Психолог М.M.Димитровска: Негативните влијанија од онлајн наставата допрва ќе се чувствуваат

Добивај вести на Viber

Прашањето, за начинот на одвивање на наставата годинава, направи сериозна поделба во нашето општество, на оние кои се за настава со физичко присуство и оние кои преферираат онлајн настава.

Од една страна, до пред појава на пандемијата, психолозите апелираа децата да се тргнат од пред екраните, зашто имаат негативно влијание на развојот на когнитивните способности на децата, а сега имаме обратна појава, децата се принудени да бидат прекумерно изложени пред екраните.
А тоа сериозно влијае на психичкото здравје, вели м
-р Марија Младеновска-Димитровска, училишен психолог во Битола. 
Таа воедно беше и една од првите и ретките психолози, која упати апел и јавно реагираше за последиците од онлајн наставата. Бидејќи, како што вели таа интензитетот и начинот како се одвиваше наставата, негативно влијаеше на психолошкото здравје на сите.

Во интервју за Женски магазин психологот Младеновска- Димитровска, вели дека за време на досегашната онлајн настава која се одвиваше, имало бројни реакции пред се' од загрижени родители, особено оние кои имаат помали деца, кои одбивале да се вклучат на онлајн часовите, не сакале да одговараат усно пред камера, пројавувале нервоза, расеаност, неможност за концентрација, раздразливост, бес, лутина, анксиозност, депресивност. Поплаки и реакции имало и од наставниците, а и од учениците, особено средношколци.

Што покажа праксата и вашето искуство од он лајн наставата која се одвиваше во вториот дел од минатата учебна година? Како истата влијаеше психолошки кај децата, но и наставниците и родителите?

- Практиката од тоа како се спроведе онлајн наставата во второто полугодие од минатата учебна година, за жал, ги покажа сите слабости на нашиот воспитно-образовен систем, кои се таложеле со децении, но не само на нашиот систем. За волја на вистината, ни далеку поразвиени држави не се справија најуспешно со предизвикот да се преориентира образовниот систем на изведување настава на далечина, поради светската пандемија со ковид-19. Буквално целиот свет и сите ние бевме затечени и исправени пред предизвици со кои никогаш претходно не сме се соочиле.

Иако, морам да истакнам, дека имаше многу светли примери како одредени наставници прилично успешно се снајдоа во изведувањето на онлајн наставата и изнајдоа многу креативни и иновативни начини да ги анимираат учениците и да ја реализираат успешно, сепак, имаше и случаи кога одредени наставници не се снајдоа. Во секој случај, онлајн наставата, така како што се изведуваше, предизвика огромен психолошки стрес кај сите и кај наставниците, и кај учениците, и кај родителите. Се создаде неверојатен притисок од сите страни, а притоа наставниците беа оставени самите да се снаоѓаат како знаат и умеат, без конкретна помош и поддршка, било техничка, во поглед на обезбедување на компјутери, интернет, електронски алатки и платформи, било во поглед на обуки за подобрување на информатичките компетенции. Наставата се изведуваше повеќе стихијно, неорганизирано и прилично хаотично, што предизвика неиздржлив стрес кај сите инволвирани страни.

Психологот Марија вели дека токму поради таквиот притисок кој го почувствуваа сите, таа беше една од првите и ретките психолози, која упати апел и јавно реагираше за последиците од онлајн наставата.

-Интензитетот и начинот како се одвиваше,негативно влијаеше на психолошкото здравје на сите. Наставниците беа ставени под притисок да ја реализираат наставната програма и да спроведат онлајн оценување, што предизвика учениците преку ноќ да бидат буквално бомбардирани со тестови, задачи, есеи, презентации, барања да изработат проекти, преку сите можни платформи и социјални мрежи. Притоа никој не го праша наставниот кадар дали има ресурси и информатички вештини за спроведување онлајн настава, а истото се однесуваше и на учениците. Се создаде невиден притисок кај сите, зашто беше невозможно да се процесираат сите информации кои доаѓаа од сите страни, што резултираше и со отпор кај дел од децата и исклучување од онлајн часовите, од групите за комуникација и одбивање да ги извршуваат зададените задачи. Голем број наставници имаат и свои деца на школска возраст, така што притисокот кај нив беше мултиплициран. Притоа се заборави дека се наоѓавме во вонредна состојба, бевме во изолација и под полициски час, што дополнително го зголеми психолошкиот притисок и стресот кај сите. Секој поединец кога е под стрес, колку и да има силни капацитети на личноста и да користи стратегии за управување со стресот, не е имун и не е во состојба да функционира како во нормални околности на когнитивен, емоционален и бихејвиорален план. Токму во таа насока беше тогаш и мојата реакција, која, искрена да бидам, наиде на огромен одѕив во јавноста, зашто некако сите се идентификуваа со мојот став. Тоа го направив пред се поради професионалната должност како психолог да реагирам, зашто сите вклучени во воспитно-образовниот процес сносиме одговорност кон децата, за зачувување на нивното психичко здравје, а наставата во такви вонредни услови да се реализира толку колку што е неопходно да се одржи континуитетот и динамиката, а се друго ќе се надомести.

Психологот Марија потенцира дека последиците од онлајн наставата допрва ќе се чувствуваат и тоа долгорочно, а негативните влијанија најмногу ќе се чувствуваат од образовен аспект, вели таа, додавајќи дека онлјан наставата не може да ја надомести класичната наставата во училница.
„Во никој случај наставникот, без оглед колку е вешт во користење на информатички алатки, не може наставниот материјал да го предаде преку интернет платформа со истиот квалитет, како што би им го предал научениците во училница. Одреден наставен материјал е многу тешко или невозможно да се објасни преку компјутер. Да не зборуваме за практичната настава која мора да се изведува со физичко присуство“ истакнува психолог М.Димитровска.

- Сите ученици немаат исти можности за следење на онлајн настава и тоа е сериозен проблем, за што ни треба системско решение. Што станува со оние ученици кои имаат проблем да обезбедат не само технички можности, туку и просторни услови. Имаме голем број ученици од семејства во социјален ризик повеќечлени семејства кои живеат во мал простор. Колку тоа дете ќе биде во можност да следи онлајн настава?

Доколку долгорочно се применува онлајн настава ќе имаме сериозни пропусти во знаењата на учениците, кои можеби ќе бидат и ненадоместливи. Особено сериозни последици онлајн наставата ќе има кај најмладите ученици. Учениците тешко го задржуваат вниманието при онлајн настава. Наставата на далечина не може да обезбеди објективност во процесот на оценување, така што се доведува во прашање и објективноста на оценувањето.

Од една страна, до пред појава на пандемијата, психолозите апелираа децата да се тргнат од пред екраните, зашто имаат негативно влијание на развојот на когнитивните способности на децата, а сега имаме обратна појава, децата да бидат прекумерно изложени пред екраните. Тоа сериозно влијае на психичкото здравје - вели психолог М.Димитриевска.

При онлајн наставата ја нема интеракцијата, социјалните контакти, нема социјализација на децата. Долготрајното седење пред монитор и тоа како негативно влијае на децата. Долготрајната изложеност пред мониторите го зголемува стресот, предизвикува нервоза, намалено внимание, намалена концентрација, а знаеме дека вниманието и концентрацијата се предуслови за процесот на учење и помнење. Ако наставниот процес подолго време се одвива на далечина, ќе имаме сериозни последици во процесот на учење и помнење кај децата. Намалувањето на социјалните интеракции меѓу децата може да предизвикаат чувство на осаменост, несигурност во воспостапувањето на контакти, страв, срамежливост, повлеченост, оттуѓеност, па се до појава на анксиозност, социјална фобија, депресивност, панични напади итн. Тоа се некои долгорочни последици кои допрва се повеќе ќе ги среќаваме.

Со тоа што ќе учат од дома, психологот вели дека најмногу ќе изгубат најмалите деца, за кои првиот контакт со учителот, соучениците, училиштето воопшто, е од непроценливо значење.

- Со учење од дома, децата пред се ја губат социјалната интеракција со своите врсници, со наставниците, која е неопходна во процесот на социјализација. Ние сме социјални суштества и природна ни е потребата да се социјализираме, да се дружиме со другите луѓе. Тоа не можеме да го добиеме преку екраните. Особено малите деца, губат многу. Од непроценливо значење за нашиот живот е првиот контакт со наставникот или наставничката, кој се памети целиот живот, со другарчињата, тоа се спомени кои трајно ги носиме во душата. Од сето тоа ќе бидат лишени децата доколку учат од дома пред малите екрани. Со учење на далечина се губи и квалитетот на учењето.

Но, исто така, треба да бидеме свесни дека доколку се одлучат надлежните за спроведување на настава со физичко присуство, тоа нема да биде оној тип на настава кој го знаеме од претходно. Наставата со физичко присуство во вакви услови на пандемија, ќе биде настава според строги протоколи, со задолжително носење маски на лицето, со задолжително мерење температура, дезинфекција, со држење на физичка дистанца, така што и тука е дискутабилно колку ќе има вистинска социјализација и интеракција на децата, кои ќе мораат своите врсници и наставници да ги гледаат под маски, да се држат на дистанца од нив, да се плашат од своите другарчиња дека можат да бидат заразени и да ги заразат, ќе им се скрати можноста за игра, дружење. Лицето е најважниот дел, од кое ние ги читаме емоциите на другите луѓе, а тоа е многу тешко кога некој носи заштитна маска. Особено тој прв контакт под маски со наставниците и соучениците може да биде трауматски за најмладите - првачињата. Лицата под маски предизвикуваат кај децата чувство на непријатност, несигурност, недоверба, може да се јави чувство на страв од другите луѓе во околината, да ги доживуваат како закана. Затоа треба добро психолошки да се подготват, особено малите деца, на се она што ќе ги очекува во училиштето. Протоколите кои се пропишани тешко дека ќе можат целосно да се испочитуваат особено кога се работи за деца. Посебен проблем ќе биде спроведување на протоколите за физичка настава кај средношколската популација и поради нивната возраст, но и поради фазата од развојот во кој се наоѓаат – адолесценција, кога една од клучните карактеристики на личноста на адолесцентите е токму бунтовништвото, кршење на правилата и спротивставувањето на авторитетите.

Психолог Марија раскажува дека до неа имало бројни реакции и поплаки за време на онлајн наставата која се одвиваше на крајот од минатата учебна година, а пред се' тоа биле реакции од загрижени родители, особено оние кои имаат помали деца, кои одбивале да се вклучат на онлајн часовите, не сакале да одговараат усно пред камера, пројавувале нервоза, расеаност, неможност за концентрација, раздразливост, бес, лутина, анксиозност, депресивност.
Имало реакции и од наставниците, кои не биле во можност подеднакво да се снајдат со онлајн алатките, да допрат до сите ученици подеднакво, „беа преоптоварени со  барања буквално 24 часа, имаа потешкотии како да изменаџираат по 100-тина ученици во сите паралелки во кои предаваа, да соберат се во електронско портфолио, да обезбедат објективност при оценувањето итн“. раскажува таа. А имало и реакции и од ученици, особено од средношколска возраст кои си се однесувале крајно незаинтересирано за онлајн настава и крајно неодговорно. Одредени ученици се обраќале и за психолошка помош, најчесто жалејќи се на страв, панични напади, анксиозност, депресивност и други психички проблеми.

- Токму затоа тимови од психолози цело време дававме бесплатна психолошка помош од почетокот на пандемијата. Психолозите и натаму стојат на располагање на секој кој има потреба од поддршка и без оглед кој модел на настава ќе се избере, стручните служби во училиштата ќе бидат една од клучните алки за успешно спроведување на воспитно-образовниот процес.

Како децата ќе успеат да се привикнат на онлајн учењето, земајќи предвид дека ќе немаат никаква интеракција, дружба ниту директна контрола и помош од наставниците во учењето?

- Онлајн наставата во никој случај не може да ја замени класичната настава. Директната интеракција меѓу учениците и наставниците и меѓу самите ученици не може да се замени со интеракција преку монитор. Предложени се неколку модели на настава: настава со физичко присуство, настава на далечина и комбиниран модел. Пред да се избере кој било модел на настава, треба да се разгледа сеопфатно од сите аспекти.

Наставата со физичко присуство нема да биде истата настава како претходно и тоа треба сите да го знаеме. За таквиот модел на настава се пропишани строги протоколи, кои треба да ги испочитуваат училиштата. Колку училиштата се подготвени за такви протоколи е дискутабилно, особено ако знаеме дека имаме училишта во државата кои не ги задоволуваат ни елементарните хигиенско-технички услови. Тие протоколи пропишуваат задолжително носење заштитни маски, дистанца и контрола на движењето на учениците, ќе им биде скратено правото на игра и слободно дружење за време на одморите, неможност за работа во група, во парови, што особено се форсираше последните години. Наставните планови, програми и часовите ќе бидат скратени, така што и тоа ќе придонесе за намалување на квалитетот на наставата.

За жал, ние не знаеме како ќе се одвива состојбата со пандемијата, тоа не може никој да го прогнозира и треба да се привикнеме на новата нормалност, дека и учењето на далечина може да биде една од опциите за изведување на воспитно-образовниот процес.

Токму затоа како држава треба образованието, конечно, да го ставиме во нашите топ приоритети. Надлежните институции да ги опремат добро училиштата, без разлика на ковид пандемијата, туку и за работа во нормални услови. На прагот сме на третата декада од 21 век, и неопходно е веќе секој наставник во својата училница да има добар компјутер, со стабилен пристап до интернет, кој би го користел при секојдневната работа. Во моментот се прават напори да се обезбедат технички можности за училиштата за изведување на онлајн настава, нови компјутери и оптички интернет. Исто така, не треба да се заборават и учениците, на кои треба да им се обезбедат услови да следат настава. Во никој случај, не смееме како држава, да си дозволиме децата да бидат дискриминирани и да не добијат подеднаков пристап до образование. Треба да се изнајдат средства на децата од социјално загрозените семејства да им се обезбедат ИТ алатки и пристап до интернет за да следат настава, да се обезбеди поддршка за децата со посебни потреби, кои некако ги забораваме, да се вложат средства и наставниот кадар добро да се обучи да користи онлајн платформи кои ќе овозможат успешно спроведување на образовниот процес. Во таа насока за поздравување е изработката на националната платформа, на која треба се уште да се работи и да се усовршува во иднина.

Кој е вашиот личен став за начин на оддржување настава?

- Верувајте исклучително тешко е човек да изнесе став во овој момент, кој би бил најдобриот начин за изведување на наставата. Треба ситуацијата сеопфатно да се анализира и согледа. За секој модел на настава имаме силни аргументи про и контра. Ова прашање сериозно го поларизира нашето општество и го подели на два табори, оние кои се за настава со физичко присуство и оние кои се за онлајн настава. Одговорните кои треба да ја донесат оваа тешка одлука, навистина треба добро да размислат, зашто се работи за нешто најскапоцено што е за секој од нас, а тоа се нашите деца. Здравјето на децата е пред се и над се. Затоа треба многу внимателно и крајно одговорно да се пристапи. Не смееме да си дозволиме да се загрози здравјето на децата и на наставниците.

Од друга страна, веќе мораме да се прилагодуваме на новата реалност, новата нормалност и да прифатиме дека животот нема да ни биде повеќе ист како порано. Не можеме да го сопреме животот. Еволуцијата ни покажала дека опстануваат најадаптибилните единки, што значи мораме да се прилагодиме на новите услови.

Без разлика кој модел ќе се избере во дадено училиште, никој не може да знае и да гарантира дека ситуацијата преку ноќ не може да се смени. Ситуацијата е навистина прекомплицирана. Она што секој од нас кој е вклучен во воспитно-образовниот процес, што може да го направи во овој момент, е да даде свој максимален придонес, одговорно, заеднички и сплотено да се справиме со ова. 

*Љ.И