Си ја повредив главата и пеев како ранета: Малер на Анета Наковска
„ Засекогаш ќе ги запаметам тие денови пред и за време на Новата година во 2007 година. Постојано ме тераа некои малери“, ни раскажа фолк-пејачката Анета Наковска која со нејзиниот партнер, бизнисменот Спиро Крлевски, веќе неколку години живее на релација Македонија-САД.
„ Со Јасминка Мукаетова, Кристина Арнаудова, повеќе пејачи отидовме во Суботица на снимање на новогодишна програма за една нивна телевизиј. Супер си поминавме на снимањето, беше многу весело. Кога се вративме во хотелската соба, јас многу длабоко се исеков со жилет на прстот. Сите кренавме паника, имаше многу крв. Но, колегите ми помогнаа, ми го превиткаа прстот. Потоа, во еден наш таблоид прочитав дека таа вечер сум завршила во кревет со Ѓорѓи Крстевски. А сите беа сведоци дека ми беше многу мачно, имав болки, камо ли такво нешто да се случи? Но, добро, не се налутив, жолт печат, тоа ти е. Одиме понатаму, си реков. Утредента, од Белград со Јасмина Мукаетова летавме за Малме, таму имавме предновогодишен настап со неа и со Благоја Грујовски во една дискотека. Јас бев нервозна поради прстот во завој, не можев ништо да носам. Само што не пречекаа пријателите на аеродром во Малме, Јасмина незгодно зачекори и си ја превитка ногата, за малку не си го шина зглобот. Јас пак, влегувајќи во автомобилот на пријателите, си ја удрив главата во вратата, ми се чини дека сите ѕвезди ги избројав. Потоа, кога стасавме во хотелот ми се откачи завесата во бањата и повторно ме удри во главата. Кога излеговме на сцена да пееме, бевме како ранети. Јасмина шепаше со ногата, јас со прстот превиткан и со голема главоболка. За среќа, настапот помина одлично и нашинците во Шведска супер не прифатија. Ете, таа година мислам дека ги собравме сите баксузи, хахаха“, ни раскажа пејачката.