Прерано починатата музичка ѕвезда, Тоше Проески се отвори за вистинските вредности, за пријателите, за сериозните животни предизвици што ги носи популарноста...
Сите тие работи ги раскажа во своето последно интервју за емисијата „Вртелешка“, вечерта пред кобната несреќа.
За темпото на работа
Максимално е и многу е тешко да се издржи. Шминкање, вадење шминка.. Пакување, распакување.. Преку глава ми е. Кога би можел да се телепортирам од концерт на концерт би бил најсвежиот човек на светот. Сакам да се тргнам настрана, но не можам. Машинеријата ме зеде во бубањ, како што велат старите. Нема враќање назад. За голема среќа многу ме радува што на сите тие концерти можам да се дружам со луѓето со кои енергетски се ревитализирам.