Севда, Алиња и Мира: Трите предвремено родени бебиња, но големи борци си заминаа дома

Добивај вести на Viber

Убава вест утринава пристигна од Универзитетска Клиника за Гинекологија и Акушерство - Скопје. Од таму соопштија дека три предвремено родени бебиња си заминале дома.

„Деновиве уште три наши мали, предвремено родени бебиња, но големи борци си заминаа од одделението за интензивна нега и терапија.

Мира Мустафа е родена во 29 гестациска недела со тежина од 1330 грама, дома во прегратките на мама и на тато ја испративме по 43 дена со тежина од 1870 грама.

Алиња Алили, родена во 27 гестациска недела со тежина од само 1100 грама, замина од ОИНТ по 53 дена со тежина од 1900 грама.

Најдолго не дружеше нашата Севда Мустафовска која е родена во 25-та гестациска недела со тежина од само 750 грама, се бореше заедно со тимот медицински сестри, акушерки и лекари цели 96 дена и достигна 1810 грама за да може да замине како здраво бебе кај своето семејство.

Клиниката за гинекологија и акушерство и тимот од интензивна нега и терапија им благодари на овие храбри бебиња затоа што секојдневно ни покажуваа колку е вреден животот и ни даваат сила да го издржиме секој нов ден.

Ви посакуваме среќно и спокојно детство, многу успеси, а на вашите семејства насмевката никогаш да не им се симне од лицата“, соопштија од ГАК.