Родовата рамноправност почнува од домот, а продолжува на работното место: Марија Тодоровска, Директор на Сектор за Луѓе и Култура во Пивара Скопје

Добивај вести на Viber

8 Март е денот кога го одбележуваме Меѓународниот ден на жената, и воопшто месец март е месецот во кој ги истакнуваме и славиме достигнувањата и успесите на жените низ целиот свет, како во домот, така и на работното место, во образованието, спортот, науката, уметностите, политиката.

Но исто така, ова е повод и да се осврнеме на напредокот кој сме го направиле во однос на достигнувањето на рамноправноста на жената во сите овие сфери, да се запрашаме дали е ова доволно и што е она што сите ние можеме да го направиме со цел да ја достигнеме вистинската рамноправност.

Разговараме со Марија Тодоровска, Директор на Сектор за Луѓе и Култура во Пивара Скопје за улогата на жената во општеството, за можностите кои ги има жената како индивидуа, но и за една особено релевантна тема, а тоа е жената во бизнисот.

Улогата на жената во општеството

Како жена, можам да кажам дека сме среќни што живееме во едно време кое е многу поразлично од времињата во кои растеле или живееле нашите мајки, баби, прабаби. Живееме во време во кое ги уживаме сите граѓански слободи, право на образование, право на глас, право на избор. Жените денес се сè посамоуверени во остварување на својот пoтенцијал и правењето на избор за своето образование или кариера. Но и покрај тоа што сме 2023 година, за жал, сè уште постојат жени во светот кои не ги уживаат овие основни човекови права и слободи.

Затоа е важно сите ние во општеството, без разлика дали сме мажи или жени, отворено да зборуваме на овие теми кои често знаат да бидат контроверзни или непријатни. Каква е навистина положбата на жената во општеството, во домот, на работното место, во политиката и да си признаеме дека сè уште не сме ја достигнале вистинската рамноправност и дека имаме уште многу простор за напредок во оваа сфера.

Ако го земеме во предвид извештајот на Светскиот Економски Форум на оваа тема, поразително е предвидувањето дека би ни биле потребни уште 132 години за да ја постигнеме вистинската родова рамноправност од аспект на еднаков пристап до можности, еднакви права и еднакво плаќање на работата.

Ако ги видиме бројките и статистиките, ќе увидиме дека жените ретко доаѓаат на врвните позиции, каде било во светот. Од 190 земји во светот, само 30 имаат жени претседатели на држави или на влади. Само 26% од пратениците ширум светот се жении само 15% од главните извршни директори на најголемите светски компании се жени. Е сега, ако се прашаме зошто овие бројки се важни и зошто е важно жените да имаат поголема застапеност, особено на места каде што се креираат политиките и практиките, одговорот е едноставен. 50% од населението се жени, па така природно е дека жените треба да имаат поголема улога во носењето на одлуки и креирањето на политики кои се однесуваат на нив, особено на политики кои ги адресираат специфичните потреби на жените, кои освен како луѓе кои се вклучуваат на пазарот на труд и придонесуваат кон развојот на економиите, имаат и една поширока општествена улога предодредена од нивната биолошка карактеристика, а тоа е да создаваат потомство, а со тоа и да го осигураат опстанокот на општествата и економиите.

Жената на работното место

Ова е тема за која најчесто се зборува во контекст за темата рамноправност помеѓу родовите. И ова е темата каде најчесто се судруваме со стереотипите и предрасудите со кои луѓето, но поконкретно жените, се соочуваат.

Почнувајќи уште од детството, образовниот систем им кажува на девојчињата дека се подобри во областите на литература и читање а на момчињата дека се подобри во математика. И погодете што? Навистина после неколку години поминати на училиште, девојчињата покажуваат подобри резултати во читање, а момчињата во математика. Но тоа не е затоа што овие вештини се родово предодредени, туку затоа што девојчињата и момчињата посветуваат повеќе време во совладување на оние вештини за кои ние им кажуваме дека се подобри. Понатаму, на работното место, дефинитивно жените се тие кои се соочуваат со потешкиот избор. Да ја градат својата кариера онака како што амбицијата им налага или да направат пауза во работењето за да се грижат за децата и семејството. Или пак воопшто да не се трудат да напредуваат во кариерата затоа што речиси целиот товар на одгледување и воспитување на децата и извршување на домашните обврски паѓаат на нив.

Затоа, сметам дека рамноправноста помеѓу родовите почнува во домот. Почнувајќи од тоа како ги воспитуваме девојчињата до тоа како ги распределуваме обврските во домот. Она што ми е особено интересно е кога ќе влезете во продавница за играчки, веднаш ќе забележите розови и виолетови џогери, правосмукалки, кујни, миксери, кукли и бебиња, додека пак за момчињата имаме разно разни колички, камиони, багери, лего коцки и останати играчки за конструирање. Кај нас, во нашето општество особено, сè уште имаме многу традиционална поделба на домашните обврски, па така, перењето, готвењето, чистењето и слично се исклучиво „женска работа“. Е сега, кога жените треба да извршуваат две или три работи секој ден, а мажите генерално имаат само една професија, нормално е дека жените се соочуваат со тежок избор, бидејќи ресурсите, времето и енергијата која ја имаме е ограничена.

Она што според мене е дополнителен ограничувачки фактор за жените исто така потекнува уште од образовниот систем, е начинот на кој ние ги насочуваме девојчињата и момчињата кои професии за себе ќе ги изберат. И тука повторно се соочуваме со стереотипни поделби на машки и женски професии. Не ме сфаќајте погрешно, секоја индивидуа, без разлика на полот, треба да одбере професија соодветна на способностите, интересите и потенцијалот, но ние и во секојдневниот говор имаме поделба на професиите на доктор, хирург и медицинска сестра, инженер, воспитувачка, наставничка, виљушкарист, текстилна работничка итн. Проблемот не е толку во тоа кој која професија ќе ја избере, колку што е проблемот дека жените во најголем дел завршуваат во професии кои се традиционално помалку платени. Ова пак ги доведува нив во позиција на помала економска независност, помалку можности за развој и вложување во себе, на на крајот од денот и помалку пари за вложување во своите деца. Затоа е важно сè повеќе девојчиња да се охрабрат да се насочат кон инженерските, математичките струки и науката, професии кои се повеќе платени и нудат многу повеќе можности за напредок и развој.

Колку корпоративната култура во компаниите има влијание на улогата која ќе ја има жената и можностите за кариерен раст и развој

Во интерес на компаниите, особено од перспектива на раст, можност за иновации и бизнис резултати е да има што поголем број на талентирани луѓе во своите тимови кои ќе донесат со себе различни вештини, знаење, искуство, начин на размислување и решавање на проблеми. Ако знаеме дека половина од населението се жени, зошто тогаш би го ограничиле пристапот и можностите за остварување на својот потенцијал на половина од луѓето кои истовремено се и конзументи на тоа што компаниите го продаваат како производи и услуги.

Корпоративната култура е таа која го има клучниот фактор кои вредности и кои однесувања компанијата ги застапува. А најважната улога која компаниите ја имаат во овој контекст е активната борба против стереотипите и предрасудите кои сите ние како луѓе ги носиме со себе.

Но, културата сама по себе не може да го промени однесувањето или начинот на размислување на луѓето доколку и самите процеси или интерни процедури не ја отсликуваат заложбата на компаниите да овозможат рамноправност на работното место. А тоа ќе го постигнеме доколку прво доследно ги спроведуваме законите кои нудат посебна заштита на одредени категории на граѓани за да ги заштитиме од дискриминација, како на пример правото на мајчинство, правото на родителско отсуство, разбирање на потребите на родителите особено на мали деца итн. Понатаму, на вработените да им се овозможи еднаков пристап до можности за учење и унапредување и на крајот, еднаква плата за еднаква работа.

Пивара Скопје е компанија со 100-годишна традиција, дел од две големи корпорации Coca-Cola Hellenic и Heineken. Каква е вашата стратешка определба и вашиот став во однос на еднаквоста на работното место?

Пивара Скопје како компанија со богата историја и традиција, но и дел од 2 големи, модерни, интернационални компании апсолутно, целосно ја поддржува заложбата за постигнување на целосна рамноправност не само помеѓу мажите и жените, туку помеѓу сите луѓе воопшто. Како општествено одговорна компанија имаме и поширока одговорност да бидеме пример за останатите во креирање и спроведување политики кои одат во оваа насока, но истовремено сакаме и да ги охрабриме и инспирираме сите, особено девојчињата и младите жени дека постојат места во кои активно се бориме против стереотипите и предрасудите. Овде во Пивара имаме и виљушкаристки и виљушкари, оператори и операторки во производство, менаџери и менаџерки, унапредувачи и унапредувачки на пазарот итн.

За нас не е важно на кој род му припаѓате, колку години имате, дали сте припадник на религиозна заедница или не. За нас е најважно луѓето да ги имаат потребните квалификации и вештини за извршување на работата, а ние ќе се погрижиме на луѓето да им понудиме можност за учење, развој и напредок во кариерата во зависност од нивниот потенцијал и амбиции.

За нас како компанија најважно е секој вработен да се чувствува дека и припаѓа на организацијата, дека е слободен да ги искаже своите ставови, да добива еднакви можност за раст и развој и да се чувствува вреднуван, поддржан и слушнат од остатокот од организацијата. Исто така, препознаваме дека различни категории на вработени имаат различни потреби, па се трудиме да излеземе во пресрет на нивните барања. Така на пример, на нашите вработени кои работат на работни позиции кои тоа го дозволуваат, им овозможивме самостојно да го организираат своето работно време, одлучувајќи дали ќе работат од канцеларија, од дома, или ќе комбинираат како ним им одговара, или пак ќе го прилагодат почетокот и крајот на работното време. И овој чекор се покажа како доста успешен, имајќи предвид дека повеќе од 80% од нашата популација ја користи оваа можност, а жените и младите родители особено имаат бенефит, давајќи им целосна слобода во текот на денот да ги организираат и службените и приватните обврски, која пак значајно влијае на унапредување на нивниот баланс помеѓу работата и слободното време.

И верувам дека само преку вакви, конкретни акции, можеме да делуваме и да градиме инклузивни средини, во кои секој поединец ќе се пронајде себеси и ќе биде задоволен од улогата која ја има.