Ресторанот кај што правевме свадба не постои, ама ние се тераме: Андријана Јаневска и Гино прославија 14 години во брак

Пејачката била преубава невеста

Пејачката, виолинистка и професор на ФМУ Андријана Јаневска, на својот профил на Фејсбук се потсети како изгледале со сопругот Гино пред 14 години. Имено токму вчера тие прославија годишнина од брак.

Од хармоничниот брак со музичарот, Андријана ги има синовите Димитар и Кристијан.  Поголемата разлика во годините (Гино е 14 години постар од Андријана) се покажала како предност во нивниот живот.


- На денешен ден пред 14 години бев невеста. Со Гиновски се венчавме во црквата Св. Димитрија, а игравме оро во ресторан Имес. Имес не постои, ама ние си тераме - напиша Андријана за свадбените фотографии.

Имаат многу заеднички интереси. Работат во музичкото студио „Гиновски“, каде улогите им се поделени, имаат сличен вкус за музика, филмови и книги. Двајцата се родољуби кои ја сакаат Македонија. Љубители се на природата и животните. 

Пејачката претходно во интервју за Женски Магазин откри дека секоја година си слават две годишнини, но и ја раскажа нивната хармонична љубовна приказна.

- Се регистриравме во матично на 30 декември, а свадбата беше следната година, на 18 јуни. Се венчавме во црквата Св. Димитрија во Скопје, каде што јас сум крстена. На венчавката пееше хорот Св. Злата Мегленска, а за свадбата беа задолжени музичарите од групата Фортуна, кои свиреа исклучиво македонска народна музика. Специјален гостин ни беше златното грло Наум Петрески, кој му е војнички другар на Гино. Исто така, гостин ни беше и Гоце од групата Синтезис. И јас отпеав неколку народни песни, од мерак, а игравме во текот на целата свадба.