме првиот натпревар против екипата од Косово - The Bears. Иако температурите беа минусни, имаше повеќе публика од повеќето наши фудбалски и кошаркарски натпревари.

Загревање пред натпревар

* Кој го финансира клубот? Имате ли веќе разработено некоја посериозна стратегија за делување?

- Моментално клубот е „самоодржлив“, односно финансиран од претседателот на клубот и уште неколку луѓе кои безрезервно вложуваат, не само финансии туку и логистика, организација и тренинзи. Верувам и знам дека за кратко време ќе може да се размислува и за спонзорства, бидејќи самиот спорт е атрактивен и ја привлекува јавноста, а притоа и потенцијалните спонзори.

* Вие го пробивте ледот, па после вас се формираше уште еден рагби-клуб во Пробиштип. Има ли интерес, но и услови за формирање и на други клубови, па и за формирање на национален тим кој би не претставувал и на европски натпреварувања?

- Идејата е да се основаат повеќе клубови во Македонија, па потоа и федерација. Чисто за споредба, Косово веќе има оформено федерација и превземаат напори за раст и развој на овој спорт. Fun fact: Македонија беше една од неколкуте земји во светот каде што немаше рагби клуб. Сметам дека темелите се веќе поставени, услови има. Имаме голем потенцијал за раст, храбри и цврсти дечки кои дефинитивно можат да се носат и во интернационални рамки доколку се насочат во добар правец.

* Рагбито потекнува од Англија и е спорт кој е непознат за пошироката македонска јавност. Многумина кај нас и не ги знаат правилата за оваа игра. Што е всушност рагби и како се игра?

- Рагбито се игра помеѓу две екипи составени од по 15 играчи на тереншто значи дека постојано има контакти динамика. Целта е да се донесе таа толку посакувана јајцевидна топка во противничката „try“ зона и да се поентира. Оној тим што повеќе пати ќе го направи тоа победува.Интересно е што подавањето со рака се прави само назад или во линија со тој што подава, а единствен начин да се пренесе топката напред е со нога.

* За разлика од американскиот фудбал кадешто играчите носат заштитна опрема која тежи неколку килограми, опремата за рагбито освен дрес, подразбира само копачки и штитник за заби. Се игра ли грубо кај нас?

- Рагбито не вклучува заштита, освен штитник за заби и опционално капа или бандажери за ушите. Е исклучително контактен спорт, а тоа и подразбира груба игра, но истовремено има и голема почит помеѓу играчите на теренот. Постои стара мисла за рагбито која гласи: „Рагбито е хулигански спорт, кој го играат џентлмени“.

Ѓорге Стојанов

Фото: Вангел Тануровски, приватна архива