Се каравме за мојата килажа со Вукле: Росана емотивно за Драган Вучиќ
Својот пријател и колега Драган Вучиќ, пејачката Росана Сариќ- Тодоровска нагалено го викала Вукле. Росана е во голема тага и во шок од ненадејната смрт на Вучиќ, кој завчера утрото почина од вирусот Ковид-19. Вели дека е револтирана од луѓето кои го напаѓале, а ги следеле неговите емисии.
„Со Вукле како што го викав јас, па и некои други колеги, поминав 30 години во взаемна соработка. Тој беше човек, пред сè позитивен и секогаш другарски настроен. Почитувањето спрема мене и мојот сопруг е нешто возвишено кое го добивавме од него. Не паметам музички емисии во кои не сум била поканета од негова страна и испочитувана до крај. Ја знам Весна која е со сите другарски расположена и секогаш насмеана. Вукле не ја вадеше од уста, секогаш беше: „Моја Весна...“ Одгледаа дете за восхит. Паметен, вреден, скромен, секогаш на страна и врвен музичар како и тато, наш Мартин“, раскажа Росана за Вучиќ.
Таа се сеќава на многу нивни заеднички дружења, снимања, и смеење до рано наутро.
„Никогаш нема да го заборавам последното снимање кај него во автобус. Вака ми кажа: „На тебе Роки мора да ти направам две емисии, бидејќи сакам да се отвориш пред мене и публиката, бидејќи знам дека имаш многу нешта да кажеш. И навистина беше така. Меѓусебно малку се искаравме заради мојата килажа и неговата, и си ветивме дека ќе се вратиме на старо. Многу пати сум била револтирана од луѓе кои едноставно го напаѓаа а воедно и ги гледаа неговите емисии. Јас денес пак ќе кажам дека е неблагодарно да напаѓаш некого а да не го познаваш. Бар малку да го познаваа, ќе знаеја дека тој беше позитивен човек, полн со идеи кои и тоа како и ги реализираше. Уметник, пријател и вреден човек, и тоа како вреден“, вели Росана и додава дека ќе ѝ останат само убавите спомени од дружбата со нејзиниот Вукле.
„Жалам, многу жалам. Погодени сме од неговото заминување, не можам да се соземам. Моето семејство и јас сочувствуваме со неговото. Почивај во мир меѓу ангелите пријателу наш“.
М.Џаровска