Родителите да не се внесуваат во улогата на наставници: Совети од наставникот Гоце Бумбароски
Градејќи го имиџот со неговиот креативен начин на работа, наставникот Гоце Бумаровски од Прилеп во изминативе десет години, стана еден од најпопуларните и најпочитуваните наставници кај нас. Низ игра и на иновативен начин, Бумбароски ги учи своите ученици од неговите почетоци, од 2011 година. Тој е авторитет пред неговите ученици, но и нивен другар, што е за децата најважно. Сепак, тој е скромен и не смета дека е поразличен од своите колеги.
На Фејсбук страницата на Гоце https://www.facebook.com/NastavnikGoceBumbaroski, тој секојдневно добива пораки со поддршка, но и со прашања од родителите за совети како најлесно да се снајдат со онлајн учењето на децата. Неколку корисни совети, тој даде за читателите на Женски магазин.
„Најверојатно од самиот почеток (од 2011 година) практикував поинаков пристап. Можеби моето животно искуство, образованието, работата со студенти и тоа што магистрирав на насоката менаџмент во образованието имаат влијание во начинот на практикување настава. Но и покрај тоа не мислам дека сум различен од другите мои колеги. Едноставно е, јас сум другар со учениците и наставните програми кои се создадени од возрасните ги прилагодувам за потребите на децата“, објаснува Бумбароски за својот начин на работа.
Во време на онлајн наставата, во која и наставниците, и децата и родителите влегоа не целосно подготвени, Бумбароски дава совет за родителите, особено за мајките, како полесно да го надминат овој период:
„ Се наоѓаме во еден чувствителен период кога е изменета улогата на наставникот, променети се улогите на родителите, пред сè на мајките, а со тоа неизбежна е и промена во однесувањето кај нашите деца т.е учениците.Новонастанатата состојба во образованието ни налага поинаку да се однесуваме. Но тоа не значи дека треба дополнително да си создаваме тешкотии во извршувањето на секојдневните активности, баш напротив треба да најдеме начин како да си ги олесниме.Онлајн наставата не е нешто со кое што учениците не можат да се носат. Тие секој ден се пред своите паметни уреди. Но, онлајн наставата е предизвик за родителите. Предлагам да им дадете простор на Вашите деца, тие сами ќе се носат со предизвикот на онлајн наставата, Вие бидете само поддршка. Еден дел од родителите ќе сфатат дека “проблемот” не бил во наставниците, туку проблемот ќе треба да го по/бараат во начинот на воспитување на своето дете“, советува Бумбароски.
„ Далечинското учење се претвори во домашно учење.Но, прашањето е кој кого дома учи? Наставниците ги учат децата или родителите, т.е мајките ги учат децата? Или пак децата ги учат родителите со компјутерите/таблетите? Оваа ситуација го става на тест целото семејство.
Па од тука и еден апел до родителите да не се внесуваат во улогата на наставници, па со тоа дополнително да ги оптоваруваат учениците. Контролирајте ја домашната активност на Вашите деца, дадете поддршка доколку им е потребна, но не им ги решавајте домашните задачи. Дури и да заборават да ги исполнат своите задолженија, оставете ги да се соочат со наставникот. Така ќе научат да бидат поодговорни и сами да си ги завршуваат своите обврски“, додава наставникот.
Како вистински џентлмен, во новонастанатата ситуација со онлајн наставата и како сопруг, тој најмногу ги воздигнува мајките.
„Мајките/жените се херои на денешното време. Понекогаш помислувам дека наутро “појадуваат ураниум“ и цел ден се (радио) активни, хахаха или пак таков впечаток добивам од дамите кои ме опкружуваат.
За разлика од нас татковците, тие се неуморни и добро организирани кога станува збор за работа под притисок и посебни услови. Мајчинскиот инстинкт ги води во решавање на проблемите. Кога ќе помислат дека немаат сила да постигнат сѐ, нека се потсетат на првиот контакт со своите деца, првата насмевка, првиот плач, првите чекори и првиот збор - од таму доаѓа силата. И за крај: Не им купувајте риба на Вашите деца, научете ги да риболоват, така ќе ги направите самостојни“, вели наставникот Гоце.
Според него, и тој и неговите колеги го даваат својот максимум, за да им излезат во пресрет на учениците во оваа ситуација, за доброто на сите.
„ Но, да бидеме реални дека сите овие дигитални алатки не се достапни и не им се од корист на сите ученици, а посебно од руралните и социјално-ранливите средини.
Па им предлагам на колегите да ги земат во предвид разните услови во кои учат учениците и дополнително да не им ја отежнуваат и така тешката ситуација во која што се наоѓаат. Напротив, просветните работници се оние кои со својата хумана дејност треба да придонесат кон непречена реализација на наставата.Онлајн предавањата може да бидат многу интересни доколку знаеме да им го привлечеме вниманието на нашите ученици. Знам, ќе речете дека за тоа е потребна дополнителна мотивираност и време. Едно да знаете: во овие моменти двигател за успех на просветните работници не е нивната бедна плата, туку љубовта и почитувањето што секојдневно ги добиваат од своите ученици“, додава наставникот.
Оваа учебна година, неговите ученици се второ одделение. Според насоките од МОН наставата ја изведува со физичко присуство на две групи ученици (21) и онлајн со една група (3 ученици).
„Многу тешко е да се биде креативен кога си просторно и временски ограничен. Наставата во овие услови се одвива без многу можности за креативност. Самото тоа што постојано внимаваме на протоколите не ни дозволува да бидеме опуштени и да уживаме во учењето. Кога велам учењето, мислам на обостраното учење (наставник – ученици – наставник)Онлајн наставата дава многу можности за креативност затоа што генерациите кои што се во училишните клупи со право можат да се наречат дигитални или Smart генерации. Ние просветните работници треба само да ги мотивираме позитивно да го користат дигиталниот свет и целта е постигната“, раскажа Бумбароски за своето секојдневие начин во овие услови.
Тој е татко на две ќерки кои се на осум и три годишна возраст. Теона е четврто одделение и наставата ја посетува онлајн. Неа во поголемиот дел од образовниот процес ја следи, поддржува и ја контролира неговата сопруга Ирена.
„ Малата ќерка Илина посетува градинка (со физичко присуство се разбира).
Во воспитувањето на нашите деца вклучени сме и двајцата. Водени од мислата дека секоја генерација расте врз рамениците на претходната се трудиме нашите деца, т.е. нашите две девојки да ги воздигнеме во личности што ќе научат да се соочат со непријатните изненадувања што ќе им ги приреди животот и да ги совладаат предизвиците – храбро и сложно“, вели Бумбароски за крај.
Милица Џаровска