Сара Ристовска, ракометарка: Имам многу љубов во себе, но за тој што ќе прифати живот со тренинзи, натпревари и патувања

Сара Ристовска (24) повторно блесна како најдобар стрелец во нашата ракометна репрезентација и воопшто во сите квалификациски групи за баражот за светското првенство. Серијата на успешни натпревари ја продолжува и со својот тим ЦСКА Москва. Нејзината спортска приказна започнала на 11 години, во ракометната школа Кастратовиќ. Вели дека бескрајно е благодарна на луѓето што верувале во нејзиниот потенцијал. 

*Може ли да ни го опишете чувството кога ќе постигнете погодок?

- Првенствено чувството да си дел од репрезентацијата на својата држава не може да се опише. Потоа, да си еден од лидерите во истата, е голема одговорност и уште поголема мотивација. Морав да ставам вовед за подобро да ме разберете. Секој гол што го давам носи одговорност. Воопшто не е мала работа кога мораш да играш одговорно и дисциплинирано. Кога ја имаш репрезентацијата на свој грб додека си еден на еден со голманот. Секој гол што го постигнувам е различен и многу значаен за мене. Просто не може да се опише каква енергија и самодоверба ми носи секој гол. Се чувствувам непобедлива, додека ја пренесувам сета радост и страст, за време на една игра. Ја нарекувам „лудачка енергија”. Едноставно не можам да се исконтролирам себеси. 


Секогаш размислувам позитивно

* Се случува ли кога нема да постигнете гол нервозата да ви ја намали концентрацијата и несигурноста?

- Сѐ со своето искуство. Ја поминав таа линија на периодот кога преовладуваше нервоза ако промашев. Во моментов и кога нема да постигнам гол, не дозволувам тоа да ми се случи. Нормално е да има и падови. Така и се градиме како поголеми играчи. Но, од ден во ден со тренинзи и натпревари, се обидувам да сум сталожена, мирна и секогаш размислувам позитивно.

*Го добивте ли посакуваниот противник во баражот? Ќе биде ли тешко да се пласираме на светското првенство и да го издигнеме повторно женскиот ракомет на нивото кое го заслужува?

- Верувајте дека тоа најмногу го посакувам. Да го кренеме тоа ниво кое се одложува многу години наназад. Противник ни е Романија. Многу позната држава, со едно од најдобрите првенства во Европа. Нема да ни биде лесно воопшто. Но, верувам во оваа генерација која ги сплотува младоста и искуството. Зрели сме, свесни сме и време е да го покажеме тоа на теренот. Да им покажеме на сите кои не веруваат во македонскиот женски ракомет, когае во прашање репрезентацијата.Да си докажеме и ние дека вредиме.

Сакам предизвици

*Кога и како започна вашата ракометна приказна?

- Почнав на 11 години. Ракометот е една од најубавите приказни во мојот живот која посакувам уште подолго да трае. Започнав во ракометната школа Кастратовиќ и бесконечно ќе им бидам благодарна на тие луѓе што го открија мојот талент и веруваа во мојот потенцијал. Потоа сѐ се одвиваше како што треба. Металург и Вардар се исто така клубовите во кои почнав да стекнувам искуство и го градев својот карактер. Многу тренери, ракометарки . Пресреќна сум што запознав толку многу луѓе во текот на целиот процес во мојата досегашна ракометна кариера.

*Ракометот ве одведе во Љубљана каде игравте за Крим. Од пред две години сте дел од ЦСКА Москва и живеете во престолнината на Русија. Што беше пресудно да донесете одлука да го напуштите домот, Скопје и комплетно да се препуштите на ракометната кариера?


- Откако заврши приказната Вардар, решив буквално во секоја смисла да се препуштам на својата кариера. Се разделив од своето семејство и започнав друг живот. Јас сум личност која сака предизвици во животот. Така чувствувам дека живеам, дека се борам за нешто.Тоа беше пресудно и да ја напуштам Македонија. Многу сум среќна што направив таков избор, кој ме донесе на ниво на кое што сум моментално, и ракометно и од аспект на повеќе сфери во животот. 

*Во кои мигови се почувствувате осамено, кога ви беше најтешко?

- Интересно прашање. Искрено ни себеси си го немам поставено. Можеби затоа што немам време ни да размислувам дека понекогаш можам да се растажам. Но, има и такви ситуации. Претежно е поврзано за моето семејство, пријателите, кога подолго време нема да се видиме. Како што минува времето и тоа се сведува на минимум, бидејќи определена сум на таков ритам на живот. Дефинитивно најслабата точка се моите родители и братот. 


Обожавам да носам високи потпетици

*Каков е животот во Русија? Ви одговара ли менталитетот на народот, што најмногу ве одушевува?

- Пред да отидам во Русија, се плашев многу дали би можела да се прилагодам.Како што поминуваа деновите не ни чувствував дека воопшто живеам токму во неа. Кругот на луѓе во кои се движам, се дружам, делам иста маса, ми овозможија да се чувствувам како да сум дома . И навистина е така. Животот во Москва, еден од најубавите градови во светот, е прекрасен. Има голем број ресторани и локации за уживање. Менталитетот и не е многу поразличен од нашиот. Секако, секој народ има своја култура. Но, во принцип пребрзо се адаптирав, го научив јазикот и презадоволна сум од животот во Русија.

*Кога ќе се спомне стил на спортистка, асоцијација се патики, тренерки. А за вечерните излегувања, спортско елегантни комбинации. Каков стил негувате, колку пати досега сте облекле високи потпетици?

- Секоја спортистка има различно гледиште кога е во прашање стилот и изгледот. Јас сум една од оние кои сакаат да изгледаат совршено во секое време од денот. Следам мода, имам премногу облека. Тренерките и патиките ги носам само кога сум изморена од целиот свет. Во секоја пригода, обожавам да носам високи потпетици. Иако ракометот е многу груб и машки спорт, а ние сме жени, сакам да ја покажам својата женственост. 

Кој е вашиот режим на исхрана?  

- Сакам да изгледам фит. Немам некој посебен режим, но внимавам на исхраната. Таа влијание на формата на спортистите. Секако,има денови кога едноставно се опуштам и не обрнувам внимание дали во текот на денот сум претерала со храна. Но, тие денови се многу ретки. Јадам секаков вид месо, обожавам риба. Миксот од зелена салата е мој приоритет.


Не престанав да сонувам

Луѓето никогаш не престануваат да сонуваат, особено младите, кои тежнеат да бидат што подобри  во својата професија. Со која ракометарка сакате да заиграте во иднина, во кој клуб?

- И не треба да престанеме да сонуваме и фантазираме. Така и си поставуваме поголеми цели во животот. Во досегашната кариера имав и имам голем број на ракометарки кои, кога бев помлада, ги гледав на телевизија и замислував еден ден да играм со нив. Сакам еден ден да играм заедно со Норвежанката Стине Офтедал, која игра во Ѓер. Имам минимална комуникација со неа и два пати се сретнавме во Големиот Фајнал4. Би сакала да ја запознаам одблиску. Мислам дека е прекрасен човек. Сакам да го гледам нејзиниот перформанс за време на играта. 

*Дали е тешко да се биде во врска со професионална спортистка, каков треба да биде човекот што ќе ја заслужи вашата љубов? 

- Не е толку тешко да се биде во врска со спортистка, во однос на тоа колку некој маж е спремен да биде дел од нејзиниот живот. Тоа е мое размислување. Освен спортот, ние исто така живееме нормален живот. Како обични луѓе. Да, имаме голем број на патувања, натпревари, тренинзи, нервоза, притисоци. За мене е битно ТОЈ човек да го разбере овој круг на живот. Сакам љубов, знам да дадам љубов. Понекогаш и поразот или разочарувањето може да се избалансира со саканиот. Немам прецизна дефиниција, но јасно во својата глава имам створено слика што сакам во животот. 

Соња Алексоска Неделковска