Се возев на онкологија со градски превоз: Што зборуваше Марко Николиќ за болеста
Големиот актер Марко Николиќ, познат како Гига Попадиќ од култната серија „Подобар живот“, кој почина вчера во 72. година во Белград, се возел со градски превоз, пишува „Еспресо.рс“.
Многу граѓани на Белград често го среќавале во градскиот превоз, за кој како што велел го користел целиот свој живот. Со автобус и со трамвај тој одел на онкологија, каде што ја примал терапијата против канцер.
„ Навикнав на градскиот превоз, јас сум стар корисник, уште од студентските денови. Секогаш на онкологија одев со градски превоз. Фала му на Бога, сега сум подобар, одам еднаш во шест месеци“, изјави неодамна Николиќ за српската ТВ „Прва“. Актерот раскажал дека луѓето го препознавале и сакале да му отстапат место во автобусот.
Сцена од култната серија „Подобар живот“ која го прослави како Гига Попадиќ
„ Еднаш влегов во полн автобус, токму кај онкологија, едвај влегов од што беше полно. До мене стоеше едно многу крупно, високо момче. Онака мангупски ми рече: „Треба ли да кренам некого да седнете? Ајде бе, мајмуни, станувајте“, раскажал покојниот актер.
Со ракот, тој достоинствено се бореше три години. Отворено зборуваше дека откако се разболел, го сменил начинот на живот.
„ Не сакам да продавам лажен морал, но од страв престанав да пијам и да пушам. Страв од смртта. Кога дознав дека сум тешко болен, веднаш ги оставив цигарите и алкохолот. Тоа е моментот кога човекот е подготвен да направи сѐ, само да остане жив“, рекол актерот.