Се врати ведрината кај легендарниот Кире Лазаров- иако очите го издадоа за бројот на непроспиените ноќи
„После дождот доаѓа сонце“ вели еден стих на Тоше Проески. Токму така изгледаше македонската ракометна репрезентација по двата порази и по блесокот со непредвидливата и силна Швајцарија, на чело со ветеранот Шмид. Сите, цела Македонија, како да нѐ огреа силно берлинско сонце (како во една друга песна на Бајага), иако низ берлинските улици царуваше само студ и ноќна атмосфера.
Пред натпреварот швајцарскиот голман Портнер изјави дека поради неговите балкански корени, добро го познава македонскиот менталитет.
– Тие имаат „болни“ очекувања, ќе фрлат се на една карта и ќе се надигруваат, но ако не се пласираат понатаму, тоа ќе биде прифатено како трагедија. Медиумите и навивачите знаат да бидат навистина сурови, – гласеше неговата изјава.
По победата за миг, целата јавност, сите ракометни генијалци без лиценца, сите потенцијални селектори или барем можни нивни помошници, се прешалтаа и почнаа да пишуваат по бескрајните социјални мрежи прекрасни пофалби за нашите нови ракометни херои. А до вчера жестоко ги плукаа и бараа оставка од Кире и одговорност од тие над Кире. Иако, рака на срце, изданијата против великаните Франција и Германија беа далеку од просечни. Сето тоа се заборави (како што и треба) и нацијата е повторно јануарски среќна и на нозе пред своите ракометни херои. Акумулираните сарми, руски салати и кифлички, масовно конзумирани за време на изминатите празници, ни дадоа голема сила, па гласно и навивачки егзалтирано, во наш стил ги проследивме сите 60 минути пред своите телевизори. Веројатно така навиваа и среќниците коишто беа раштркани низ трибините во берлинската арена, оние со подлабок џеб или со вечен бесплатен чартер во автобусот на РФМ.
Стрпливо, храбро и мудро ја победивме Швајцарија, го освоивме третото место во групата на смртта и добивме потенцијално полесен противник во следниот жреб за Светското првенство. Иако, и таму е можно да ни се падне една Србија, или едни Фарски Острови.... Далеку било!
Се чини дека конечно го добивме тоа што го баравме последните неколку години. Лидер на репрезентацијата. Млад, брз, пробивен, храбар, со страшни перформанси на среден бек, каков што реално никогаш не сме имале во историјата на македонскиот ракомет. „Авиончето“ Марко Митев. Со своите 20 години и со сѐ горе набројано, конечно го покажа својот раскошен талент и му се наметна на Лазаров како одлично решение за проблематичната позиција среден бек.
Добивме и нов голмански ас меѓу стативите. Иако, тој уште пред неколку години покажа и докажа зошто е втор избор на Лазаров. Мартин Томовски. Неговите 12 неверојатни одбрани ги излудуваа Шмид и другарите, иако страшниот стрелец на својата лебедова песна успеа дури 12 пати да ја затресе нашата мрежа и се чини, неправено, да му ја одземе на Томовски титулата играч на натпреварот. Создравје нека си ја носи, како часовник за пензија.
Добивме уште неколку одлични играчи, кои во иднина треба да нѐ водат сигурно напред кон нови победи и кон тој фамозен континуитет на големите првенства. Бестрашниот бек Јагуриновски (бодрен од својата Германка во стручниот штаб!), прецизното и самоуверено крило Никола Костески, непогрешливите робусни пикери Лазаревски и Пешевски...
За двајцата Филиповци. Во една ваква констелација, со Митев како извонреден организатор на играта, си го најдоа своето вистинско место. Реализатори од 9 метри. Особено Кузмановски. Талески пак не ја решеташе толку често противничката мрежа, како што вети пред првенството, но даде огромен придонес во одбраната, со целото свое германско и португалско искуство.
Техничките грешки од 20 се намалија на 12 (што и понатаму е многу за големи натпреварувања!), а играта во одбрана на моменти беше одлична, сигурна и стабилна, како во најдобрите денови на нашата репрезентација.
И најважно од сѐ, реакцијата на ракометарите за секој постигнат гол покажа дека се врати борбеноста, верувањето во своите можности и желбата за победа. особини кои секогаш ја краселе нашата препрезентација на големите натпреварувања, па дури и кога играла со најдобрите европски и светски селекции. Го видовме светлото на крајот на тунелот. Се врати ведрината на лицето на нашата легенда Кире Лазаров, иако при неговата изјава по мечот, како очите да го издадоа за бројот на непроспиените ноќи на ова ЕП. Се наѕира некој нов репрезентативен костур, некои нови потенцијални херои, некои нови светли денови на македонскиот ракомет. Иако, пред селекторот и пред целиот тим стои уште многу, многу работа. Кои кадровски решенија на ова ЕП се покажаа како крајно неефектни или избрзани? Дали некои статисти, кои ако не беа воопшто на теренот, можеа ли да бидат заменети со некои други, подобри од нив пред тргнувањето? Имаме ли подобри ракометари од нив, кои останаа дома пред своите телевизори, наместо да бидат во Германија, особено во одбраната, која двапати се покажа како швајцарско сирење, пред да заличи на гранитна со Швајцарците.
За тоа ќе се размислува, полемизира во наредниот период. Убаво е да се слушне мислењето на стручњаците како на пример на Горан Ѓоргоноски, поранешен ракометар и репрезентативец. На стручни луѓе кои биле инволвирани во ракометот. На оние вистинските вљубеници во овој спорт. Да сугерираатпри изборот на ракометари, да нудат решенија за слабостите, во своите колумни или јавни настапи. А не приоритет да биде анализа на личноста на Лазаров, или пак на тие над него. На ова првенство советите беа добредојдени за стручниот штаб, како што нагласи Ѓоргоноски.
За Живко Мукаетов, претседател на РФМ. На трибините е меѓу фалангата. На паузата меѓу пушачите.Имав можност лично да се уверам во тоа.
Тој не и даде на македонската ракометна репрезентација само материјална поддршка.Неговата финансиска инфузија е составена од најважните витамини Љ ( љубов), Н (надеж) и Ж (желба) да ја издигне Македонија на ракометниот врв. Првпат по десет години пауза, сите три машки селекции на Македонија – кадети, младинци и сениори ќе играат на Европските првенства. Затоа,аплаузи и за Живко Мукаетов.
За навивачите. Единствени, незаменливи. Долго посакувана победа, наплив на емоции, црвено жолта еурофорија, сплотеност, љубов. Македонија!
Тања , мајката на голманот Томовски најдобро ја опиша атмосферата во Мерцедес Бенз Арената во Берлин по победата и нивниот менталитет. „Навивачите иако распрскани низ салата, ечеа со навивање.Тапанот тупаше како срцата наши во едно. Хармонија синхроницитет измешан со еуфорија. Македонците дојдени од сите страни на светот, дури и од Каиро. Браво херои македонски - ја затворите Брандебуршката порта и сега може слободно да поминете низ Триумфалната капија. Македонија ве чека јунаци наши“. Вечерва напишавме историја.Македонија вечна“.
За МРТВ која го пренесува европското ракометно првенство. Модерно студио, одлични коментатори, добар избор на соговорници. Спортската редакција е бисер на националната телевизија.
Нашите ракометни јунаци набрзина се спакуваа и веќе се во својата татковина. Да раскажуваат уште долго за уште еден јануарски подвиг на македонскиот ракомет.
Соња Алексоска Неделковска